Регион

Мерон ја критикуваше Брнабиќ поради негирање на геноцидот во Сребреница

Теодор Мерон (лево), со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ (десно). Фото: ММКТ

Филип Рудиќ | БИРН | Белград

Претседателот на MМКТ, Теодор Мерон, на средбата што се одржа денеска во Белград, ја оспори изјавата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, со која таа негираше дека масакрот во Сребреница претставува геноцид.

„На Владата на Србија не ѝ помага оспорувањето на пресудите на еден важен меѓународен суд”, ѝ рекол Мерон на Брнабиќ, соопшти ММКТ.

Тој додал дека „со голем број на пресуди” на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) „било јасно утврдено дека злосторствата извршени во Сребреница во 1995 година претставуваат кривично дело-геноцид”.

Имено, Брнабиќ во интервју за Дојче веле на 14 ноември негираше дека масакрите извршени врз Бошњаците од страна на силите на босанските Срби, во јули 1995 година, се чин на геноцид.

„Не мислам дека тоа е геноцид”, рече таа во емисијата на Дојче Веле, „Конфликтна зона“.

Војската на Република Српска, под команда на Ратко Младиќ, ја зазеде Сребреница на 11 јули 1995 година, по што егзекутира повеќе од 7.000 мажи и момчиња од оваа енклава.

Меѓународниот суд на правдата, како и МКТЈ, утврдија дека ова претставува чин на геноцид.

Хашкиот трибунал и националните судови досега осудија вкупното 45 лица, на 699 години затвор и на три казни доживотен затвор, за геноцид, за злосторства против човештвото и за други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година.

Младиќ, со првостепена пресуда, изречена во 2017 година, беше осуден на казна доживотен затвор за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, за воени злосторства и за злосторства против човештвото.

МКТЈ, исто така, во 2016 година, на 40 години затвор, го осуди и поранешниот политички лидер на Република Српска, Радован Караџиќ, прогласувајќи го за виновен за геноцид и злосторства против човештвото. И двата предмети се сега во жалбена постапка.

Мерон изрази „несогласување и разочарување” во врска со интервјуто на Брнабиќ и сугерираше дека „правните толкувања на меѓународните злосторства треба да им се остават на меѓународните кривични судови”.

Српската влада издаде соопштение за состанокот помеѓу Брнабиќ и Мерон, во кое не ги спомнува критиките на претседателот на ММКТ, за наводите на премиерката за Сребреница.

Соопштението, наместо тоа, се фокусира на условите во затворите во кои се наоѓаат Србите осудени за воени злосторства.

Инаку, Мерон е во проштална посета на земјите од поранешна Југославија, пред пензионирањето на 18 јануари следната година, кога функцијата ќе ја преземе судијата Кармел Агиус.