Вселенската Патријаршија во Константинопол денеска излезе со официјално соопштение во кое информира дека Светиот и Свештен Синод го разгледал прашањето со нерешениот канонски статус на Охридската Архиепископија. Во соопштението, исто така, се наведува дека Патријаршијата го примила и писмото на премиерот Зоран Заев, во кое се бара помош и поткрепа за решавање на прашањето со нашата помесна православна Црква.
Соопштението кое носи денешен датум (30.5.2018) завршува со заклучокот дека „Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија одлучи да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“.
Според познавачите на црковната политика, ваквата одлука е резултат на неодамнешното „интернационализирање на проблемот“. Односно, откако СПЦ со години го држеше македонското црковно прашање како нејзино „внатрешно“ без видливи обиди за решавање, МПЦ-ОА во ноември минатата година побара од БПЦ како мајка- црква да ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА, истата да ја обзнанува и актуелизира, да ја претставува и да се застапува за неа пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви.
Тоа во изминатите месеци во одредена мера ги вжешти односите на релација Белград – Софија, а веќе по шест месеци Вселенската Патријаршија во Константинопол реши да го преземе решавањето на црковниот проблем на МПЦ-ОА.
Во високи црковни кругови оваа одлука е дочекана со задоволство. Портпаролот на Светиот синод на МПЦ владиката Тимотеј вели дека одлуката е добра.
„Ние сме во изолација 50 години, и природно е да бараме излез. Така се обративме и до Цариград. Во моментов ништо поконкретно не знаеме, бидејќи најверојатно допрва ќе следат средби, консултации и разговори. Цариград ја игра првопрестолната улога. Иако е прва меѓу еднаквите, сепак е прва и си ја зема улогата што и припаѓа“, вели владиката.
На прашањето дали е ова своевиден „подарок“ за 1000 годишнината од Охридската архиепископија, владиката вели: „Дај боже така да биде“.
„Ова е охрабрувачка вест“, коментира новинарот Бранко Ѓоргевски, добар познавач на црковната политика.
„Во ситуација кога го решаваме и прашањето за името, Вселенската патријаршија е портата преку која ќе можеме да дојдеме до автокефален статус на МПЦ-ОА. Претпоставувам дека идејата е Вселенската патријаршија да ни се обраќа како Охридска архиепископија, а во внатрешната употреба да го задржиме името МПЦ-ОА“, смета Ѓоргевски. Тој прогнозира дека оваа одлука најверојатно ќе предизвика реакции од Русија и Србија.