Вести

Oбвинение за газдата на „Беса-транс“ за фалш исправа


Сопственикот на фирмата „Беса-транс“, во чиј автобус во Бугарија лани во ноември загинаа 45 патници, ќе одговара за фалсификување исправа откако Скопското обвинителство ја заврши истрагата и поднесе обвинение до судот.

Информацијата ја потврди шефот на Скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.

Гаврил Бубевски | Фото: Р. Атанасовски

„Одговорното лице во овој случај преку возачите на автобусите употребувал фалсификувана јавна исправа, извод од лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот сообраќај за автобус ‘мерцедес’, која не била издадена од Министерството за транспорт и врски“.

Со таа лажна исправа го управувале возилото и поминувале граничен премин во дваесеттина наврати, вели Бубевски.

Сопственикот на фирмата и самата фирма се обвинети за фалсификување исправа, кривично дело од продолжен вид. Им се заканува затвор од три месеци до пет години.

Бубевски вели дека предметот го работело ОЈО Скопје непосредно по трагичната несреќа во Бугарија и тој предмет се надоврзува на истрагата што таму ја работи тамошното обвинителство.

Во истрагата, јавниот обвинител ја анализирал целокупната документација од „Беса-транс“, дозволите што ги поседувала фирмата за меѓународен превоз на патници и евиденцијата на автобусите за оваа компанија од граничните премини.

Ова е само едно од прашањата за кое говореше Бубевски, во интервју за БИРН, кое ќе биде објавено утре.