Вести

За 10 години 15 илјади се откажале од македонско државјанство

Се повеќе луѓе заминуваат без намера да се вратат | Фото: БИРН

 Италија е европската земја што им издала најмногу државјанства на луѓе од Македонија во изминатава деценија, речиси 26 илјади, а втора е Германија со нешто над осум илјади, покажуваат податоците од Евростат, статистичката агенција на ЕУ. Од 2008 до 2017 година, повеќе од  52 илјади граѓани од земјава станале државјани на ЕУ.

Дополнително, 15 илјади македонски граѓани добиле швајцарско државјанство во истиот период, а неколку стотици добиле пасоши од други западноевропски држави што не се членки на ЕУ, како Норвешка.

Според тоа, вкупно 68 илјади граѓани од земјава станале државјани на ЕУ или на други развиени европски држави од 2008 до 2017, последната година за која Евростат има податоци. Во истиот период , според статистиките на македонското Министерство за внатрешни работи, 12.472 државјани на Македонија се откажале од своето државјанство, а уште 2.403 го сториле тоа во 2018 и до август годинава.

Освен во Естонија и во Литванија, во секоја друга земја на ЕУ, барем еден македонски државјанин добил државјанство. По Германија и Италија следува Бугарија, а по неа Белгија, Австрија, Шведска, Словенија, Хрватска и Велика Британија. Во другите држави на барателите од земјава им се издавале по помал број државјанства. 

Гледано по години, до 2014 година, бројот на европски државјанства што им бил издаден на граѓани на Македонија се движел околу пет илјади годишно, а од 2015 година тој расте на над осум илјади. Рекордна година е 2016, кога европски државјани станале 10.815 луѓе од земјава. Растот најмногу се должи на бројот на државјанства што ги издала Италија, кој постојано се зголемува од 697 во 2008 на 6.771 во 2016. Според тоа, бројот на натурализирани Италијанци со македонско потекло се зголемил десеткратно за една деценија.

Истовремено расте бројот на лица што се откажуваат од македонско државјанство. Меѓу 2009 и 2015, таа бројка се движи околу 1.100-1.200 годишно, додека во 2016 и 2017 достигнува околу 1.500, а минатата година над 1.600.

Вообичаено, отпуст од македонското државјанство бараат граѓани на кои тоа им се поставува како услов за да станат државјани на некоја друга земја, како на пример во Германија, или иселенички семејства што се откажале од идејата за враќање во Македонија и не сакаат веќе да имаат обврски кон државата.

Во најголемиот број европски земји, добивањето државјанство е сложен процес за кој се потребни години престој и работа, како и долги административни процедури. Повеќето граѓани што се иселуваат од земјава, во некоја од европските држави остануваат таму да работат со македонските документи.

Евростат, пред неколку дена објави податоци, според кои, 24.300 граѓани од земјава заминале на работа во државите од ЕУ, а најмногу од нив, околу 11.500, во Германија. Следни биле Италија и Словенија.