Наместо да се изнајмуваат 250 велосипеди за 10 денари од час, сега имаме пет електрични велосипеди за 100 денари од час
Ако посакате да изнајмите велосипед во главниот град, можете да се информирате за услугата на веб-страницата на ЈП „Градски паркинг“, можете и да посетите еден од петте пункта низ градот, но велосипед за десет денари од час, во возна состојба, тешко ќе најдете.
Од 250 набавени велосипеди за таа намена, сега на располагање скоро и да нема ниту еден. Граѓаните на главниот град и туристите, во моментов имаат на располагање само пет велосипеди, и тоа на струја – само со десет пати повисока цена.
Рубин Јовановски редовно изнајмува велосипед од ЈП „Градски паркинг“ во Скопје. Или, барем, се обидува да изнајми велосипед преку проектот „Изнајми велосипед“ на Град Скопје, којшто градоначалникот Коце Трајановски го промовираше во 2010 година под мотото „Остави го автомобилот – вози велосипед“.
Последен пат тој изнајмил велосипед пред околу три недели, го користел четири часа и за тоа платил 40 денари. Рубин не е многу задоволен од услугата на ЈП „Градски паркинг“ затоа што, како што вели: „Често се случува да нема велосипед во возна состојба“.
„Велосипедите се уништуваат, не се сервисираат редовно, а вработените воопшто не обрнуваат внимание на нивната состојба при враќањето во станицата“, вели Рубин за БИРН.
Тој го изнајмил велосипедот од станицата во Аеродром и во моментот кога бил таму на располагање имало три, од кои само два биле во возна состојба, а третиот бил оставен настрана.
Минатата година тој имал слично искуство само две седмици пред да заврши сезоната на 1 ноември. „Имаше неколку велосипеди на располагање и кај Градска болница ми рекоа дека се во возна состојба, но дека не смеат да ги изнајмуваат“, вели Јовановски.
Кога прашал зошто, му објасниле дека дека вработените во јавното претпријатие ги возеле тие две седмици затоа што сезоната била при крај. „Многу велосипеди со недели не биле вратени и со полиција оделе по адреси да ги бараат, па затоа и не изнајмувале повеќе“, вели Јовановски за БИРН.
За разлика од него, од ЈП „Градски паркинг“ велат оти сервисот за изнајмување на велосипеди функционира со полна пареа и сите заинтересирани може да изнајмат велосипед од пунктовите на јавното претпријатие до крајот на сезоната.
Тие, сепак велат дека „како резултат на несовесното однесување на граѓаните постојано се зголемува бројот на оштетени велосипеди, а претпријатието редовно врши сервис на истите во приватна компанија врз основа на склучен договор“.
„Откако ќе се констатира дека еден велосипед е оштетен, истиот се отстранува и по завршеното сервисирање и утврдување дека е во возна сотојба, повторно се пушта во употреба“, велат од ЈП „Градски паркинг“.
Екипата на БИРН лично ги провери овие информации на терен. Нашето искуство беше уште подраматично од она на Рубин. На паркингот кај Градската болница „8 Септември“ имаше десетина велосипеди, што на прв поглед изгледаше многу ветувачки. Но, кога се обративме кај вработениот во ЈП „Градски паркинг“ тој ни рече:
„Господине, ниту еден велосипед не е во возна состојба. Што да ви кажам, ги уништија, а нема кој да ги сервисира“.
Слична ситуација нè чекаше и на паркингот кај катната гаража на улицата „Кирил и Методиј“. Таму на местото означено за изнајмување велосипеди немаше ниту еден. Вработената во јавното претпријатие нè упати на пунктот на плоштадот „Македонија“, но додаде дека ниту таму нема велосипеди во возна состојба на располагање. Единствено би можело да се изнајми електричен велосипед за десет пати повисока цена.
Проектот „Изнајми велосипед“ со голема медиумска помпа го промовираше токму градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски во 2010 година кога почнаа да се изнајмуваат 63 велосипеди.
Трајановски, во април 2012 година, пред камерите сврти едно крукче околу плоштадот „Македонија“, со цел да ги презентира новите 75 кинески велосипеди кои можеа, исто така, да се изнајмат за 10 денари од час.
Под мотото „Остави го автомобилот, вози велосипед 2012“, Трајановски рече дека скопјани се грижат за велосипедите, па само мал број или не се вратени или се оштетени во текот на изминатата година.
Од ЈП „Градски паркинг“ тогаш соопштија дека за граѓаните има на располагање 120 велосипеди, а 20 се чуваат како резерва во случај некои од нив да бидат оштетени или пак да имаат украдени делови.
Кога минатата 2013 година заврши сезоната за изнајмување велосипеди, која трае од април до ноември, од ЈП „Градски паркинг“ посочија дека биле оштетени 33 од вкупно 150 велосипеди. Најмногу страдале гиданите, сопирачките и синџирите.
Во јавното претпријатие велат дека пред почетокот на секоја сезона за изнајмување велосипеди, вршат редовен и задолжителен сервис на сите велосипеди со кои стопанисуваат.
За нивно одржување во 2013 година биле потрошени 270.000 денари, а вкупните приходи од самото изнајмување изнесувале 155.000 денари. Годинава, пак, од ЈП „Градски паркинг“ велат оти за одржување и сервис на велосипедите за изнајмување потрошиле околу 250.000 денари.
Во февруари годинава, ЈП „Градски паркинг“ објави тендер за набавка на пет електрични велосипеди за беа предвидени да се потрошат 10.500 евра. Овие пет велосипеди сега можат да се изнајмат за 100 денари од час. Наместо да се изнајмуваат 250 велосипеди за 10 денари од час, сега имаме пет велосипеди на струја за 100 денари од час. Проста математика.