Интервјуа

Газдата на „Секјуриком“: За пари ми ветија слобода!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Ми ветија дека ќе го запрат судскиот процес, ќе ми го вратат пасошот и нема да ме уапсат“, вели Гампер.

Скандалот „Секјуриком“ и понатаму се провлекува под радарот на јавноста, иако овој корупциски случај во меѓувреме доби нови и по малку филмски димензии.

За скандалот БИРН пишуваше уште пред три години. Сомнежот е дека директорот на владината Служба за општи и заеднички работи во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Васе Доневски незаконски подготвил терен само „Секјуриком“ да учествува на тендерот и така без пречки да дојде до бизнисот вреден повеќе од 10 милиони евра.

Тоа се случило во 2015.

Истражните власти проценија дека Владата би заштедила некаде околу четири милиони евра за хигиена, доколку имало конкуренција на тендерот.

Се чинеше дека со обвинението за Доневски и за газдата на „Секјуриком“, Австриецот Волфган Гампер случајот ќе заврши таму каде што му е местото, во судница, меѓутоа сведоци сме на неочекуван расплет.

Васе Доневски замина во Шутка, па го пуштија во домашен притвор, додека на Австриецот Гампер му го земаа пасошот, ама остана на слобода, што е невообичаено кога странец е вториот осомничен во крупна криминална афера.

Затоа никој не се изненади што во август Гампер избега од државава, наместо рутински да се пријави во скопскиот суд.

Обвинува за изнуда

„Имам 5 сведоци за изнудата“ | Фото: „Секјуриком“

Додека полицијата го бара со меѓународна потерница, тој се појави на државната австриска телевизија ОРФ и од Салцбург обвини дека актуелната македонска власт му изнудила пари.

Можеме и ние да посведочиме дека не се крие.

Редовно и ревносно одговара на сите мејлови и пораки што му ги праќаме. Често и самиот иницира комуникација, нетрпелив е и на моменти неговото однесување се гранични со ароганција. Таков беше и кога го сретнавме во Скопје, додека во 2015 година го истражувавме спорниот тендер на којшто победи неговата „Секјуриком“.

Упорно прашува: „Кога ќе објавите текст?“.

Се согласи на кратко пишано интервју.

Волфганг Гампер секако дека има своја верзија за спорниот тендер од 2015, но посебно скандалозни се неговите обвинувања кон власта предводена од СДСМ. Тврди дека го рекетирала.

„Ми ветија дека ќе го запрат судскиот процес, ќе ми го вратат пасошот и нема да ме уапсат. Исто така рекоа дека може да учествувам на новиот тендер.“

Волфганг Гампер по мало двоумење откри кому му ги давал изнудените пари, но БИРН ќе се воздржи и нема да ги објави имињата.

Станува збор за тотално анонимни луѓе, коишто сега за сега не можеме директно да ги поврземе со никој од актуелната власт, ниту, пак, Гампер дава било какви докази за такво нешто. Вели дека има пет сведоци.

„Но, не можам да ви ги кажам нивните имиња.“

Владата категорично ги отфрла обвинувањата

“Станува збор за обвинувања на човек против кој се покренати обвиненија за проневера на пари и по кој е издадена меѓународна потерница бидејќи е во бегство. Категорични ги отфрламе неговите наводи, станува збор за апсолутни невистини и инсинуации, чија цел е единствено да се наруши угледот службите на македонската влада и на самата Владата на Република Македонија”, се вели во писмениот одговор од Владата.

Не е конкретен ни околу сумата што наводно ја дал. Вели дека во една прилика платил 150.000 евра, потоа дал уште 60.000 за некој да купел „мерцедес“, па на крајот уште 220.000 за некој трет да земел стан во Германија.

Дополнително, тврди дека кога Владата му ги плаќала заостанатите рати, морал да одвои 10 проценти за рекет во рок од пет дена откако ќе легнеле парите на сметка.

Десетте проценти наводно секогаш биле плаќани во Скопје, а оние за „мерцедесот“ и за станот во Германија на некое друго место во Македонија.

Гампер смета дека државата му должи пари и за камати, со оглед на тоа што навреме не му ги исплатила ратите.

Убеден е дека некој сака да му го сруши бизнисот кој вработува повеќе од 1.000 луѓе и за тоа како аргумент ги посочува новите договори за чистење на Владата. Според него сега Владата ќе плаќа повеќе, отколку што му плаќала на „Секјуриком“.

„Тоа може да се види од тендерската документација, којашто е јавна.“

Се иззема од спорниот тендер

„Едно евро не сум му дал на Васе Доневски“ | Фото: „Секјуриком“

Очекувано Волфган Гампер има своја приказна за тоа што се случило со спорниот тендер за чистење на Владата.

„Едно евро не сум му дал на Васе Доневски“, дециден е тој.

Вината за скандалот ја префрла на еден од неговите поранешни раководители, чијашто задача била да комуницира со поранешната Влада и со Доневски. На него го препишува и тоа што Доневски две години бесплатно си возел автомобил на „Секјуриком“.

На нашето прашање дали е возможно ексраководителот да враќал дел од парите на луѓе од претходната власт, Гампер вели:

„Да, тоа е јасно. Сите документи за ова ги имаат Финансиската полиција, Обвинителството и Судот.“

„Дојче веле“ на македонски објави дека Обвинителството од австрискиот град Санкт Пелтен (стопански и културен центар на покраината Долна Австрија) бара од македонското Обвинителство податоци за истрагата што се води во Скопје против Гампер.

Затоа нѐ интересираше дали властите во неговата татковина го контактирале и дали покренале некаков процес поврзан со обвинувањата во Македонија.

„Нема никакви реакции во Австрија“, одговори сосема кратко.

Потенцира дека единствено нешто што нелегално го направил е тоа што избегал од Македонија, ама и за тоа има оправдување. Уште претходно закажал операција, меѓутоа Обвинителството и Судот не го пуштале да се лечи во Виена.

Морал да избега, инаку ќе добиел срцев удар.

„Не можев да ја направам операцијата во Скопје, бидејќи веќе имам три бајпаса и затоа непоходно беше се оперирам во болницата во Виена, каде што досега ја прателе мојата здравствена состојба.“

Гампер вели дека операцијата била успешна, меѓутоа сѐ уште не се чувствува добро.

„Ако ми го вратат пасошот и ако се затвори судскиот случај, можно е да се вратам во Македонија.“

Полицаец од Скопје во август му помогнал да ја мине границата со Косово, а оттаму за Виена патувал со својата лична карта, којашто не му ја одзеле.

Лесно предвидливото бегство на Гампер беше повод БИРН да истражи како се води истрагата и наидовме на низа најблаго речено чудни одлуки на Обвинителството.

Освен тоа што Гампер не отиде во притвор, од истрагата и од обвинението изземени се „Секјуриком“ и шесте други фирми кои според Финансиската полиција помогнале да се намести тендерот. Дополнително, за криминал се товарат само Доневски и Гампер, иако за овој случај без размислување можело да се оформи предмет за злосторничко здружување.