Интервјуа

Шурман: Власта не ги штити македонските граѓани

„Македонија има сериозен проблем со владеењето на правото. Сведоци сме на тренд во кој мнозинството се обидува да се наметне врз малцинството. Тоа ме загрижува“, вели во интервју за БИРН, холандската амбасадорка пред заминување, Мариет Шурман

Мариет Шурман: Ме прашувате дали земјата многу се сменила: Не! Но ќе бев среќна да видев повеќе промени | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Ќе бев среќна да видев повеќе промени

Амбасадорката Шурман, која се подготвува за следната функција како специјален претставник на НАТО за жените, за безбедноста и мирот, вели дека жали што за време на нејзиниот тригодишен престој во Македонија не можела да помогне повеќе во трансформирањето на земјава и во приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО.

„Во извесна мера, заминувам од истата земја каква што ја затеков во 2011 година и веројатно тоа е дел од проблемот… Морам да признам дека не бев во можност да помогнам во онаа мера колку што посакував – вели Шурман. Ме прашувате дали земјата многу се сменила: Не! Но ќе бев среќна да видев повеќе промени“.

Како дипломат од кариера, Шурман е една од најискусните од оваа област во својата земја. Пред да дојде во Македонија работела во дипломатските претставништва на Холандија, во Судан и во Русија, и во холандското Министерство за надворешни работи како асистент за хуманитарна помош за Балканот.

При престојот во Македонија, холандската амбасадорката изгради репутација на поборник за човековите права, особено за маргинализираните групи. Беше еден од главните поддржувачи на отворањето на првиот ЛГБТ-центар во Скопје. Таа вели дека е „разочарувачки“ што властите сè уште не ги расветлија нападите врз центарот и неговите членови и што сторителите се на слобода.

За Шурман е неразбирливо зошто Владата, и покрај фактот што опозицијата е отсутна од парламентот, инсистира на пакет-уставни измени кои, меѓу другото, ќе го дефинираат бракот, но и вонбрачните заедници како исклучиво хетеросексуални заедници.

„Штета е што ова прашање толку се исполитизира. Дискусијата не е за тоа дали бракот треба да стане достапен за хомосексуалците. Се чини дека дискусијата се насочува на поделба на општеството и со цел да се демонстрира сила. Уставот е тука за да ја воспостави структурата на државата и да ги гарантира правата на поединците, а овие амандмани ги ограничуваат граѓанските права“, вели Шурман.

Според неа, Македонија има сериозен проблем со владеењето на правото бидејќи: „граѓаните веќе не се чувствуваат заштитени од страна на властите кои според Уставот би требало да ги штитат нивните права, а особено правата на малцинствата… Во Македонија ние сме сведоци на спротивен тренд каде што мнозинството се обидува да се наметне врз малцинството. Тоа ме загрижува“.

Поради својот често критички став, амбасадорката и самата беше мета на вербален напад со сексистичка конотација од страна на одредени ТВ-водители кои ја поддржуваат владината политика. За тоа таа вели дека не е особено загрижена, затоа што како дипломат ги претставува ставовите на својата земја без оглед дали тие некому му се допаѓаат.

„Вие можете да го застрелате гласникот, но нема никогаш да го замолчите испраќачот и да ја задушите пораката. Затоа и не бев засегната од овие обиди од некои луѓе што себеси се нарекуваат новинари“.

Неа повеќе ја загрижува тоа што голем број вербални напади и говор на омраза против македонски граѓани поминуваат неказнето од страна на властите.

„Тука не се работи за заштита на странски претставник, бидејќи јас ја имам својата влада да ме заштити, туку за заштита на оние кои немаат никој друг освен македонската влада за да ги заштити од говорот на омраза кој понекогаш не е воопшто невин и кој повикува на насилство. Тоа не може да се толерира и владините службеници треба да реагираат по службена должност, но, за жал, тоа не се случува.

„Со нереагирањето на институциите – вели таа – се создава впечаток дека нападите се спонзорирани од страна на власта и дека се користат како инструмент за заплашување и замолчување на луѓето“.

