Во интервју за БИРН, лидерот на опозицијата Зоран Заев најавува дека бомбата ќе се објавува од понеделник, говори за причините за повеќемесечното тактизирање, за контактите со Груевски, но и за изворите на чувствителните материјали, за кои вели дека се од македонските тајни служби.
„Забрането внесување мобилни телефони“, стои известување на голем лист хартија на влезот од кабинетот на претседателот на СДСМ во седиштето на „Бихаќка“. Освен тоа, во СДСМ не може да се забележи некаква особена раздвиженост или знаци на нервоза во време кога партијата очигледно се соочува со најголемиот предизвик во својата историја.
Поголемиот број членови од раководството на СДСМ се во седиштето на партијата и се подготвуваат за утрешниот Централен одбор.
Очекувањата на Заев се дека Централниот одбор в петок ќе го задолжи централното раководство да почне со објавувањето на доказите.
„Штом ќе бидат донесени одлуките, раководството на партијата очекува и неколку други партии од опозицискиот блок да донесат одлуки. Тоа би било викендов. Реално, почетокот на наредната недела е периодот кога ќе почнат да се споделуваат доказите.“
Тој вели дека е подготвен на сè и дека не би бил изненаден да го уапсат при првиот обид да ги обелодени информациите. Но и тогаш, како што тврди, објавувањето на доказите нема да запре, бидејќи СДСМ веќе има одредено кој од партијата понатаму би ги соопштувал доказите.
„Очекувам сè, секако и во делот на можно апсење кога ќе соопштувам докази, ама подготвени сме кој ќе настапи втор. Ако и него го уапсат, знаеме трет кој настапува. Не можат да ја уапсат цела опозиција. И секако, имаме подготвено сценарио како овие работи да допрат до јавноста, дури и по цена да апсат“, вели тој.
Бомбата потекнува од македонските тајни служби
Заев вели дека главната причина зошто поминаа месеци без ништо да се објави била да се заштитат луѓето кои ги давале информациите.
„Една од причините зошто толку се тактизираше е безбедноста на луѓето кои се охрабриле и одважиле повеќе да не го трпат тоа што се случува во Македонија и направиле храбар чекор“, вели Заев.
„Ми тежи што невини луѓе се во притвор. Ме боли, ме кине. Но, тоа истовремено ми дава дополнителна сила за уште посериозен, повнимателен и порешителен пристап. На крајот на денот, тој што тоа го правел тоа треба да се чувствува виновен и да е загрижен. Јас сум овде поштарот. Луѓето најверојатно ќе ги предале овие материјали во Јавното обвинителство ако верувале во него“, вели тој.
Тој не сака да открие за колку лица станува збор, ниту пак, што точно содржат материјалите што ги поседуваат. Тврди дека лицата што му ги дале информациите работат во македонските тајни служби, што го прави целиот случај многу почувствителен.
Нему му е тешко да го предвиди епилогот од она што допрво ќе следува, бидејќи, како што вели, не верува во институциите на системот.
„Од системот не очекуваме правна разрешница, бидејќи се обидовме неколку пати, со Македонска банка, Актор, становите на власта итн. Некои пријави веднаш беа отфрлени, а за некои воопшто немаме одговор“, вели Заев.
Она што најмногу го загрижува при објавувањето на доказите што ги поседува е што ќе се случи понатаму со лицата што им ги дале информациите, за кои Заев е дециден дека не потекнуваат од странски служби.
„Мене и на секој од раководството на партијата може сешто да ни се случи. Но, не можете да спиете ако знаете дека некој човек може да изгуби живот или слобода, само затоа што се охрабрил да помогне. Затоа сакам да испратам порака – се надевам дека ништо нема да им фали на тие луѓе. Тоа не би можел да си го простам, ако настрадаат луѓе само затоа што споделиле некое зло што се случува во нивната и нашата татковина.“
„Дали сега тие луѓе се безбедни?“, прашуваме, а тој кратко одговара: „Mислам дека тој процес го заокруживме. Тоа беше најважно“.
Груевски прв проговори за „бомбата“
За обвинувањата на премиерот Никола Груевски дека лидерот на опозицијата го уценувал со компромитирачки нелегално снимани материјали, Заев е дециден дека не соработувал со странски служби и вели дека Груевски прв ја потегнал дебатата за „бомбата“ на нивните четири средби, а не обратно.
