Регион

Претседател на црногорска општина обвинет за негирање на геноцидот во Сребреница

Претседателот на општина Никшиќ, Марко Ковачевиќ |Фото: Парламент на Црна Гора

Државното обвинителство поднесе обвинение против претседателот на општината Никшиќ, Марко Ковачевиќ, за поттикнување национална, расна и верска омраза, поради неговите изјави во медиумите во кои тој го негира геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година.

„По собирањето на потребните докази, Вишото обвинителство во Подгорица поднесе обвинение, а Вишиот суд во Подгорица ќе треба да го потврди“, изјави државниот обвинител, Лепа Меденица, за порталот ЦДМ.

Во интервју за ТВ Курир од Србија на 19 јуни, Ковачевиќ изјави дека не бил извршен геноцид за време на воените операции на Војската на Република Српска (ВСР) во Сребреница во јули 1995 година.

Откако беше сослушан од државните обвинители на 18-ти август, Ковачевиќ за медиумите рече дека е „жртва на антисрпска кампања“.

„Ова е дел од поширока акција против Србите. Постојат докази дека илјадници Срби биле убиени за време на војните во поранешна Југославија, а ниту еден воен злосторник не е казнет. Виновни се само Србите“, истакна  Ковачевиќ.

Ковачевиќ е член на просрпскиот Демократски фронт, најсилниот сојуз во владејачката коалиција на Црна Гора, која упорно одбива да ги прифати пресудите на меѓународните судови, со кои убиствата во Сребреница се оквалификувани како геноцид.

Во јули 1995 година, повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња од Сребреница, беа убиени во серија масакри од страна на српските сили, додека над 40.000 жени, деца и стари лица беа протерани.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, го оквалификуваа ова злосторство како геноцид.

Црногорскиот парламент на 17 јуни го смени министерот за правда, човекови  и малцински права, Владимир Лепосавиќ, откако тој, исто така, изрази сомневање во пресудите на Хашкиот трибунал, кои ги оквалификуваа масакрите во Сребреница како геноцид.

Опозициските пратеници и пратениците од Коалицијата Црно на бело, која исто така е дел од владејачката коалиција, гласаа за негова смена. Останатите два блока од владејачката коалиција, односно За иднината на Црна Гора и Мирот е нашата нација, не ја поддржаа неговата смена.

Истиот ден, црногорското собрание усвои резолуција за признавање на геноцидот во Сребреница, која беше поддржана од претставници на опозицијата и два водечки мнозински блока- Мирот е нашата нација и Црно на бело.

Резолуцијата повикува на забрана на јавното негирање на геноцидот во Сребреница и ги повикува државните институции да спроведат истраги и да ги гонат воените злосторства.

Демократскиот фронт и другите партии од најголемиот блок на владејачката коалиција, За иднината на Црна Гора, гласаа против резолуцијата, нарекувајќи ја провокација насочена против Србите во таа земја.

Samir Kajosevic