Вести

Смртта на Алмир предизвика етнички спор во Македонија

Расправија за непочитување на ред во болница, која заврши со смртта на дете, се заканува да иницира нов конфликт меѓу Албанците и Македонците во Куманово.

Од протестот во Куманово. Фото: Фејсбук

Од протестот во Куманово. Фото: Фејсбук

Македонските власти и семејството на четиригодишниот Алмир Алиу, повикаа на смиреност по протестот на неколку илјади Албанци во Куманово, кои го обвинија осомничениот убиец за етничка омраза.

Алмир почина во петокот, од повреди здобиени на 25 јуни, кога тој и неговите родители беа прегазени од автомобил управуван од 30-годишниот Бобан Илиќ, кој сега е во притвор.

Инцидентот се случил во кумановската болница кога, според полицијата, двете семејства почнале расправија околу тоа кој треба прв да влеза кај лекарот.

Расправијата, наводно, потоа продолжила во дворот на болницата.

На снимката што е снимена со камера поставена на болницата, која во понеделникот ја објавија некои медиуми, се гледа автомобил, кој наводно го управувал Илиќ, кој удира во детенцето и неговите родители, кои, исто така, беа повредени.

„Овој инцидент не треба да се користи за предизвикување на меѓуетнички тензии“, се вели во соопштението на полицијата, откако неколку илјади Албанци, во понеделникот демонстрираа во Куманово, барајќи доживотен затвор за осомничениот, кого го обвинуваат за етнички мотивирано убиство.

Демонстрантите, организирани од страна на локалната албанска граѓанска организација „Зани“ (Глас), вееја албански знамиња и носеа фотографии на починатото дете. Тие побараа од властите построги казни за етнички мотивираните кривични дела.

„Правдата е единствениот начин да се избегне одмаздата надвор од судовите, морална сатисфакција за жртвите, што во најмала рака, би можело да ја олесни нивната болка“, порача Бекон Лимани од „Зани“.

Како реакција на веста за смртта на детето, некои албански политички партии соопштија дека Албанците во Македонија, кои сочинуваат една четвртина од населението, не се чувствуваат безбедно.

„Нападот врз семејство Алиу од Куманово и смртта на Алмир, е уште еден јасен показател за присуството на болниот национализам и вулгарност, спонзорирани од страна на Владата и секогаш на сметка на Албанците во Македонија“, рече портпаролот на неодамна формираното Движење за реформи при Демократската партија на Албанците, Елмир Сејфулаи.

Семејството Алиу, сепак, повика да се стави крај на протестите.

„Ова се случи случајно и нема никаква врска со националноста. ..Ова е еден личен случај меѓу двајцата инволвирани во оваа трагедија. Бараме од институциите на правдата, да му изречат максимална казна на сторителот“, изјави Фарук Алиу, роднина на малиот Алмир.

Како што објави ТВ 21, Гоце Илиќ, татко на обвинетиот за убиство, изразил сочувство и жалење што неговиот син предизвикал тешка трагедијата на семејството Алиу.

„Надлежните институции треба да го решат случајот и да изречат соодветна казна“, ја цитираше ТВ 21 изјавата на Гоце Илиќ.

Но братот на обвинетиот, Бојан Илиќ, кој тврди дека седел на совозачкото седиште во возилото за време на инцидентот, во понеделникот предизвика конфузија, објавувајќи на неговата Фејсбук страница, дека тој и неговиот брат, претходно биле нападнати од група од околу 20 Албанци со безбол палки и ножеви, без никаква очигледна причина.

Тој вели дека неговиот брат случајно удрил во семејството Алиу, додека се обидувал да избега со автомобилот кој имал скршена шофершајбна, што му го блокирало погледот.

Во мај минатата година, Куманово беше место на крвавата престрелка меѓу вооружени лица, Албанци, и полицијата, во која загинаа 18 лица, што ги зголеми етничките тензии во Македонија.

Куманово беше зафатено и со вооружениот конфликт од 2001 година, кој се водеше меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници, бидејќи се наоѓаше во близина на линијата на фронтот во овој судир.