„Ако ги видите термините на тие разговори со премиерот, ќе видите дека јас и претходно јавно сум повторувал дека никој нема право да ја скрие вистината од граѓаните и дека таа ќе биде обелоденета. Сите средби со премиерот беа единствено во врска со петте барања на опозицијата. Размислуваа една недела, тоа беше по третата средба, за на крај да кажат – не, вие во јавноста кажувате дека имате некои докази, ако не ги дадете доказите, нема преговори“.
„Јас им реков“, вели Заев, „нема шанси да ви ги доставам доказите, затоа што на тој начин ќе се спречи јавноста да биде информирана“.
СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава за неовластено снимање за видеата каде што Заев му признава на премиерот дека има снимки што ги добил од странски разузнавачки служби.
„На прашањето на премиерот, добро, те гледам по медиумите, викаш дека имаш докази, од каде ти се?, јас му велам ‘не е важно’, а тој ми вели ‘не, мора да ми кажеш од каде ти се‘.‘Во ред‘, реков, ‘од странски служби‘. Не можам да му кажам од тие и тие луѓе ми се снимките, затоа што тоа се луѓе вработени во јавни институции, под контрола на власта и се работи за сензитивна материја која е чувствителна за безбедноста на тие луѓе и на нивните семејства“.
Па дури и снимките навистина да потекнуваат од странски служби, вели Заев, законот не го забранува тоа.
„Законот забранува некој да дава информации на странски служби. А нема ништо незаконски ако странски служби дале информации. Но, тврдам и потврдувам, нема никакви странски служби. Имаме илјадници и илјадници разговори – која е таа странска служба што би можела тоа да го направи? Кој би бил интересот на една странска служба да ги слуша разговорите на претседателот на опозицијата со години наназад? Кој им е интересот да ги слушаат медиумите?“, прашува Заев.
Заев одбива да говори за тоа што содржат снимките. Единствено потврдува дека станува збор за теми кои ги опфаќаат сите проблематични сегменти од општеството, почнувајќи од изборната корупција, завршувајќи до судскиот систем.
„Детали не би сакал да кажувам, затоа што секое избрзување може да предизвика лични трауми и проблеми за поединци. Процесот ќе го водиме многу внимателно, зашто колку е што важна државата, толку е важен и секој поединец“.
Ако не успееме, ќе си заминам
По објавувањето на доказите со кои располага опозицијата, Заев очекува да паднат оставки, иако остава простор и за други сценарија. Впечатокот е дека опозицијата ќе оди на „сè или ништо“. Дали ќе поднесе оставка доколку случајот не добие епилог за Заев е најневажната работа во моментов.
„Очекувам разврска што ќе доведе до нормализација на нашата земја. Оставки ќе паднат и мора да паднат. Вината не е кај нас, затоа што ние сме ги добиле материјалите. Тој што тоа го правел има да одговара. Ако има барем минимум етичка и законска одговорност, оставката треба да се случи уште при првиот чекор што ќе го направиме, а чекорите се многубројни и се внимателно осмислени.“
Според него, тоа е најоптимистичкото сценарио.
„Генерално, очекуваме политичка разврска. Правна разврска не можеме да очекуваме за овој случај. Кај кој обвинител да одиме, кај кој суд? Затоа апелиравме и ги информиравме сите меѓународни институции и сите држави кои се пријатели на Македонија.“
Тој вели дека не чувствува страв ниту пак се двоуми дали контроверзните докази треба да бидат објавени во јавноста.
„Сум се нашол во ова време и на ова место и за тоа најверојатно има причина. Мило ми е што семејството ме поддржува во оваа работа. Имам две малолетни деца. Храбри се. Живеам во пошироко семејство и сите се апсолутно свесни за моментот пред кој што сме исправени и како семејство, и јас како родител. Се надевам дека нивното охрабрување и поддршката ќе помогнат во процесот што следува за нашата земја..
„Ако ова не успее, тогаш ќе си одам од функцијата“, вели тој.
„Ова е буквално чекор што е уникатен, го нема ниту во најсилните режими што се случувале низ светот. Секако, ако не успееме, јас ќе заминам. Кога се работи за иднината на Македонија, воопшто не е важно дали некој политички ќе загине.“