Регион

Пацоли поднесе документација „која ги докажува српските злосторства“

Беџет Пацоли. Фото:http://www.behgjetpacolli.com/

Пацоли  соопшти дека на косовското обвинителство му предал „илјадници документи кои ја докажуваат геноцидната политика на Србија кон Косово“ и кои нудат докази за масакрите на Војската на Југославија, српското Министерство за внатрешни работи, паравоените сили контролирани од Белград и локалните вооружени групи, извршени за време на војната во Косово.

Пацоли на Твитер напиша дека во моментов сторителите „слободно шетаат по Белград“ и дека меѓународната правда „потфрлила во овие злосторства“.

На прес-конференцијата што ја одржа на 10 декември, тој посочи дека поседува 10.000 страници документи, што не биле користени во судски постапки, кои докажуваат дека Србија во Косово извршила воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

Тој додаде дека документите ги детализираат злосторствата и дека околу 95% од наводните злосторници спомнати во нив, не се обвинети.

Пацоли објасни дека документите биле „добиени преку законски пат од различни извори“, но не даде детали за какви документи станува збор и од каде потекнуваат.

Српските власти ги отфрлија тврдењата на Пацоли.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека тој самиот има „тони материјал кој најдобро зборува за тоа кој кого го избркал од Косово и Метохија“ и дека е подготвен да им го даде на обвинителите за воени злосторства во Хаг.

Пацоли, исто така, вчера нагласи дека српското Министерство за внатрешни работи ги „фалсификувало документите“, што ги користел специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, кој во својот извештај од 2010 година, наведе дека припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се одговорни за воени злосторства.

Извештајот на Марти, на крајот доведе до формирање на специјален суд  (Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово) со седиште во Хаг, пред кој на поранешни припадници на ОВК ќе им се суди за злосторства извршени меѓу 1998 и 2000 година.

Пацоли истакна дека употребата на документите, кои Србија, наводно, ги фалсификувала, е како да ги „употребите нацистите за гонење на Евреите кои се бореа за слобода“.

Директорот на Канцеларијата за КиМ на Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, одговори со изјавата дека Пацоли ги игнорира „невините жртви“ и ги негира „злосторствата на терористичката ОВК“.