Актуелно

Унгарец дел од сопствеништвото на „Алфа ТВ“

Покрај Унгарецот, летово во сопствеништвото на Алфа ТВ влезе и релативно непознатиот Горан Балаќ од Земун

Извесен Петер Шац од Будимпешта неделава стана еден од сопствениците на македонската телевизија со национална концесија, „Алфа ТВ“, покажуваат податоците од Централниот регистaр на компании.

Покрај Унгарецот, летово во сопствеништвото на „Алфа ТВ“ влезе и релативно непознатиот Горан Балаќ од Земун, Србија.

Двајцата заедно го имаат најголемиот удел во телевизија, во која како дел од сопственичката структура се јавуваат уште неколку фирми. БИРН се обиде да го контактира Петар Шац, и да го праша за неговите планови со оваа медиумска куќа, меѓутоа тој не одговорил на прашањата што му ги пративме на мејлот што го оставил во официјалните документи.

На интернет е достапен само неговиот LInkedIn профил од којшто може да се види дека Шац е дел од неколку компании, како што е интернет порталот Рипост медиа, кој изгледа како интернет-медиум што известува за актуелните случувања во Унгарија. Од официјалните документи во Македонија, пак, може да се дознае дека во април годинава основал фирма во Скопје – „Таргет медија“ со помош на адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“, преку која влегува во сопствеништвото на телевизијата.

„Алфа ТВ“ почна да емитува програма во 2008 година. Мнозински сопственик во тоа време беше бизнисменот Штерјо Наков преку компанијата „Фершпед“, меѓутоа во септември 2013 година српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ преку својата македонска компанија „ЦХС Инвест груп“ откупи 56 проценти од акциите на телевизијата.

Оттогаш драстично се смени уредувачката политика и од критички настроен медиум, „Алфа ТВ“ стана отворен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Никола Груевски.

Лани компанијата „ЦХС Инвест груп“ ја презеде познатиот продуцент и менаџер Иво Јанковски, а со тоа и управувањето на „Алфа ТВ“, меѓутоа летово тој им ја препушти „ЦХС Инвест груп“ на Горан Балаќ од Србија и на Петер Шац од Унгарија.

И за вториот нов газда на „Алфа ТВ“ нема многу податоци; за Горан Балаќ се знае само дека е сопственик на кугларски клуб „Колосеум“ во Земун.