Атомски с десна

Во еден ден стигнаа две важни вести – едната странска, другата домашна. Првата, важна за науката, е дека се одобрени имињата на четири нови елементи во Менделеевиот систем – нихониум (Nh) со атомски број 113, московиум (Mc)115, тенесин (Ts)117 и оганесон (Og) со атомски број 118.  Со тоа периодниот систем е комплетиран до седмиот ред, а откритието е придружено со интересни детали.

Нихониумот, кој бил откриен од јапонски научници, името го добил од синонимот за Јапонија – „нихон“ – земја на изгрејсонцето. Московиумот е крстен по Москва, градот во кој било спроведено голем дел од истражувањето, тенесиумот по придонесот во истражувањето на сојузната американска држава Тенеси, а името оганесон е во чест на рускиот нуклеарен физичар Јури Оганесиан.

Не ми е целта да кажам дека според нас досега ништо „научно“ не е крстено, иако „груевизмот“ е на добар пат да си обезбеди место во политиколошките истражувања. Дотогаш честа на името и натаму ќе ни ја брани овошната салата „Македонија“, чиј измешан мастраф со години реално ја отсликува нашата актуелна состојба.

Како и да е, ме потсети оваа вест на обидот на колешката Оливера Трајковска, примерот со непостојаната бројка во периодниот систем да му го предочи на тогашниот министер за образование, Абдулаким Адеми, како аргумент за релативноста на „знаењата“ ставени под лупата на екстерното тестирање. Не знам дали тој ја разбра поентата, но се сеќавам дека не го знаеше одговорот на прашањето колку елементи има Менделеевиот систем. Дури и да го знаеше одговорот, она што тогаш би било точно, денес веќе не е, што беше главната цел на сугестијата на Трајковска.

Реално е да не го прашуваат народот за мислење кога од народни пари купуваат „мерцедеси“ од 600.000 евра или очила од 60.000 евра. Реално е таму каде што има гладни и страдни да нудат 60 евра за да си го купат мандат од нови четири години. Поделено на денови, реално е дека се обидуваат тие луѓе да ги корумпираат со 2,5 денари на ден

Секако, отсуството на одговор не може да биде доказ дали некој е добар или лош министер, туку дали е добар „ученик“, подготвен да се соочи со минливоста и менливоста на нештата. Дали тие треба да се оценуваат во еден затворен, непроменлив систем или во контекст на времето, на новите сознанија и предизвиците што доаѓаат. Тоа е екстерниот испит пред кој сме секој ден исправени, а посебно оние кои седат на важни места задолжени за операционализација на потребите на нашиот општествен систем.

Многу елементи денес недостигаат во него. Немаат хемиски имиња, иако може да ги означиме со зборовите љубов, почит, разбирање, соработка, дијалог…  Кога не живеат во нашата практика, сведочат за тотално отсуство на „хемија“ во општеството, која резултира со поларизација, култура на поделби, отсуство на дијалог, омраза, гнев… И токму во таква типична македонска атмосфера, произведена е втората, домашна вест, која вели дека во нашиот систем активност пројавил елементот антикорупциум (DKSK), но само при синтеза со партискиот елемент со атомски број 1 на изборната листа. Накратко кажано, се случува „хемија“ само кога ДКСК е во верижна реакција со овој партиски елемент.

Резултат од таа хемија е наредбата „атомски с десна“. Оние кои служеле воен рок, знаат што значи тоа предупредување – ако атомски напад доаѓа од десно, треба да се фрлиш на спротивната страна. Така и бидна. Се е фрлено на лева страна, кај партискиот елемент со атомски број 4.

Единствено таму е откриен пример за корупција. Нашиот антикорупциум, кој требаше да биде силен институционален лаксатив што ќе го исчисти општествениот организам од корупција, со години доживува чудни хемиски мутации, па „по правило“ трагите за корупција ги индицира на сите други места, само не кај вистинскиот извор.

Својствата за маскирање на „реалното“, го прават овој антикорупциум природен хемиски партнер на елементот со атомски број 1 и субверзивен кон сите други елементи во нашиот систем. Онеспособен од бомбардирање со јони во владиниот акцелератор, тој е претворен во класичен антикорупциски симулакрум.

