Сити радио, Клуб ФМ и Метрополис ја повлекуваат кампањата за пре-еманципирани жени која неколку дена одеше во етер, а за која БИРН веќе објави дека содржи сериозни елементи на дискриминација и сексизам.
„Овие медиуми воопшто немаа намера да го навредат интегритетот на жената, ниту пак некого да дискриминираат. Напротив, целта на овој, за нашата публика нов, медиумски наратив беше сите кои претеруваат, со посебен акцент на оние кои газат се пред себе (за кои впрочем е и наменета кампањата) да се потсетат што е етичко, што сакаат, колку можат и колку треба“, се вели во соопштението на радијата објавено на социјалните мрежи.
Спотовите беа емитувани на радијата неколку дена, а по денешното обелоденување на случајот и реакциите на Агенцијата за медиуми, слушателите, како и бројните критики на социјалните мрежи и на активистите за родова еднаквост, медиумите одлучија да ги повлечат.
Агенцијата за медиуми веќе констатираше дека со кампањата е прекршен Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Седумте спотови кои беа емитувани во текот на кампањата содржеа голем број дискриминаторски елементи кои ги таргетираа жените кои „трчајќи по пикирани кариери ја загубиле својата женственост и газеле се пред себе“.
„Еманципирани кучки“, „Имаш се, само немаш секс“, беше само дел од реториката која се споменуваше во кампањата на радијата, со цел да се доведе во корелација како може да заврши една „прееманципирана жена“ на која ѝ е најважна кариерата.