А сега малку по дома

Колумна на Сашо Кокаланов

Калдрмата на некои улици во центарот на Софија сѐ уште си носи дамки како спомен на македонското национално „единство“ и на битка на разните фракции и расколи во ВМРО. Првиот половина век од формирањето на организацијата, таа пали и жари, да не речам „владее“ зашто формално владеат туѓи султани и кралеви, на територијата на Македонија, едно чудо востанија, многу убиства, по некое киднапирање и сè на сè десет дена држава.

Потоа, влијанието на ВМРО опаѓа (меѓу другото и поради дамките на софиските улици), доаѓаат партизаните и ја добиваме оваа денешна Македонија, што се покажа дека не сме кадарни ни да ја „искречиме“, а не, пак, да ја унапредиме.

Ова е кратката историја на создавањето на македонската држава. Сè друго се приказни и бајки, митови и кич-митологии, па макар славеле, не два, туку четири родендена на ВМРО – еден на 23 октомври (старото), втор на 17 јуни (новото), трет Мицкоски кога му рече „Не“ на Мичел (проруското) и четврти кога Мијалков беше исклучен од ОК Центар (реформираното).

Но, мина празникот, да го оставиме ВМРО малку самото со себе. Сè додека нема дамки и по скопските улици и не ни отворат работа за перење на калдрмите од крвта и солзите на новите фракции во организацијата, не гледам причини зошто девет од десет вести на тикерите би биле посветени на расколот во организацијата заслужна за десет дена од седумдесетте и нешто кусур години македонска држава.

Да видиме ние со „кречењево“ до кај сме. Всушност, речиси до никаде.

Проблемите со соседите беа и објективна пречка, ама и изговор, изминативе 27 години. Сега кога последното големо отворено прашање со соседите, спорот за името со Грција, тргна кон дефинитивното историско затворање, и државава како и ВМРО, ќе треба да се соочи самата со себе и да се погледне во огледало. Со таа разлика, што ова второво соочување е историски важно.

Сè додека нема дамки и по скопските улици и не ни отворат работа за перење на калдрмите од крвта и солзите на новите фракции во организацијата, не гледам причини зошто девет од десет вести на тикерите би биле посветени на расколот во организацијата заслужна за десет дена од седумдесетте и нешто кусур години македонска држава

Владата на Зоран Заев сега е исправена пред, всушност, најважниот предизвик. Или ќе се реформира македонското општество темелно и сеопфатно, или ќе се доизвмроизира до степен на неодржливост.

Евроатлантскиот пат не е сокаче. Тоа е долг пат за возење, со многу завои и пресеки. Во јануари ќе добиеме столче во НАТО, следниот јануари ќе добиеме членство и право на глас; следниот јуни здравје ќе добиеме датум за почеток на преговори, а таму некаде околу 2025 (ако сè тече како што треба) ќе станеме дел од европското семејство. Што ќе правиме во меѓу време?

Мислам дека првиот лакмус-тест за намерите посериозно да се фатиме со реформи ќе бидат претседателските избори во април. Има генерално три сценарија врзани со нив: првото е да има само претседателски избори, второто е да има и претседателски и предвремени парламентарни, третото, веројатно најмалку веројатното, е да нема никакви избори.

Би ги анализирал накратко трите можности.

Ќе почнам од третово сценарио. Тоа би значело да се искористи тазе формираното двотретинско мнозинство за да се смени Уставот и да се отстрани еден дефект во нашиот политички систем – претседателот да се избира во Собрание. Исто како што е на пример во Германија. Ова би било суперпаметен потег од повеќе причини.

Прво од политички – доволно сме поделени по сите основи за да се колеме (во Македонија избори се кланица) за да избереме еден церемонијал-мајстор, кој не може многу да придонесе поради своите ограничени надлежности, а истовремено може многу да закочи и со тие малку надлежности (види Иванов, м.з.). Избор на шеф на држава со двотретинско мнозинство, понатаму, ќе ни биде супер тренинг за да создадеме политичка култура на договарање, зашто најчесто во парламентот нема партија со 80 пратеници (не е доволно, нели, само да се помириме).

Да не се лажеме, нови избори значат три месеци нова, оксиморонска, таканаречена пржинска или изборна влада, која не прави избори, туку, ако нешто воопшто прави (освен што министри и заменици си ги кријат далечинските од климите) – прави избори

Второ, од економски причини. И тука лицето Хорхе е поучен пример. Поебавме, со извинување, двапати по неколку милиони евра, за што, за фикус што на цветен пазар се продава за 500 денари.

Тоа е третото сценарио, според моето скромно мислење најпаметното, но Македонија, нели, не би била тоа што е денес кога би ги избирала за себе најпаметните решенија.

Остануваат другите две, многу поверојатни опции. Зошто се тие лакмус за решеноста на оваа власта да ја реформира државата?

Затоа тоа едно вакво ВМРО во раскол, изолирано од светот, раскарано на „кичмењаци” и „бескичмењаци”, на криминалци и полтрони, на гатачи и на вуду кукли, поделено меѓу Москва и Бања Лука, со изгубен идентитет некаде на геометриска средина од Филип Петровски, Димитар Апасиев и Јанко Бачев, просто моли и мами да биде предизвикано на избори.

И не би се случило ништо драматично во македонската изборна традиција, никаков дисконтинуитет. Зашто тоа би биле дури петти по ред предвремени избори. Не се ни тешки за да им се најде оправданост – постабилно мнозинство и обновен мандат за порешителни реформи. ВМРО, на пример, не би се двоумело ниту ден – би ги распишало.

Но, да се вратиме уште еднаш на прашањето од погоре: што сакаме – темелни и сеопфатни реформи или довмроизација на државата? Избори во април мислам дека водат во ова второто.

Зашто, да не се лажеме, нови избори значат три месеци нова, оксиморонска, таканаречена пржинска или изборна влада, која не прави избори, туку, ако нешто воопшто прави (освен што министри и заменици си ги кријат далечинските од климите) – прави избори. Тоа се нови изгубени денови, месеци, па ако изборните резултати не се според очекувањата, дури и години во беспоштедни, јалови политички битки и кризи.

Оттука, ако веќе немаме храброст да го смениме начинот на избор на претседателот, верувам дека само една „лајт“ изборна трка за шеф на држава, со минимум ресурси и со минимум посветеност на државното водство, ќе биде показател дека вистина во прв план ни се реформите.

Или, да скратиме, ќе биде многу разочарувачки ако видиме премиер кој му ја трча изборната трка на идниот претседател, наместо да си ја брка својата работа.