Верските претставници на муслиманите, на православните и на католичките верници, на Евреите, за прв пат заеднички ги посетија локациите на кои во војната во Босна и Херцеговина биле масакрирани жртви, сакајќи на тој начин да го промовираат помирувањето.
Пишува: Игор Спаиќ, Сараево
Со цел да им оддадат почит на жртвите на сите заедници, членовите на Меѓурелигискиот советот на Босна и Херцеговина, денеска посетија неколку локации на кои за време на војната 1992-1995 година биле извршени злосторства над различни национални групи.
Ова е прв пат верските лидери од различни конфесии заедно да им оддаваат почит на жртвите од различни националности.
„Дојде време сите на искрен начин да се засрамиме за она што се случи меѓу нас“, изјави владиката Григориј, по молитвата за убиените, објави klix.ba.
Григориј го придружуваа кардиналот Винко Пуљиќ, заменикот на поглаварот на Исламската заедница, Хусеин ефендија Смајиќ, Борис Кожемјакин од еврејската заедница и министерката за човекови права и бегалци на БиХ, Семиха Боровац.
Верските лидери и министерката ја посетија Еврејската заедница во Сараево, локалитетот Казани над главниот град на БиХ, селото Крижанчево, Крушчица и Коричанске стјене, каде што заедно се помолија за душите на убиените жртви.
Масакрот на Коричанске стјене беше извршен во 1992 година, кога беа убиени околу 150 бошњачки и хрватски цивилни затвореници, а нивните тела фрлени во јама.
Бројот на Срби и Хрвати убиени на локалитетот Казани, од страна на Армијата на Босна и Херцеговина во 1992 и 1993 година, сѐ уште официјално не е утврден, иако локалните медиуми проценуваат дека биле убиени околу 30 лица.
Во селото Крижанчево, во близина на градот Витез, припадници на босанската армија во 1993 година убиле десетици Хрвати.
Селото Крушчица е место на кое Хрватите во Втората светска војна формирале концентрационен логор, во кој биле убиени илјадници жртви, главно, Евреи.
„Може да се каже дека ова доаѓа премногу доцна, ова е нешто што требаше да го направат веднаш по војната во БиХ“, изјави за БИРН, Едина Бечиревиќ, автор на книгата „Геноцидот на Дрина“.
За време на конфликтот во периодот 1992-1995 година, религијата одиграла голема улога во ривалските кампањи кои ги воделе националистичките партии од различни етнички групи.
Верските чувства често се манипулирани заради остварување на политички цели, а локалните верски заедници се тесно поврзани со доминантните национални партии, вели Бечиревиќ.
„Фактот дека тие (верските водачи) се согласија ова да го направат, може да значи дека и националните партии можеби ќе го следат овој пример и ќе имаат поангажиран пристап кога станува збор за помирувањето меѓу народите“, заклучува таа.