Вишиот суд во Белград, ја осуди Ранка Томиќ, поранешна припадничка на силите на босанските Срби, на пет години затвор, за учество во тортура и убиство на болничарка на АБиХ, за време на војната, во јули 1992 година.
Во обвинението се наведува дека Томиќ, како старешина на Фронт жени – Петровац, женска воена единица на Војската на Република Српска (ВРС), учествувала во нанесувањето на повреди и во убиството на болничарката, Кармен Каменчиќ.
Во обвинението се вели дека Каменчиќ, кога је заробиле припадниците на ВРС, веќе била ранета во глава и во нога и дека потоа била предадена во рацете на припадничките на Фронт жени – Петровац на ВРС, во босанското село Радиќ, во близина на Босанска Крупа.
Обвинителството наведе оти Ранка Томиќ и наредила на ранетата болничарка да се соблече гола, да лази по земја и да си ископа гроб, како и дека ја тепала и понижувала затвореничката.
Каменчиќ, по ова, во придружба на 15-годишно момче била однесена на локација во близина, на која момчето ископало уште еден гроб, ја принудило болничарката да легне во него, а потоа ја убило со истрел од автоматска пушка.
Во завршните зборови, српското обвинителство за воени злосторства побара Ранка Томиќ да биде казнета со затвор во траење од седум години. Против оваа пресуда може да се изјави жалба.