Брука за сите пари

Парадоксално, ама Министерството за култура уште еднаш се покажа како цврст, да не кажеме фундаментален следбеник на Маркс и на комунистичките теории за улогата на уметноста и творештвото во општеството, и тоа во нивните најригидни варијанти.

Она што на прв поглед се гледа од списокот на проектите што годинава (не) ги финансира Министерството и за што деновиве имаше најмногу реакции е очебијниот критериум на политичка (не)подобност при одредување на тоа кој проект ќе има „национална“ тежина. Се разбира, од една страна е политичката подобност на творците, но се чини многу повеќе политичката подобност на носителите на проектите, особено во издавачката дејност, каде што првенствено се проценува издавачот, а потоа неговата понуда.

 Во таа смисла, Министерството преку својата комисија, како и преку министерката, покажува едно не само политичко слепило туку своевидна одмазничка, а со самото тоа ниска, лоша особина – оние што ја фарбаа зградата на Министерството нема да добијат поддршка. Нема тука повторно да ги образложуваме одамна расчистените дилеми на раздвоеноста на делото од неговиот творец, ниту пак, ќе потсетуваме дека парите со кои се поддржуваат проектите се буџетски, односно народни и им припаѓаат и на „едните“ и на „другите“, само ќе предупредиме дека одмазничката нишка во одлуките на Министерството може да предизвика само нова – одмазда.

 Кога „другите“ ќе ја заземат позицијата на арбитри за делење пари, тогаш може да се случи „првите“ да не добијат ништо! И така во круг.

Она што на прв поглед се гледа од списокот на проектите што годинава (не) ги финансира Министерството и за што деновиве имаше најмногу реакции е очебијниот критериум на политичка (не)подобност при одредување на тоа кој проект ќе има „национална“ тежина

Ете, само како попатна тривија: истовремено кога Министерството за култура ги објави проектите што ќе бидат финансиски поддржани, во Јужна Кореа ја уапсија нивната министерка за култура. Токму поради сомневање дека правела црни листи на уметници што ја критикувале власта и кои затоа биле изземени од државната поддршка. Ете, таму на некои други планети, некои други луѓе знаат колку се опасни овие поделби.

Втората работа во одлуките на Министерството која влече кон поразените автократски системи е форсирањето одредена естетика, покриена со фразата „традиционални вредности“, а повеќе кон „историскиот материјализам“. И повторно ако го земеме издаваштвото како пример, ова ќе го забележиме преку избраните наслови, но и преку литературата што е избрана за превод. За разлика од ждановистичката доктрина, наречена „соцреализам“, а во недостиг на транспарентни критериуми при изборот, доктрината на Министерството можеме да ја крстиме како „историски реализам“.

Ова, всушност, нѐ води до најдрастичната теза за годинашниот избор – декa Министерството, за жал, практично ја применува Марксовата теза дека културата е општествена надградба. Во случајов базата, основата, е партиската програма, поткрепена со буџетски средства, а творештвото треба само да ја надгради.

Основниот проблем на теоријата за „базата и надградбата“ е во тоа дека таа потекнува од XIX век. Денес сепак е XXI век. Зошто мораме секогаш да потсетуваме на тоа? Значи, светот значително се промени за овие 150 и кусур години откога потекнува теоријата дека прво треба да го наполниш стомакот, а потоа главата. Особено во она што го нарекуваме „култура“.

Културата, заедно со творештвото е (поточно, во нашиот случај, треба да биде) лепило кое помага сите останати општествени форми и пројави да се поврзат, соединат… Таа е интегративниот фактор во општеството без кој сите приказни за идентитети, вечни постоења и библиски земји се само – гола вода. Ако културата дезинтегрира, а не интегрира, тогаш и сите други општествени феномени ќе одат во насока на дезинтеграција.

Културата, заедно со творештвото е (поточно, во нашиот случај, треба да биде) лепило кое помага сите останати општествени форми и пројави да се поврзат, соединат… Таа е интегративниот фактор во општеството без кој сите приказни за идентитети, вечни постоења и библиски земји се само – гола вода

Во оваа смисла, бадијала се муабетите за евроатлантските интеграции како приоритети, за странските служби и за Сорос како сотона. Во Министерството веројатно не слушнале или не сакале да слушнат дека токму културата во Европа е подрачје со најпропулзивен раст, дека токму во културата се отвораат нови работни места, дека тој пазар е сѐ пожив и сѐ попотребен, токму за да се испеглаат разликите во општеството, или ако сакате – меѓу општествата.

За жал, овдешната доктрина (тешко би ја нарекле културна политика) го прави токму спротивното. Со оневозможување на плурални концепти, отфрлање на независните проекти и форсирање на политички подобните или барем на оние што „не фрлаа со боја“, создава јаз кој може да се премости само со огромни напори. Премногу е тешко ова да се нарече „национален интерес“.

Но, да не се разбереме погрешно. Речиси секогаш поддржаните програми на Министерството предизвикувале полемики и незадоволства. Во некои од полемиките учествуваше и авторот на овој текст, но тогаш се полемизираше со живи луѓе, кои членуваа во комисиите што решаваа и кои ги образложуваа објективните и субјективните околности поради кои ги донеле решенијата што ги донеле. Со нив можевте и не моравте да се согласите. Наспроти тоа, денес се полемизира со празен простор. Се дува во ветер, што би рекол нобеловецот Боб Дилан.

И уште една забелешка: има меѓу избраните проекти и добри. Но, тој број е толку занемарлив што, речиси сигурно, ќе се изгуби во морето на медиокритетството што годинава ќе ни се презентира како творештво.

И јас верувам во тоа дека квалитетот на крајот ќе исплива на површина, но уште повеќе верувам дека тоа е вистинскиот национален интерес и дека тоа може да се случи само преку квалитетна културна, и тоа ововековна, стратегија, произведена и реализирана од мериторни и меродавни луѓе, со име и презиме и со соодветно чувство за одговорност.

 Зашто колку што е творештвото индивидуален чин, тоа е уште повеќе општествена потреба. За да ни биде животот поедноставен, полесен, па ако сакате и поубав.

На овој начин наместо култура, добивме брука. И тоа за сите пари.