Тоа е причината што овој елемент не препозна ништо спорно ни во „бомбите“, ни во договорите и анексите на „Скопје 2014“, ни во бројните конфликти на интереси, ни во несразмерниот раст на функционерските имоти во однос на примањата, ни во условеноста на вработувањата со изборен глас, ни во државните возила со кои ноќе лумпува Диме Спасов… Ништо од тоа не постои. Тоа е реалноста. Идентична со „реалното“ на атомскиот број 1.

И како да правиме промени, како да го произведеме хигсовиот бозон на правдата, онаа божја честичка на нов и чесен почеток, кога нашиов хадронски колајдер е затнат од сите страни со процеси за одржување на статус-кво на бесчеститето и лагата.

Тоа е сцена на која истовремено дефилираат држачи на навредливи и националистички пароли, но и на икони со светци, вагабонтска партиска дружина која само предизборно и во мака се крсти во волјата на народот. Во сите други случаи го  потценува и заборава. Тоа е „реалното“.

Реално е да не го прашуваат народот за мислење кога од народни пари купуваат „мерцедеси“ од 600.000 евра или очила од 60.000 евра. Реално е таму каде што има гладни и страдни да нудат 60 евра за да си го купат мандат од нови четири години. Поделено на денови, реално е дека се обидуваат тие луѓе да ги корумпираат со 2,5 денари на ден.

Ете, така го процениле саканиот народ, кој треба да им обезбеди иста конфигурација на власта, продолжување на истите девијантни активности, оправдан со рентирање на разни цинични Курцови од европски дворови, кои треба да сведочат божем за нивниот легитимитет на меѓународната политичка сцена.

Таа партиска камарила, самопретставена како храбра и машка, наводно стрејт, наводно демохристијанска, и наводно демократска, бара продолжување на нејзината супремација со ставање во погон на секој преостанат финансиски, кадровски и институционален атом, во случајов и ДКСК.

И како да правиме промени, како да го произведеме хигсовиот бозон на правдата, онаа божја честичка на нов и чесен почеток, кога нашиов хадронски колајдер е затнат од сите страни со процеси за одржување на статус-кво на бесчеститето и лагата

Последниот „атомски с десна“ на Комисијата што ја плаќаме за да постапува неселективно, не е инцидент. Тоа е потврда на правилото дека со корумпирани елити во изборната трка, и институции кои се под нивна контрола, ниту може да има атмосфера за фер трка, ниту фер избори.

На изборите што претстојат, само ќе бидат прошверцувани старите практики во нови форми и како нова ургентност што ќе се покаже по 12-ти декември. Атомски 1, пред очите на сите гаранти на договорот за суштински промени, бара нов легитимитет за она што е длабоко погрешно во нашиот систем, но и зацрствување на неговите недостатоци.

Постапките на ДКСК, на состојбите во судството и во обвинителството, се само еден од лакмусите за тоа. Расчекорот меѓу она што треба да го прават, она што тврдат дека го го прават, и oна што суштински го прават, е преголем за да може да се игнорира. Тие дури и не го кријат тој расчекор, со што јавно ја исмеваат сентенцата „фер избори“.

На таков начин универзалните вредности на слободата и демократијата се жртвувани пред олтарот на една компромитирана партиска врхушка, но и пред затворените очи и скрстени раце на ЕУ, низ кои секојдневно се провлекува по некој дволичен Курц. Сето тоа помага во присвојувањето на „моралниот монопол“ во претставувањето, кој власта бессрамно го користи за презентирање на нејзината „апсолутна безалтернативност“, промовирана преку државни институции.

Што е тука воопшто фер и регуларно? Како ОБСЕ/ОДИХР ќе ги третира владејачките узурпации преку контролираните институции? Особено ако е јасно дека по ваква увертира,  тешко дека изборите ќе бидат вовед за излез од маѓепсаниот круг на кризата.

Лесно е да се рече дека по 11-ти декември, доаѓа 12-ти и дека сонцето повторно ќе изгрее. Да, по сила на календарот. Но, стравувам дека видливото бегство од промените, непрекинатите клептократските практики, заробените институции, недостигот од изборна рампа за криминализираните елити и европскиот молк на тоа, кријат опасни ветришта кои може да ги издуваат страниците на календарот, враќајќи ја Македонија некаде на 24-ти декември 2012.

Би сакала да грешам, но не се откажувам од намерата да предупредам. Додека сè уште има време за (ре)акција.