Регион

Стартуваше Маршот на мирот кон Сребреница

Околу 70 лица тргнаа на 240 километри долг пат од Сараево до селото Незук, каде што ќе им се придружат на другите учесници на мировниот марш, кој се организира во чест на жртвите на геноцидот, извршен во Сребреница во 1995 година.

Пишува: Игор Спаиќ, Сараево

[cincopa AsEAkDuvIxMx]

Учесниците во маршот, во понеделник наутро, тргнаа од главниот град на Босна и Херцеговина кон селото Незук, каде што ќе им се приклучат на другите учесници во маршот кон Поточари, каде што се закопани жртвите од Сребреница, а каде што на 11 јули, на одбележувањето на 22-годишнина од геноцидот, ќе присуствуваат на колективниот погреб на жртвите од масакрот.

Овој марш се организира секоја година во чест на околу 8.000 Бошњаци убиени во Сребреница, а учесниците ќе присуствуваат на колективниот погреб на жртвите чии останки беа пронајдени во изминатата година.

Според извештаите на локалните медиуми, оваа година ќе бидат погребани 70 жртви.

Учесниците на маршот кои тргнаа од Сараево, во Незук треба да пристигнат на 7 јули, од каде што уште три дена пеш ќе одат до Сребреница.

Во текот на маршот, учесниците ќе поминат низ повеќе места, во кои, во војната во БиХ која траеше од 1992 до 1995, беа убиени Бошњаци, со цел да им оддадат почит.

„Ова го сакам во душата, сакам да им се поклонам на жртвите, на луѓето кои настрадаа во цела БиХ. И мојот сопруг загина и јас сочувствувам со мајките што ги загубија своите деца, бидејќи и јас сум мајка“, изјави за новинската агенција Анадолија, Рамиза Смајиќ од Сараево, која по петти пат учествува во овој марш.

Учесниците од Сараево, на патот кон Незук, ќе спијат во планинарски домови и „добри домаќини“, изјави за Анадолија, Мухамед Папиќ, еден од организаторите на маршот.

„Оваа година се пријавени 68 учесници. Најмладиот учесник има 17, а најстариот 65 години. Имаме учесници од Хрватска, од Србија и од БиХ“, рече Папиќ.

Се очекува, оваа година, од Незук, на 8 јули, како дел од мировниот марш кон Поточари, да тргнат повеќе од 5.000 луѓе.

Првиот марш беше организиран во 2005 година, на десетгодишнината од масакрот што беше извршен во 1995 година, во чест на илјадниците загинати, кои бегајќи од Сребреница, откако енклавата падна во рацете на силите на босанските Срби, тргнаа пеш кон Незук, на пат долг околу 100 километри.

Маршот од Сараево до Незук го организира Синдикатот на БХ Телеком, единствената организација на борците од БХ Телеком и здружението на граѓани „Сведоци на своето време“.

Објавено и на Балканска транзициска правда