Со затворањето на гласачките места во 19 часот заврши референдумското изјаснување на прашањето за поддршка на Договорот од Преспа како услов за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Гласањето го одбележа трката по цензус, особено што референдумското прашање не доби поддршка од најголемата опозициска партија која остави на членството само да реши дали ќе излезе да гласа, а се формираше и камп за бојкот на гласањето.
За да биде успешен на гласање треба да излегле над 50% од регистрираните гласачи. Државната изборна комисија на прес конференција веднаш по затворањето на гласачките места соопшти дека излезноста до 18. 30 часот, врз основа на обработени 84,83% податоци е 34,09%.
Во меѓувреме во Александар палас каде е штабот на коалицијата „Излези за Македонија“ и пред Собранието каде се приврзаниците на „бојкотирам“ сè е во очекување на финалната пресуда за одзивот на гласачите.
Според прес конференциите одржани во текот на денот гласањето минало со помали инциденти. Регистрирани се вербални напади, влијание на гласачите, еден напад врз полицајци поради што е покрената кривична пријава.
Поплаките што стигнале до ДИК главно се однесувале на жалба на гласачите што не се нашле во избирачкиот список и сите биле одбиени бидејќи немало правна основа за нивно прифаќање.
Процесот на изјаснување го следеа речиси 12 илјади домашни и 500 странски набљудувачи, од кои најбројни се претставници на ОБСЕ. Тие утре на прес конференција ќе дадат оценка на избирачкиот процес.