Министерството за одбрана на Србија, на Белградскиот саем на книгата, организираше промоција на новата книга на поранешниот генерал на ВЈ, Небојша Павковиќ, кој во моментов издржува казна затвор, за воени злосторства во Косово.
Министерството организираше и трибина за бомбардирањето на НАТО на Југославија, на која учествуваа двајца други осудени воени злосторници – Владимир Лазаревиќ и Винко Пандуревиќ.
Издавачката куќа на министерството, „Одбрана“, ја објави најновата книга на Павковиќ, „Мирисот на барутот и смртта во Косово и Метохија 1998“, како дел од едицијата „Воин“. Оваа издавачка куќа и минатата година објави книга од Павковиќ, која, исто така, беше промовирана на саемот на книги.
Министерството соопшти дека е „гордо“, заради промоцијата на книгата на Павковиќ и што било домаќин на двајцата други воени злосторници, нагласувајќи дека „тие имаат право да ги искажат своите ставови за историските настани во кои учествувале“, објави новинската агенција Бета.
„Сеќавањата на генералот Небојша Павковиќ, како и на другите команданти и борци, објавени во книгите на едицијата „Воин“, во голем дел придонесуваат за вистината за борбата, за време на агресијата на НАТО. Ние не гледаме причина да се срамиме од борбата на нашиот народ и од оние што ја воделе таа борба“, додаде министерството.
Сепак, од Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, соопштија дека со промоцијата и финансирањето на книгите и настаните на саемот на книги, Министерството за одбрана „отворено ги исмева жртвите на злосторствата“.
Тие додаваат дека министерството ги негира фактите утврдени од страна на Трибуналот на ООН за воени злосторства во Хаг.
„ФХП ги повикува српските институции да престанат да промовираат и рехабилитираат осудени воени злосторници и да се определат за политика што ги прифаќа судски утврдените факти и ги почитува страдањата на жртвите и на членовите на нивните семејства“, се вели во соопштението на ФХП.
Хашкиот трибунал, во јануари 2014 година, донесе одлука дека Павковиќ и Лазаревиќ, заедно со поранешниот југословенски потпредседател на Владата, Никола Шаиновиќ и поранешниот генерал на српската полиција, Сретен Лукиќ, се виновни за убиства, депортација и нехуман третман на косовските Албанци во 1999 година.
Павковиќ во моментов ја издржува својата 22-годишна казна во Финска.
Лазаревиќ ја отслужи казната и се врати во Србија, каде беше пречекан како херој. Во 2017 година, тој беше предавач на Воената академија.
Пандуревиќ е еден од петте високи официјални претставници на Војската на Република Српска, осудени за учество во геноцидот во Сребреница. Тој беше осуден на 13 години затвор, но беше предвреме ослободен во април 2015 година.