Анализи

Заборавивме која е силата на студентскиот активизам

Студентската енергија во земјава речиси е невидлива, па јавноста како да заборави на можната моќ од активизмот на идните академски граѓани. Апатијата и стравот од партиско етикетирање го направија своето.

Студентскиот лидер Кирил Спироски нема да се придружи кон протестите на студентите кои бараат укинување

СПУКМ не се придружува кон протестите на студентите | Фото: М. Јордановска

на предлогот на Министерството за образование за воведување екстерно тестирање. Тој во изјава за БИРН вели дека дијалогот треба да се води на маса и да се смират тензиите.

„Не сме против протестотот, секој има право на свое мислење, но сметам дека тензиите треба да се смират и да се постапува поакадемски и поинтелектуално. Ние ќе го водиме дијалогот на маса, откако ќе го видиме предлогот на Министерството“, вели Спироски, претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (СПУКМ).

Прашањето за тоа дали протестите на студентите се „неакадемски и неинтелектуални“ отвора голема дебата, особено ако се земе предвид дека голем број реформи и општествени промени се постигнати токму поради кревањето на гласот на студентите како реална движечка сила.

Во Македонија, очигледно тоа не е случај. Студентската енергија кај нас речиси е невидлива, па јавноста речиси и да заборави на можната моќ од нивниот активизам. „Студентите се деца на нивните родители – две децении политички пасивизирани, општествено атрофирани и транзиционо и конфликтно измалтретирани од реалноста, па ова чувство се пренесува од колено на колено“, вели Ивон Величковски, претседател на Либералната партија и поранешен претседател на Агенцијата за млади и спорт.

damjan

Дамјан Коложег: „Студентската енергија кај нас не прераснува во нешто поголемо“ | Фото: Фејсбук профил

На последните протести пред Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на социјалните мрежи учество пријавија околу 700 студенти, а се појавија околу 200. Најголемиот дел од нив не сакаа да се претстават со име и со презиме кога им побаравме изјава. „Стравот, очигледно, си го прави своето“, вели Дамјан Коложег, студент на Правниот факултет при УКИМ.

„Студентската енергија кај нас не прераснува во нешто поголемо. Сметам дека прва причина за тоа се апатијата и немањето свест дека студентите се моќна сила која може да се избори за своите права. Втората причина ја гледам во стравот да не бидат етикетирани дека припаѓаат на една или на друга партија или пак, дека се против власта“, смета Коложег.

Според Младинскиот образовен форум (МОФ), големо влијание на студентската неорганизираност во Македонија имаат и студентските парламенти на универзитетите.

„Сепак, наместо тие да бидат јадрото на промени и идеи во високо образование, студентските парламенти бранат интереси на мала група на студенти, и често се нетранспарентни за процесите на одлучување“, вели за БИРН Александра Живковиќ од МОФ.

Истражувањето на МОФ покажува дека дури 70 отсто од студентите на УКИМ не го знаат името на моменталниот претседател на студентскиот парламент, а 87 отсто никогаш до сега не биле вклучени во работата на студентскиот парламент при УКИМ.

1968 година е далеку зад нас

Годината што ќе остане запаметена кога е во прашање студентската енергија е далечната 1968 година. Пред точно 46 години се појави светско движење во голем број држави, чиишто носители беа студентите. Во секоја земја причините за нивниот бунт беа различни, а студентите од бивша Југославија ја покажаа својата моќ, кога се кренаа на масовни протести против „црвената буржоазија“.

По стартот на економската реформа во 1965 година, првите ефекти што се почувствувале биле пораст на цените, раст на невработеноста, а на голем број работници им доцнеле платите. Одливот на мозоци почнал да расте, а тензиите сè повеќе се зголемувале.

Во бивша Југославија демонстрациите почнале во Белград, а продолжиле во Загреб. Таа „утописка енергија“, како што ја нарекуваат некои аналитичари, се ширела со цел да се воведе поголема демократија, еднаквост и самоуправување.

Новинарот Ѕвездан Георгиевски е добро запознаен со она што се случувало во тоа време во бивша Југославија. Тој вели дека студентските демонстрации биле искористени за да се прекине југословенската економска реформа и општеството да се врати на патот на тврдиот, егалитарен социјализам.

