Регион

Поднесена пријава за воени злосторства против генералот Јован Дивјак

Полициската управа на босанскиот град Требиње, поднесе пријава за воени злосторства против пензионираниот генерал на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), Јован Дивјак, за наводни злосторства против Србите извршени за време на војната во БиХ, 1992-1995 година.

Јован Дивјак. Фото: Викимедиа комонс/Леонтом 16

Полициската управа на Требиње, до Обвинителството на БиХ поднесе пријава за воени злосторства против Јован Дивјак, пензиониран генерал на АБиХ, поради постоење на сомнение дека извршил кривични дела над цивили и злосторства против човештвото, во општина Коњиц, во 1992 година, објави Радио Телевизија Србија, РТС.

Според обвинението, Дивјак знаел за постоењето на логорот Челебиќи, каде што бошњачките и хрватските сили држеле воени затвореници, но не направил ништо за да го спречи апсењето на повеќе стотици српски цивили, објави РТС.

Дивјак е обвинет и дека охрабрувал политика која довела до прогон на повеќе од 600 лица од српска националност и до нивно притворање во логорот.

Пензионираниот генерал на АБиХ е обвинет и за кршење на меѓународното хуманитарно право, особено на одредбите од Женевската конвенција.

Босанските медиуми јавија дека Дивјак за ова дознал од медиумите, но оти немал коментар.

Логорот Челебиќи бил активен од мај до декември 1992 година. Во него биле притворени воени затвореници, босански Срби, од кои повеќето биле цивили.

Србија досега во неколку наврати бараше апсење на Дивјак, заради негова наводна вмешаност во напад на конвој на Југословенската народна армија, ЈНА, кој во мај 1992 година, се повлекувал од Сараево.

Дивјак е личноста околу која Србите се поделени, бидејќи, иако неговите родители биле Срби, тој, за време на војната, бил командант на АБиХ, чии припадници главно биле Бошњаци.

Објавено и на Балканска тразнициска правда