Пишува: Џана Брканиќ / Сараево
Слободен Тарањац, Миодраг Глушац, Ранко Бабиќ, Ранко Дошеновиќ, Маринко Праштало, Раде Зекановиќ, Здравко Паниќ и Триво и Милан Вукиќ, се обвинети дека од 27 до 30 јули 1992 година, во регионот на босанскиот град Приедор, учествувале во здружен злосторнички потфат.
Нивното судење почна со читање на обвинителниот акт, според кој, Тарањац, Глушац, Бабиќ и Дошеновиќ, на 27 јули учествувале во заробување на 110 бошњачки цивили, во селото Миска глава, со давање на согласност, обезбедување на средства и други услови на четата „Мискоглава“ на Војската на Република Српска, ВРС, чии војници и полицајци биле директни извршители.
Заробените цивили, се вели во обвинението, бегале од неколку околни села кон општината Бихаќ.
Обвинетите, според обвинителството, се согласиле заробениците да ги префрлат во селото Миска глава, каде што биле малтретирани.
Зекановиќ, Дошеновиќ и Праштало, се обвинети дека дека директно биле вклучени во апсењето и нечовечкиот третман на заробениците.
Обвинителството смета дека Тарањац, Глушац, Бабиќ и Дошеновиќ, ги одобриле и ништо не направиле за да ги спречат тортурата, злоупотребата, малтретирањето и претепувањето на затворениците.
Потоа, според обвинението, припадници на резервната полиција убиле најмалку пет цивили.
Тарањац, Глушац, Бабиќ и Дошеновиќ, како што се наведува, на своите подредени им наредиле да издвојат 15 малолетни лица и да ги однесат во логорот Трнопоље, а другите 80-тина заробеници во рудникот Љубија, каде што биле стрелани.
Праштало е обвинет за учество во убиствата на овие затвореници, од кои тројца успеале да преживеат.
Според обвинителството, обвинетите се обиделе да го прикријат злосторството, закопувајќи ги убиените во масовни гробници.
Триво и Милан Вукиќ и Паниќ, заедно со ним познати лица, на 27 јули од селото Миска глава, одвеле 11 лица во селото Паниќи, каде што ги убиле, а потоа и ги закопале.
Заедно со нив, во прикривањето на злосторството учествувале и Тарањац, Глушац, Бабиќ и Дошеновиќ.
Тарањац е обвинет како претседател на кризниот штаб на Љубија и прв човек на цивилната власт, Глушац како заменик командант на шестиот баталјон Љубија при 43-та бригада на ВРС, Бабиќ како оперативец, Дошеновиќ како помошник командантот за безбедност, а другите како припадници на четата „Мискоглава“, како и на воената и цивилна полиција.
Обвинителот, Изет Одобашиќ, соопшти оти планира да повика повеќе од 60 сведоци.
„Ќе сведочат единствените три преживеани жртви, меѓу кои и Нармин Карагиќ, чија трогателна приказна ќе ја слушнете. Убеден сум дека судскиот совет по презентираните докази, ќе се увери во вината на обвинетите“, рече Одобашиќ.
Обвинетиот Тарањац рече дека обвинителот Одобашиќ „има голема фантазија“.
Сепак, неговиот адвокат, како и адвокатите на другите обвинети, на денешното рочиште не ги изнесоа своите почетни зборови.
Првите сведоци ќе бидат сослушани на 24 април.