звездан

Ѕвездан Георгиевски: „Во 1980 година студентите по новинарство организираа петиција за поддршка на полскиот синдикат „Солидарност“ и под итно беа ставени под полициски третман и прогласени за анархо-либерали“ | Фото: Фејсбук профил

 

„Веднаш по завршувањето на демонстрациите, Сојузот на студенти се распушта и студентите се држат под целосна контрола речиси цела деценија и тоа во целата земја“, вели Георгиевски.

Според него, нови, но мали раздвижувања почнуваат на преминот на 70-тите кон 80-тите години, односно по смртта на Јосип Броз Тито.

„Стегите се олабавуваат и се појавува сериозна граѓанска опозиција, најмногу преку младинскиот и студентскиот печат (словенечка ‘Младина’, хрватски ‘Полет’, белградски ‘Студент’, а кај нас нешто подоцна со ‘Млад борец’). На Универзитетот извесно будење има кај студентите по новинарство и на филозофија. Тогаш се формира Естетската лабораторија при Филозофскиот факултет, која организира низа алтернативни активности, од кои најпознат е студентскиот театар познат по името ‘Зелената гуска’ според најпопуларната претстава што ја играа“, вели Георгиевски.

Следната година бил организиран уметнички хепенинг со дебата на кејот на Вардар, под наслов „Редовите се во нашите глави“. Полицијата го растурила хепенингот 15 минути по почетокот, а дел од организаторите, меѓу кои и Георгиевски, завршиле во полициската станица „Беко“ на информативен разговор.

Студентски протести во светот

Само во последнава година останаа запаметени масовни студентски протести во Бугарија, Хонг Конг, Србија и Шпанија. Неколку илјади студенти протестираа во Белград заради намалувањето на бројот на испитните сесии, наспроти зголемувањето на трошоците за студирање. Шпанските студенти одржаа тридневен протест поради растот на трошоците на студирање и кратење на стипендиите. Во Бугарија студентите бараа оставка на Владата на Орешарски и со синџири и катанци ја блокираа вратата на зградата на Универзитетот каде што протестираа повеќе од 20 дена. Во Хонг Конг бројот на студентите кои протестираа стигна до 800 илјади лица. Тие протестираа против влијанието и контролата од страна на Кина.

„Во 1980 година студентите по новинарство организираа петиција за поддршка на полскиот синдикат ‘Солидарност’ и под итно беа ставени под полициски третман и прогласени за анархо-либерали“, објаснува тој.

„Два месеца буквално секој ден се гледав со полицаецот што беше задолжен за нас. Тоа беше последното автономно студентско мрдање, до оној протест на студентите по архитектура против градењето на црква на плоштад, на кое се сеќавам“, вели Георгиевски.

Овие протести завршија со насилство и повеќемина повредени, откако се појавија поголема група контрадемонстранти која вербално и физички се судри со студентите организирани преку две организации „Прва архи бригада“ и „Прогресивен млад синдикат“.

 

Студентите не смеат да се помират со просечноста

студенти

Протести против екстерното: Најголемиот дел од студентите не сакаа да се претстават со име и со презиме кога им побаравме изјава | Фото: М. Јордановска

 

Ваквата студентска енергија во Македонија речиси и да не се чувствува повеќе, иако студентите што присуствуваат на протестите против екстерното тестирање сметаат дека ова е прв чекор кон единство и подигнувањето на свеста.

„Не сметам дека нема студентска енергија. Ние си ја чувствуваме меѓусебно и сме обединети околу прашањето за воведување екстерно тестирање“, ни изјави студентка која сакаше да остане анонимна.

Денеска организирани преку иницијативата наречена „Студентски пленум“ студентите се собираат пред Архитектонскиот факултет.

„Мора да ги средиме приоритетите. Не смееме да дозволиме да немаме свое мислење, не само за прашањата што директно нè засегаат, туку општо, за сите случувања во државата. Студентите мора да почнат себеси да се гледаат не како луѓе кои треба да завршат факултет за да најдат работа, туку како општествена сила“, вели Коложег.

„Учи за да не работиш“ и „барај работа државно“ се дел од коруптивно-клиентелистичката понуда на сите власти досега, што во новите генерации го уништува претприемничкиот дух, општествената свест и одговорност, како и подготвеноста на поединецот да ги брани своите слободи, права, ставови и потреби“, смета Ивон Величковски.

А тоа е и задачата на секој „академски граѓанин“ – кој по природа треба да биде спротивставен на просечноста.