Организирани во најдобар можен ред, поделени на „редари“, „организатори“ и „поддржувачи“ и со децидни и аргументирани барања, средношколците од повеќе градови во земјава, поддржани од студентите, го организираа можеби најголемиот протест во последниве години.
Скопје беше преплавено од млади луѓе со транспаренти в раце, незадоволни од реформите во високото образование. Беа придружувани од родители, наставници и граѓани. Средношколците се собраа во Градскиот парк, а пред Владата им се приклучија и студентите. Заедно се упатија кон Министерството за образование и наука (МОН).
Што бараат тие го прашавме матурантот Јован Спасеновски.
Родителите на средношколците, според она што можеше да се види на терен, стојат зад своите деца.
„Не се заморчиња за да си играат со нив како сакаат. Секоја година има по нешто ново. Стојам зад мојот син во неговите барања. Тој учи за хуманитарни науки, а сега треба да полага математика. Кога да се подготви?! Зар целта им е да ги спречат да не се запишат на факулчтет или да ја повторува годината, без да се земе предвид неговото знаење во областите што ја изучувал?“, ни изјави мајка на средношколец која присуствуваше на протестот.
Средношколците во последниве три недели, откако прекинаа да одат на настава, се соочија со бројни притисоци. Родителите стравуваат дека изјавите за согласност што ги донесе Министерството, нивните деца да учествуваат во бојкотот на наставата ќе се употребат како доказ за поднесување рекршочни пријави. Тие со соочуваа и со закани за негативни оценки, како и запишување изостаноци. Сепак, најголемиот предизвик е како ќе успеат да ја завршат годината, кога веќе 3 недели ја бојкотираат наставата.
„Изгубивме многу часови, дискутираме со професорите како ќе ги надокнадиме. Апсолутно чувствувам трема, матурант сум, крај на школска година е, а речиси месец дена губиме часови, но ете, МОН е глуво на нашите барања кои се реални и добри аргументирани“, вели Јован Спасоновски.
„Сведоци сме дека овие три недели си имавме работа со полтрони. Студентите застанаа на браникот на поддршката и солидарноста. Нема квалитетно високо образование без квалитетно средно образование. Свесен ли сте министре дека не бркате од сопствената земја“, порачаа говорниците од редот на средношколците и студентите пред Министерството за образование.