Четирите воени авиони Сухој Су-25 на македонското воздухопловство е можно веќе да се во Украина, сугерира последната сателитска снимка на сервисот Гугл Ерт. Властите и натаму ниту потврдуваат ниту негираат дека ги испратила леталата во Украина.
Новата снимка од воениот дел на скопскиот аеродром, што беше закачена на сервисот во август, покажува дека четирите авиони ги нема на местото каде што стоеја десет години. Тие и претходно не беа во употреба, но беа конзервирани за можно користење во иднина.
На претходната сателитска снимка објавена годинава, достапна на историскиот преглед на Гугл Ерт, може да се видат четирите авиони на нивното вообичаено место каде што стоеја од 2012 година. Тоа се смени со последната снимка.
БИРН испрати прашања до Министерството за одбрана за тоа каде се авионите, односно дали се преместени на нова локација или се донирани на Украина. Оттаму само ја повторија изјавата дадена во август со која ниту се потврдуваат ниту се негираат информациите дека леталата се испратени во Украина.
Од министерството рекоа дека сите податоци во врска со воената опрема испратена во Украина ќе бидат објавени „на транспарентен начин“ во соодветно време, кога ќе биде безбедно.
Од почетокот на август никој не беше во можност визуелно да потврди дали леталата се преместени, бидејќи делот од аеродромот каде што се чуваат е сокриен од љубопитните очи.
Авионите беа купени за време на конфликтот од 2001, а потоа речиси не се употребуваа. Практично се повлечени во 2004, кога се ставени во базата на аеродромот со идеја да се продадат или да се расходуваат. Во македонските планови за развој на одбраната не е предвидено користење авиони, туку одржување и засилување на хеликоптерската флота.
Сухоите Су-25 се далеку од модерни воени авиони, но се уште се сметаат за моќно оружје. Во Украина се користат и од руската и од украинската страна. Главната задача им е да разбиваат пешадиски и тенковски единици на фронтот.
Македонските одбранбени власти во јули потврдија дека испратиле 30 тенкови Т-72 од советско производство во Украина, откако на социјалните мрежи беа објавени фотографии и видеа од нивниот транспорт. Но, тие не даваат никакви информации за можни други пратки.