Има излез од кризата

Колумна на Ѓорѓи Спасов

На 21 ноември 2013 година, претседателот на Украина, Виктор Јанукович, донесе одлука да се прекинат подготовките за имплементирање  на Договорот  за асоцијата на Украина со Европската унија. Тоа ги предизвика протестите познати како Еуро мајдан, од страна на граѓаните и партиите кои сметаа дека со тој чин претседателот Јанукович ја загрозил перспективата на земјата за членство во ЕУ.

Неговите и проруските поддржувачи, кои со месеци пред тоа беа заплашувани дека со членството на Украина во ЕУ, НАТО доаѓа до границите на Русија, започнаа со контрапротести и по крвавите судири кои траеја со месеци, Јануковиќ со руски авион ја напушти Украина и замина во Русија, а Русија многу брзо потоа го анектираше Крим и го припои кон својата земја.

Судирот меѓу проевропските и проруските сили сѐ уште трае во Украина, и се гине во реонот Донбас кој е под контрола на проруските сили, а кризата во Украина не е надмината и покрај тоа што на изборите победија партиите кои се за интеграција на Украина кон ЕУ.

Нашиот Јанукович

Кога почнаа протестите во Македонија против масовното кршење на човековите права од режимот на Груевски и кога опозицијата побара промена на власта заради злоупотребите и криминалот што таа го правела, а за кои се дозна од нелегално прислушуваните разговори, руското МНР за прв пат почна да лиферува соопштенија во кои зборуваше за „опасноста од украинско сценарио во Македонија“ и бараше да биде поддржана резолуција на Русија со која ќе се осуди „насилното менување на легално избраната власт“.

Истовремено Русија ја финансираше  проруската и анти-нато опозиција во Црна Гора и бараше „насилна смена на власта“ која веќе го имаше започнато процесот на зачленување на Црна Гора во НАТО.

Со  оценката на Руското МНР за Македонија, неодамна се согласи и премиерот на Србија, Александар Вучиќ, кој по средбата со Путин пред одржувањето на претседателските избори во Србија, изјави дека „никогаш нема да дозволи спроведување македонско сценарио во Македонија“ во смисла на „насилна промена на легално избраната власт“ и додаде дека стекнал впечаток од разговорот со Путин дека тој не поддржува формирање влада од страна на Зоран Заев, односно од страна на новото парламентарно мнозинство.

На опасноста од украинско сценарио во Македонија во една прилика укажа и Али Ахмети, и рече дека не сме го сфаќале сериозно кога тој нѐ предупредувал на тоа. Но, Ахмети ја споменуваше Украина во еден друг контекст. Од она што го изјавуваше беше јасно дека тој самиот смета оти „ако некои политички сили со свои одлуки и со своето однесување ја спречат или продолжат да ја спречуваат Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО, како што тоа го направи Виктор Јанукович во Украина, можно е граѓанскиот консензус околу тоа прашање да се распадне и таквата политика да доведе до меѓуетнички конфликт и до поделба на Македонија по етничките линии, па и до федерализација и припојување на делови од Македонија кон држави кои избрале различна надворешно политичка орентација“.

Покрај сѐ, сепак се чини дека има некоја тактика на СДСМ и на партиите од новото парламентарно мнозинство за излез од сегашната уставна и институицинална криза

Ахмети, но и голем број македонски аналитичари и политичари со право укажуваа на фактот дека социјалната и политичка кохезија во Македонија, од стекнувањето на независноста до денес се одржува пред сѐ преку одржување во живот на идејата дека еден ден Македонија ќе стане членка на ЕУ, со што ќе станат беспредметни сите идеи за некаква Голема Албанија, Голема Србија или Голема Македонија, кои за да се создадат потребна е промена на границите која тешко би поминала без војна.

Токму ова го повтори и Еди Рама деновиве, кој во интервју за порталот Дијалог плус изјави: „ Границите на Балканот се безбедни сѐ додека балканските земји се насочени кон интеграција во ЕУ. Но, доколку овој процес пропадне, тогаш дебатата за границите ќе се врати на маса“. 

Македонија не е Украина

Бидејќи Македонија е повеќе од 10 години закочена на патот на европските интеграции, не само заради разликите околу името со Грција, кои Груевски дополнително ги компликуваше со потрагата по античкото потекло на Македонците и со проектот „Скопје 2014“ туку и заради назадувањето на планот на демократијата и владеењето на правото, изборите одржани на 11 декември беа една нова можност со промена на односот на политичките сили во земјата да се откочи процесот на интегрирањето на Македонија во ЕУ.

