Регион

Хрватска критикувана поради планот да ги даде поранешните одморалишта под закуп

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Одморалиштето Ѓуро Салај во Градац, Хрватска. Фото: Сараево Тајмс.

Министерството за државен имот на Хрватска, за БИРН изјави дека не постои законска основа за враќање или за рефундирање на имотот што соседните земји, пред распадот на Југославија, го имале во Хрватска.

Министерството информира дека прашањето за сукцесија на имотот е регулирано со Договорот за сукцесија, кој во Хрватска е во сила врз основа на Законот за потврдување на Договорот за прашањата на сукцесија.

Тие укажуваат дека Анексот Г од договорот, на поединци или на правни лица, не им дава основа за враќање или исплата на накнада за имотот што го имале пред војната, со напомена оти сепак компензација е можна доколку се потпишат дополнителни билатерални договори.

„Бидејќи билатерални договори не се склучени ниту со Србија, ниту со Босна и Херцеговина, прашањето за враќање на имотот не може да се разгледува”, се вели во соопштението што ни го испрати министерството.

Овој одговор доаѓа откако до министерството беа упатени критики, бидејќи на 10 ноември тоа распиша јавен повик за закуп на 15 објекти од поранешна Југославија, лоцирани на јадранскиот брег.

Во мај, хрватскиот парламент усвои закон со кој на Владата во Загреб ѝ се овозможува да го даде под закуп имотот наследен од поранешна Југославија, „сé додека не се реши прашањето за сукцесија”.

Законот за управување со државниот имот на Хрватска, овозможува, напуштените објекти на земјите од поранешна Југославија да бидат дадени под концесија до 30 години.

Инаку, 15-те објекти за кои е распишан јавен повик за закуп се поранешни работнички одморалишта во Градац, во близина на Макарска, на Раб, Биоград на Море и Слано, во кои некогаш летувале работници од Босна и Херцеговина и од Србија.

Милорад Додик, претседател на Република Српска во заминување и нов српски член на Претседателството на БиХ, минатата недела изјави дека Хрватска има обврска да го спроведе договорот во кој се наведува дека на сите граѓани и правни лица, мора да им се вратат правата што ги имале на 31 декември 1990 година.

„Сите договори направени под притисок и закани мора да се прогласат за неважечки. Располагањето со туѓ имот, нешто што Хрватска има намера да го направи, само непотребно ќе ги искомплицира односите во регионот“, рече Додик.

Од друга страна, некои политички партии во БиХ во средата ја повикаа Хрватска да го запре спроведувањето на законот „чија цел е легализирање на грабежот на стотици милиони долари вреден имот на претпријатијата на БиХ, низ целата земја“.

Сепак, Министерството за државен имот на Хрватска, вели дека овие имоти „се неискористени, оти претставуваат опасност за луѓето и за другиот имот, а во исто време во нив лежи потенцијал за развој на туризмот и на економијата”.

Поголемиот дел од овие објекти се наоѓаат на атрактивни локации, покрај морето, но се руинирани.

Амер Бекриќ, директор на Агенцијата за приватизација на Федерацијата БиХ, го критикуваше потегот на хрватското министерство, нагласувајќи дека некои од оние што ќе ги земат објектите под закуп, на крајот ќе се запишат како сопственици.

„Она што ќе се случи по 30 години е дека некој ќе се запише како сопственик. Во меѓувреме, сите накнади од закупот ќе ѝ припаднат на Хрватска“, истакна Бекриќ минатата недела.

Сепак, хрватското министерство нагласува дека идните закупци нема да можат да остварат никакви сопственички права над предметните објекти.

„Договорот за закуп ќе содржи клаузула со која закупецот се откажува од правото да бара сопственост”, се вели во одговорот што ни беше испратен од Министерството за државен имот.

Босанскиот ентитет, Република Српска, во Хрватска има регистрирано 64 свои објекти.

Според Агенцијата за приватизација на ФБиХ, Федерацијата има 78 објекти, вклучувајќи бензински пумпи, хотели и објекти во пристаништата во Шибеник и Плоче.

Според локалните медиуми, Дирекцијата за имот на Република Србија, смета дека српските претпријатија во Хрватска имаат повеќе од 400 објекти, вклучувајќи и бројни одморалишта.