Репортажи

Победа си е победа, макар и во минус

Со песна се прославуваше победата пред Белата палата | Фото: БИРН

На избори на кои едно од главните прашања не беше кој повеќе добил, туку кој помалку загубил од претходното соочување наваму, ВМРО-ДПМНЕ најде повеќе од доволно причини да прославува победа. Нивниот противник СДСМ е во минус од 97 илјади гласа во однос на локалните избори во 2017 година. Или, владејачката коалиција на СДСМ, ДУИ и други помали партии загуби 287 илјади од гласовите „за“ што ги доби на референдумот во 2018 година.

Сето тоа придонесе и со еден од најслабите резултати во историјата на ВМРО-ДПМНЕ, за  16 илјади гласа послаб од оној што ја потемне Белата палата на локалните пред година и пол, овојпат таа да сјае од еуфорија. Со помала бројка гласови од онаа што го означи крајот на Никола Груевски, се најави новиот почеток на Христијан Мицкоски како признаен лидер на партијата.

Опозициската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова беше само еднаш во водство при ажурирањето на резултатите на официјалната страница на Државната изборна комисија, и тоа со само неколку десетици гласа пред противкандидатот Стево Пендаровски. Но, дури и во моментите кога кандидатот на власта имаше 17 илјади гласа предност, ќе се најдеше некој низ ходниците или на плоштадот пред зградата што ќе погледнеше порака на телефонот и ќе извикаше – „водиме со три илјади разлика“, а потоа веднаш следуваа скандирања „ВМРО-ДПМНЕ“ и „Македонија“.

Конечниот резултат од  околу четири илјади гласа во минус воопшто не го намали победничкото чувство кај членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, како што рече Мите Костов од коалициската партија на Власите, тие победиле сами против сите.

„Тие се 31 партија плус ДУИ, а ние сме сами. Голема е разликата. Овој резултат е големо охрабрување за нас“, им објаснуваше Костов на присутните во прес-салата на опозицијата.

Победа на Македонија против Северна

Тони Михајловски за името: Нема да биде чудо ако го вратиме | Фото: БИРН

Стотина млади поддржувачи на партијата се погрижија славеничката атмосфера во ниту еден момент да не загуби на интензитет. Насмеаните лица на портпаролите Наум Стоилковски и Димче Арсовски, уште во 19.30 часот навестија какво ќе биде расположението во партијата  на изборната вечер. Во 20 часот веќе беше најавена првата прес-конференција на генералниот секретар Игор Јанушев, па подмладокот се собра во прес-салата за да го збогати амбиентот со стадионско навивање.

Јанушев само што не скокна на бината, пробивајќи се низ поддржувачите од кои половина го скандираа името на партијата, а половина гледаа во телефоните и коментираа дека „не им се верува дека и во Струмица водат“.

„Водиме во огромен број места. Битола, Велес, Аеродром, Драчево, веќе победивме во Пехчево. Ова е голема победа на народот против власта, победа на Македонија против Северна“, извика генералниот секретар.

Сите сакаа да покажат дека се дел од „новото време“ за партијата | Фото: БИРН

„Никогаш северна, секогаш Македонија“ се извикуваше и во салата и пред зградата, каде што се префрли прославата по оваа прес-конференција, со звуците на „Нешто ќе те питам бабо“ на „Некст тајм“ и „Проклети да се предавниците“ на Гоце Арнаудов. Прославата на моменти наликуваше на протестите против промената на името од минатата година, и покрај тоа што партијата не беше вклучена во нив, а по уставните измени таа во ниту еден момент не вети јасно дека ќе го поништи Преспанскиот договор кога ќе добие таква можност.

Членот на Извршниот комитет Тони Михајловски се обиде да даде објаснување за оваа навидум противречна позиција.

„Јас и Зоран Заев не припаѓаме на истиот народ. Јас припаѓам на забранетиот народ, а тој на еден измислен народ. Којзнае, можеби еден ден Македонија и Северна ќе бидат добри соседи“, рече Михајловски, додавајќи дека „ако 22 века сме немале држава, не е никакво чудо да се врати името на државата, особено што и на светската сцена ќе се менуваат работите“.

Малку одмор, па пак на работа

Кандидатката Силјановска-Давкова очекува победа во вториот круг | Фото: БИРН

По еден час поминат во споредба на информациите на ДИК за водството на Пендаровски и анализите на ВМРО-ДПМНЕ за предноста на Силјановска-Давкова од неколку илјади гласа, салата почна да се полни со познати партиски лица, како Орце Георгиевски, Тони Михајловски, Влатко Ѓорчев и други. Тогаш се најави завршната прес-конференција на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова и лидерот Христијан Мицкоски.

Силјановска, како што ја помина целата кампања, така ја прослави и прогласената победа – мирно, тивко и без никаква еуфорична реакција. Одржа лекција за право и правда, рече дека ако се сметаат гласовите за кандидатот Блерим Река, јасно е дека опозицијата победила, а бидејќи и тој се залагал за правна држава, уште појасно било дека очекувањата се најизневерени токму во таа област. Само во еден момент го напушти академскиот речник, кога, иако не директно, го нападна противкандидатот.

„Мора да се стави крај на транзицијата, на транзиционите профитери, материјални и интелектуални, недоучени, нереализирани, фрустрирани, кои во сиот период на самостојна и независна Македонија трчале од функција на функција, тие колку години стаж имаат, толку имаат и функции, и сега сакаат да завршат со највисоката – претседател на Република Македонија“, рече таа.

Потоа застана на страна меѓу членовите на Извршниот комитет, отстапувајќи му ја говорницата на лидерот Мицкоски, кој беше многу подиректен.

„Драги браќа и сестри, почитувани граѓани на Република Македонија – победивме. Македонија има нова реалност. Победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот против СДСМ и неговата однародена власт. Почна падот на Зоран Заев и секој треба да биде свесен за тоа“, рече тој.

„Да ме објавиш“ – симпатизерите сакаа што повеќе да ја рашират својата еуфорија | Фото: БИРН

Раскажувајќи во кои сѐ места освоиле подобар резултат и што значи тоа, постојано беше прекинуван од „навивачите“ зад камерите. Атмосфера „како во старите добри времиња“, коментираа од страна членовите на Извршниот комитет. Лидерот не говореше многу, повика сите да се обединат за да победат во вториот круг и да ѝ донесат победа на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

Пресот го означи крајот на прославата. Петнаесетина минути подоцна, пред влезната врата на Белата палата останаа само дваесетина луѓе од врвот на партијата, гласно коментирајќи ги резултатите. Можеше да се слушне Влатко Ѓорчев како анализира дека од гласовите на Пендаровски само 250 до 270 илјади се на СДСМ, а другите се од ДУИ и од малите партии. Се разотидоа за кратко по пораката на лидерот Мицкоски – „ајде сега да одмориме малку, од утре пак имаме работа“.