Анализи

Со истечен мандат година дена делеле правда

Десетина пресуди на скопска Апелација доведени во прашање, дознава БИРН

Една година биле со истечен мандат, но и покрај тоа, суделе заедно со судиите. БИРН открива дека на деветмина поротници во Апелацискиот суд во Скопје, лани во април им истекол мандатот, но дури пред неколку дена тоа било констатирано во Судскиот совет.

Биле избрани во 2017 и требало да судат до април 2021 година. Сепак, некои од овие поротници суделе и во ноември и декември лани, а има пресуди и од годинава.

Зградата на Скопска Апелација | Фото: БИРН

Во базата на Апелацискиот суд, БИРН најде десетина пресуди со имињата на поротниците со истечен мандат: ГЖ 3124/21, ПРКЖ 221/21, КЖ-212/21…

На 29 март, или два дена пред одбележувањето на денот на македонското правосудство, Судскиот совет на седница расправал за повеќе точки. Седмата била одлука за престанок на мандатот на деветтемина судии поротници во Апелацискиот суд во Скопје.

Поротниците се избрани на 10 април 2017 година и објавени во 45-от број на Службен весник со потпис на тогашниот претседател на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Тогаш биле избрани 13 поротници, меѓу кои, и спорните деветмина во второстепениот суд, кои се разрешени со „задоцнување“ од една година.

Тоа дури сега го виделе Апелацискиот суд и Судскиот совет, а и на самите поротници очигледно не им било проблем да судат без мандат.

Тоа директно ги доведува во прашање пресудите што се донесени.

Пропуст или лош менаџмент

Скопска Апелација со години има проблем да обезбеди судии | Фото: БИРН

Трговски, кривични, прекршочни, работни спорови…

На пример, во една од пресудите, државата ја тужи фирма која била земјоделско стопанство. Спорот е за воениот конфликт од 2001 година, вреди 2,6 милиони евра, а се спори надомест на штета од неожнеани посеви, одземено млеко и млечни производи и исчезнати инструменти и уништени градежни објекти.

Во предметите има пресуда за адвокатка за фалсификување службена исправа, пресуда за одгледување марихуана, тужба меѓу два центри за јавно здравје…

Гласот на поротниците е еднакво важен и одлучувачки како и гласот на судиите. Во т.н. „петорка“ во расправа судат тројца поротници и двајца судии. Тоа, на пример, се случува кога судот не смее повеќе да ги враќа предметите во првостепените судови и мора самиот „да пресече“ со гласовите на поротниците.

Правниците што ги консултираше БИРН велат дека и најисправна да биде пресудата, во жалбена постапка пред Врховнииот суд, пресудите може да паднат само врз основа на истечениот мандат на поротниците, бидејќи судел „незаконски судски состав“.

На мала „армија“ поротници лани им истекол мандатот

Судскиот совет во 2021 година констатирал престанок на 157 судии-поротници низ државата.

Од скопска Апелација, за БИРН, без прецизен одговор.

Потврдуваат дека предлогот со кој се бара да се констатира престанок на мандат е донесен на крајот на март годинава и велат дека до истекот на мандатот, „седниците се одржани со учество на активни судии поротници“.

Апелација, во официјалниот одговор, сосема го игнорира фактот дека на поротниците им истекол мандатот година дена претходно.

Судскиот совет, пак, кај него не гледа вина, бидејќи предлогот стигнал на 28 март, а тие ја ставиле како точка на дневен ред на седницата од 29 март.

„Во случајот со судиите поротници известуваме дека веднаш по добивањето на предлогот од претседателката на Апелациониот суд Скопје, Судскиот совет на првата следна седница го разгледа случајот и констатираше престанок на функцијата на сите судии поротници опфатени со предлогот“, ни одговори портпаролот на Советот, Љубиша Арсиќ.

Судскиот совет формирал тричлена работна група, која следната недела треба да направи теренски увид и да одлучи што понатаму.

Како што велат самите, ќе извршат „проверка на фактите“.

600 денари за поротоник во Апелација

Надоместокот за судија поротник во апелационите судови е 600 денари за секој работен ден кога учествувал на судење и 70 денари за трошоци за превоз, но само ако има живеалиште што е оддалечено од судот повеќе од 2,5 километри.

Во разговор за БИРН, актуелни судии велат дека одговорност треба да се бара од администраторот и од претседателката на судот, но и од членовите на Судскиот совет, бидејќи тие ги избираат поротниците и треба да имаат увид во секое време што се случува со избраните поротници.

Освен тоа, отворено е прашањето зошто во меѓувреме не било побарано продолжување на мандатот на поротниците и зошто ниту Судскиот совет не водел сметка за тоа.

Скопска Апелација, со години мака мачи да обезбеди доволен број судии, особено во прекршочните постапки. Проблеми се јавуваат и со поротниците, кои се слабо заинтересирани да делат правда, особено за симболичен надомест што го добиваат од 600 денари по судење.

Од судот објаснија дека објавиле оглас за избор на судии поротници во дневните весници и на веб-страницата на судот, по што ќе изберат нови поротници, а до петокот се јавил само еден кандидат.

БИРН веќе пишуваше дека поротниците се една од најневралгичните точки во правосудниот синџир, што особено се покажа со предметите на СЈО, кои токму поради истекот на мандатот на поротниците, почнуваа одново по неколку години судење.