Блиску, а толку далеку

Не се случајни и неслучајно се симболични последните порази на нашите ракометари и ракометарки. Толку блиску, а толку далеку – како што пее еден македонски шлагер.

За потсетување: ракометарките на „Вардар“ го изгубија финалниот натпревар за титулата европски ракометен шампион од домаќинот, унгарскиот шампион „Ѓер“, само со гол разлика и на продолженија. „Вардарките“ играа полетно, иако речиси сето време го бркаа резултатот. И иако играа против силен противник, против противничка публика, а може да се каже и против судиите, сепак беа толку блиску до остварувањето на целта, која не толку одамна изгледаше речиси недостижно – да бидат европски шампионки.

Слично се случи и со македонската ракометна репрезентација. Тие изгубија во квалификациите за Европското првенство во Хрватска 2018 година од домаќинот, репрезентацијата на Исланд, со еден гол разлика и речиси со ист резултат како претходниот натпревар. Македонските репрезентативци играа полетно, иако речиси сето време го бркаа резултатот. И иако играа против силен противник, против противничка публика, а може да се каже и против судиите, сепак беа толку блиску до остварувањето на целта, која не толку одамна изгледаше речиси недостижно – да го победат Исланд во гости.

Но, не успеаја. Иако не смееме да бидеме незадоволни. Речиси е извесно дека ракометарките на „Вардар“ прераснаа во шампионска екипа и дека само прашање на време е кога ќе се закитат и со европската шампионска титула – најверојатно веќе следната година. И, да, квалификациите за Европското првенство во Хрватска ни оддалеку не се завршени, а Македонија ги има сите шанси да го продолжи континуитетот на настапи на големи ракометни натпреварувања. А што е уште поважно, со овој резултат против Исланд, во Исланд, таа само покажува дека е респектабилна европска репрезентација, која може да игра рамноправно со големите европски сили, без оглед на кој терен настапува.

Нормалноста против лудилото игра на негов терен, против силен противник, против противничка публика (медиуми, јавност), а може да се каже и против судиите. Но, она што е извесно е дека само прашање на време е кога ќе победи. Најверојатно многу бргу

Ако сакаме симболиката на овие натпревари да ја пренесеме на „домашен терен“, односно на македонската ситуација, тогаш можеме да изведеме метафора од типот дека сме толку блиску, а сепак далеку од целта која до неодамна ни изгледаше неостварлива – живеење во една нормална држава. Нормалноста против лудилото игра на негов терен, против силен противник, против противничка публика (медиуми, јавност), а може да се каже и против судиите. Но, она што е извесно е дека само прашање на време е кога ќе победи. Најверојатно многу бргу.

Според многумина од оние што ги нарекуваме политички аналитичари, седмицата што е пред нас ќе биде клучна за разрешување на веќе напорната криза. Оваа седмица треба да следи објавата во „Службен весник“ на одлуката за избор на претседател на Собранието на Македонија (ако веќе не уследила во моментот додека го читате овој текст) и евентуалното давање на мандатот за формирање влада од страна на претседателот Ѓорге Иванов на лидерот на СДСМ – Зоран Заев. Сепак, мислам дека неделава што е пред нас ќе помине во уште тактички надмудрувања, веројатно последни во оваа бесконечна агонија по изборите од 11 декември минатата година.

Или, ако веќе се врзавме за симболите и метафорите, тогаш еве ја и временската прогноза за следната седмица – почнува со на места врнежливо, па поминува во слаб дожд и крајот на неделата е топол и сончев. Така некако ќе се движат работите и на политичкиот терен.

Тоа, се разбира, не значи дека веќе следната недела ќе станеме светски или европски шампиони. Напротив. Настаните од „крвавиот четврток“, иако не верувам во можноста да се повторат со тој интензитет, сепак се доволно предупредување дека власта во заминување е подготвена на секакви манипулации за да се повлече во што поголема драматуршка помпа.

Едноставно, ја преживуваме филозофијата на сѐ уште владејачката партија, за која мислевме дека е одамна изживеана (филозофијата, а не партијата – иако наскоро тоа би можело да важи и за партијата), а која најлапидарно би гласела: „После мене пропаст“. (Се разбира, оригиналната изрека гласи „После мене потоп“ и му се припишува на Луј XV, но ние се надеваме дека потопот веќе го преживеавме, како што мислиме дека ја преживеавме и изреката „Државата – тоа сум јас“, што му се припишува на дедото на горенаведениот монарх, Луј XIV, „Кралот сонце“.)

Довербата кон чуварите на редот и мирот е веројатно на најниско ниво од времето кога луѓето во црни мантили прибираа луѓе од нивните домови и ги носеа на Голи Оток. „Крвавиот четврток“ покажа дека барем еден дел од полициските сили ги штити оние што би требало да ги апси

Останува да видиме уште како ќе ги преживееме органите задолжени за чување и одржување на редот и мирот. Еве, деновиве, кога го одбележуваме Денот на полицијата, за жал, мораме да констатираме дека довербата кон чуварите на редот и мирот е веројатно на најниско ниво од времето кога луѓето во црни мантили прибираа луѓе од нивните домови и ги носеа на Голи Оток.

„Крвавиот четврток“ покажа дека барем еден дел од полициските сили ги штити оние што би требало да ги апси. Конечно, не толку одамна се поставуваа кордони тешко вооуружени полицајци да стојат пред студентите, небаре станува збор за најбараните терористи на светот, а не во суштина за празник на демократијата и слободата.

Кога сме веќе кај празнувањето на слободата, и покрај фактот дека Македонија е одамна изолиран остров во глобалниот свет, сепак не треба да се заобиколи ниту она што е главна вест во светот – либералот Макрон е новиот претседател на Франција. Добро, претпоставувам дека никој сериозен не ни помислил дека претседателка на татковината на слободата може да биде Марин ле Пен. Вклучувајќи ја тука и самата Ле Пен.

Се разбира, освен некои (не малку на број) овдешни поддржувачи на овдешниот длабоко антидемократски и антислободарски режим. Што само покажува во каква аутистична стварност живее мојата татковина.

Но, сепак, нам не ни останува ништо друго туку да ви го честитаме 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Како и одличните игри на нашите ракометарки и ракометари, кои барем еден ден нѐ внесоа во европската карта на вредности.