Вести

ВМРО-ДПМНЕ со кампања вредна еден милион евра

ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања потрошила еден милион евра, најмногу за реклами на телевизиите, печатење, консултантски услуги и предизборни собири, три пати повеќе од СДСМ која, според финансиските извештаи потрошила 335 илјади евра.

Вториот извештај покажува дека само на телевизијата Нова и се исплатени 60 илјади евра за реклами, а за рекламирање на Фејсбук партијата платила 20 илјади евра. Овојпат, за телевизијата Сител не се прикажани платени фактури, иако оваа телевизија во првиот извештај се наоѓаше на врвот според рекламите. За разлика од опозициската партија, финансиските извештаи на владејачката СДСМ се скудни во однос на парите исплатени за реклами, односно нема детален приказ за тоа на кои телевизии колку пари се слевале за промоција на кандидатите за градоначалници.  

На сметката на ВМРО-ДПМНЕ наголемо се слевале пари од членарини, па така, за само еден ден, на 6 октомври годинава легнале околу 113 илјади евра.

Со ова, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека го држи приматот на најбогата партија, особено ако се земат и приходите за кои веќе пишуваше БИРН, кои во 2016 година достигнаа рекордни 4,2 милиони евра.

Придонес во високите суми дадени за предизборната кампања имаат и донациите, кои за овие избори се видно пониски отколку за декемвриските. Па така лидерот на партијата Никола Груевски донирал само 25 илјади денари, Ирена Мишева 7 илјади денари, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска 15 илјади (на декемвриските избори Милевска донираше 30.000), Даниела Рангелова 20 илјади, додека Митко Чавков 25 илјади денари (на декемвриските избори донираше 40.000). Според вториот извештај, за партијата биле донирани околу 14 илјади евра.