Со извадоци од преку 40 разговори на челните луѓе на ВМРО ДПМНЕ, лидерот на СДСМ денеска го разоткри грдото лице на манипулациите, притисоците и заканите на парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година.
Од менаџирањето на адресите на кои биле пријавувани гласачите од Пустец, па се до циркусот на самиот ден од гласањето кога тие „човечиња“ се држат за рака и гласаат обезбедувајќи ја изборната победа на ВМРО ДПМНЕ.
Од потценување, исмевање и поткуп на гласачите, па се до отворени признавања за ставање на полицијата и другите институции во функција на логистика на изборите во полза на партијата.
Од директни закани по работното место на оние кои се дрзнале да стават „лајк“ на Фејсбук страницата на кандидатот на опозицијата Андреј Жерновски, па се до монструозната порака до „мајмунот“ од ФФМ дека ќе си го најде семејството во ендек.
Сето ова го обелодени СДСМ преку извадоци од над 40 телефонски разговор на денешната прес- конференција, која досега беше најдолга во серијата што опозициската партија ја именува како „Вистината за Македонија“.
„Зборувавме дека Никола Груевски ги краде изборите, дека со фалсификат изборни циклуси се одржува на власт, дека за таа цел противуставно и противзаконски ги користи сите државни институции, дека употребува неуставни и незаконски механизми за контрола на гласачкото тело. Денеска почнуваме да ги разобличуваме изборните грабежи што го прави Никола Груевски со неколкумина негови соработници“, рече Заев и најави дека ќе следуваат „уште пострашни примери на изборни манипулации“ што ќе бидат обелоденети во вторник во живо во Универзална сала во Скопје.
Со одговор веднаш се огласи владејачката ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека „партијата имала јасна, чиста и убедлива победа на изборите“.
„Преку денешната прес-конференција, тој (н.з.Заев) сака да ја убеди јавноста дека изборните процеси не биле регуларни и дека стотиците илјади граѓани кои гласале по свое убедување за ВМРО-ДПМНЕ всушност не гласале и гласале против својата волја. Но, секој граѓанин кој гласал за ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае дали гласал и зошто гласал“.
Во меѓувреме, на снимените разговори можеа да се чујат гласовите за кои СДСМ тврди дека им припаѓаат на челниците на ВМРО-ДПМНЕ: премиерот Груевски, министрите Јанакиески, Јанкулоска и други.
Разговор на министерката Гордана Јанкулоска со генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски во кој се говори за менаџирање на адресите на личните исправи на гласачите од Пустец. Јанкулоска, според тврдењата на СДСМ, признава дека во одредени станови биле впишани дека живеат и по 50 гласачи.
Разговор на Јанкулоска со координаторка на партијата во која се говори како да се распоредуваат фиктивните живеалишта на гласачите од Пустец.
Премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески разговараат како одат резултатите во Центар на првиот круг од локалните избори во март 2013 година. Резултатите во општина Центар не одат во прилог на партијата, а премиерот Груевски се покајува што на првиот круг од изборите не биле вклучени жителите од Пустец, Албанија.
Гордана Јанкулоска му раскажува на шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер како гласале гласачите од Пустец. Во разговорот, Јанкулоска се исмева со нив, нарекувајќи ги „човечиња“.
Министерот за транспорт Миле Јанакиески советува како да се влијае на гласачите.
Јанакиески предлага како да се реши такси компанијата која превезувала „комуњари“ да гласаат во Центар.
Разговор на Јанакиески и непознат соговорник за поткуп на гласачите од Мала станица со брашно, за да не почнат „да бамборат по улици и да негодуваат“.
Јанакиески ѝ дава инструкции на Ирена Мишева, претседавачот на Советот на град Скопје каква порака да им се испрати на учителките за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Непознат соговорник на министерот Јанакиески му се жали дека некои од вработените ставаат „лајк“ на фан-страницата на Фејсбук на кандидатот за градоначалник на Центар од опозицијата, Андреј Жерновски. Тие договораат како да ги исплашат вработените дека Жерновски ќе ги брка и како притисокот да биде ефикасен.
Поранешниот сопственик на Канал 5 Емил Стојменов и Мартин Протоѓер разговараат како да се минимизира ефектот од емисија што ја сметаат за проблематична.
Премиерот Груевски му пренесува порака од „Сашо“, да се прават што повеќе неважечки ливчиња на првиот круг од локалните избори во општината Центар.
Јанакиески бара од претседателката на Советот на град Скопје која воедно е и член на Одбор на директори на Т-мобиле, Ирена Мишева, да го стави „вон употреба“ телефонскиот број на СДСМ за да не можат да лобираат.
Министерката Јанкулоска на непознат соговорник му објаснува дека Министерството за внатрешни работи е претворено во штаб за време на локалните избори.
Јанкулоска му објаснува на Јанакиески како МВР се справува со автобусите кои превезуваат демонстранти од СДСМ.
Јанкулоска и министерот за здравство Никола Тодоров го договараат „тонот со кој МВР треба да го процени вториот круг од локалните избори“, со оглед на тоа што имало инциденти и од „нивни“ луѓе.
Јанкулоска на пратеникот Славе Гошев му ги објаснува методите за изнесување на ромските гласачи на вториот круг од изборите во Струмица.
Разговор на Јанакиески со Протоѓер за проблемот што Фудбалската федерација не пушта карти за натпреварот Македонија – Ирска на 4 јуни 2011 година, за време на изборниот молк кога на арената „Филип Втори“ се одигра првиот натпревар. Разговорот што го води Протоѓер најверојатно се однесува на Харалампие Хаџи – Ристески, тогашен претседател на ФФМ, кој во 2012 година поднесе оставка.