Мариет Шурман: Вие можете да го застрелате гласникот, но нема никогаш да го замолчите испраќачот и да ја задушите пораката | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Можете да го застрелате гласникот, но нема да го замолчите испраќачот на пораката

Под водство на Шурман, холандската амбасада посвети особено внимание на јакнењето на слободата на говорот. Амбасадорката вели дека слободните медиуми мора да останат приоритет ако земјата еден ден навистина сака да стане дел од заедничките европски вредности.

„Почнувајќи од 2011 година, недостатокот на слободни медиуми и независно судство се двете главни забелешки во Извештајот за напредок на Европската комисија. Дури и Владата во рамките на претпристапниот дијалог (со Брисел) рече дека ова се нејзините приоритети, така што ние се обидувавме да најдеме начини како да помогнеме со финансии насочени кон институциите и граѓанскиот сектор. Се работи за достапност до правдата и за достапност до квалитетно информирање“.

Шурман е родена во Креил, населено место во Холандија кое се наоѓа на североисточниот полдер, парче земја кое порано било дел од морето. Полдерите, земјени маси создавани како резултат на долгата борба на тамошното население против заканата која доаѓа од морето, се типични за Холандија. Потребата на Холанѓаните да ги стават на страна своите разлики и да се обединат во борбата против заедничката закана го родила таканаречениот „полдер модел“ на разбирање на демократијата и заедништвото од кој Македонија има што да научи.

„Ние сме општество базирано на консензус бидејќи разговараме сè додека не се договориме. Иако оваа холандска традиција знае да биде здодевна, бидејќи понекогаш донесувањето одлуки може да трае многу долго, сепак таа создава многу силна јавна поддршка. Така, кога некоја одлука треба да се спроведе, нема поткопувања и премислувања“.

Шурман вели дека е штета што во Македонија нема вистинска дебата за крупните прашања кои ги засегаат сите граѓани, како на пример за меѓуетничките односи, проблемот со загадувањето или квалитетот на образованието.

„Не постои јавна дебата ниту на телевизија, ниту во парламентот, ниту помеѓу граѓанското општество. Ова скапо ја чини земјата оти проблемите не исчезнуваат ако за нив не дискутирате“.

Впечатокот што македонските политичари го оставиле врз холандската амбасадорка е дека тие често го ставаат своите партиски интереси над државните, што е закана не само за поединечното добро на граѓаните, туку и за опстанокот на целото општество.

Шурман наскоро заминува во средиштето на НАТО, каде што ќе ја преземе функцијата претставник за жените, безбедноста и мирот. Нејзината нова функција значително ќе ја зајакне застапеноста на Холандија во водечките структури на Алијансата.

„Објаснето со едноставни зборови мојата функција ќе биде не само да работам на заштита на жените од насилство во воените подрачја, туку и на нивна мобилизација против насилството“.

Холандската амбасадорка е убедена дека местото на Македонија ѝ е во ЕУ и НАТО, но вели дека е многу тешко да се предвиди каде ќе биде земјава за пет години. „За тоа многу се важни одлуките кои ќе ги носат овдешните политичари“, вели Шурман.

„На долг рок Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ и НАТО. Не се сомневам во тоа. Само прашање на време е кога тоа ќе се случи. За пет години, знаеме, дека Македонија сè уште нема да биде полноправна членка на ЕУ, но тоа до некаде зависи од стратешките одлуките на македонските лидери кои се носат сега. Тие ќе мораат да одлучат дали навистина сакаат да се приклучат и дали се спремни да најдат решенија за внатрешните и надворешните прашања или, пак, се откажуваат од европската агенда“.

Амбасадорката, која честопати можеше да се види на велосипед за да стигне на работа или на состанок, вели дека тоа е „работа на ефикасност, но исто така и големо задоволство бидејќи така подобро размислувам отколку кога возам автомобил“.

Сепак, вели дека воопшто нема да ѝ недостасува сообраќајната култура во Скопје, недостатокот од велосипедски патеки и возачите кои ги паркираат возилата на тротоарите.

„Сметам дека паркирањето е катастрофално… Луѓето овде во принцип се многу срдечни и внимателни, но кога ќе влезат во своите возила некако стануваат многу агресивни. Колку е поголем автомобилот, толку и агресијата е поголема“.