Регион

Партијата на Вучиќ победи на изборите во Србија

Александар Вучиќ , избори април 2022 Фото: Фејсбук страна

Невладината организација со седиште во Србија, која ги набљудува парламентарните избори, ЦЕСИД, соопшти дека српскиот претседател Александар Вучиќ, во првиот круг од претседателските избори освоил уште еден петгодишен мандат, а неговата Српска напредна странка СНС освоила најмногу гласови на парламентарните избори и повторно ќе доминираат во парламентот од 250 места.

ЦЕСИД соопшти дека Вучиќ освоил 59,8 отсто од гласовите на претседателските избори, додека неговата СНС освоила 43,5 отсто од гласовите на парламентарните избори. Нејзината партнерска партија, Социјалистичката партија на Србија, СПС, освои уште 11,6 отсто, давајќи им убедливо мнозинство.

Проекцијата на невладината организација покажува дека главниот претседателски противкандидат на Вучиќ, пензионираниот генерал Здравко Понош освоил 17 отсто од гласовите.

На парламентарните избори, коалицијата „Обединети за Србија“, најсилната опозициска опција, освои 12,9 отсто, а зелено-левичарската опозициска коалиција „Морамо“ („Мораме“) освои 4,4 отсто.

Прагот го преминаа и неколку десничарски опции, вклучително и НАДА, која освои 5,4 отсто, „Заветници“, која освои 3,9 отсто и „Двери“, која освои 4 отсто.

Во своето обраќање пред симпатизерите и медиумите во седиштето на партијата, Вучиќ рече дека резултатите покажуваат дека земјата оди во вистинската насока и дека е горд на изборните резултати.

„Тоа покажува, на она што сум невообичаено горд, дека по Никола Пашиќ (премиерот на Србија и Југославија на почетокот на 20 век), јас ќе бидам Србинот што беше најдолго на власт во нашата земја“, рече Вучиќ на пресот.

„Сакам да кажам дека сум горд на нашата кампања, која беше најчиста и најубава, и дека сум горд што никого не сме клеветеле“, додаде Вучиќ.

Саша Драгојло