Таквата можност се создаде и  со успехот на СДСМ за парламентарно мнозинство кое би формирало реформска и проевропска влада во Македонија.

Но, нашиот Јанукович, во ликот на Иванов, изнаоѓа шпекулативни начини да не дозволи формирање таква влада, бидејќи новото парламентарно мнозинство не го убедило дека ќе спроведува политика на приближување на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, за разлика од претходната влада. Тој се сомневал во политичките намери на новото параламентарно мнозинство и смета дека ако тоа мнозинство формира влада дека таа ќе била „уценета“ (веројатно од Албанија) и дека тоа нема да биде влада чиј легитимитет нема да го оспорува новата опозицијата во Македонија или Уставниот суд.

Иако Иванов нема право според Уставот да го условува составувањето влада од страна на мнозинството, со поставувањето политички предуслови, како што му укажува и советникот на ВМРО ДПМНЕ во градското собрание, професорот Владо Поповски, тој си ја зема улогата на некаков „спасител на Македонија“ од лошите намери на новоизбраното парламентарно мнозинство на избори кои беа организирани под мониторинг и со помош на ЕУ.

Во земјата дојдоа Европскиот комесар за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, европратениците кои без задолжени за помош при решавањето на политичката криза, комесарката за надворешна политика на Унијата,  Фредерика Могерини и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и сите му кажаа на Иванов дека „неговото однесување ја кочи Македонија на патот кон ЕУ“ и побараа од него „да ги почитува Уставот, демократските правила на играта, па и пристојноста и здравиот разум и да го додели мандатот на парламентарното мнозинство за состав на влада, без оглед на неговите лични сомневања и предрасуди“.

И на сите им стана јасно дека Иванов, како и со аболицијата на обвинетитете од СЈО, прави сѐ за Македонија на подолг рок да остане без функционални институции и без нова влада, со што ќе го продолжи животот на авторитарниот режим на Груевски, кој во сенката на постизборната криза продолжува со криминалот и корупцијата во сите институции.

Освен забраната за патување во САД и заплена на имотот на Иванов и Груевски и на нивните бизнис и политички пријатели кои ги поддржуваат во креирањето атмосфера за војна во Македонија, можно е да се соочат и со меѓународни истраги за проневерени пари од европските фондови, за вклученост во меѓународен криминал и да станат предмет на меѓународен кривичен прогон

И додека Иванов му се оддолжува на Груевски за својата политичка кариера, со своето незаконско и противуставно однесување, партијата на Груевски во Собранието ги користи сите можни трикови за да го спречи новото парламентарно мнозинство да го конституира Собранието и да формира влада.

Целта е да се продложи сопствената власт и по изгубените избори преку сегашната техничка влада, да се изнудат ако е можно, нови парламентрани избори преку непризнавање на избирачката волја од изборите одржани на 11 декември и новите избори да се одржат во атмосфера на силна политичка конфронтираност и обвинувања на партиите од сегашното параламентарно мнозинство за „заговор против државните и националните интереси“.

Клучниот аргумент на партијата на Груевски, која е во коалиција со партиите на Ѕинго, на Амди Бајрам , на Стефче Јакимовски и на Иван Стоиљковиќ, е дека ако сегашното парламентарно мнозинство формира влада, која наводно земјата ќе ја направи бинационална и ќе ја федерализира, тие не ќе можеле да го контролираат „гневот на македонскиот народ“.

За да го направат овој аргумент веродостоен, тие организираат и „протести на загрижените граѓани“ кои се закануваат дека „ќе ги бранат институциите од инсталирање ненародна власт“, независно од изборните резултати.

Играјќи на „антиалбанското расположение“ во Македонија, криминалците во својата пропаганда го користат поимот „Тиранска платформа“ и „Тиранска влада“ кои асоцираат дека намерата на парламентарното мнозинство е во Македонија да воспостави „туѓа власт“, односно Влада уценета од Тирана и под контрола на албанскиот лидер Еди Рама.

Досегашната пасивност на СДСМ не е слабост

СДСМ кој го предводи парламентарното мнозинство, во вакви околности останува прилично пасивен. Тој веројатно, како и сите граѓани, памети дека на 24 декември 2012 година, овие што сега не му дозволуваат да биде власт, не му дозволија да биде ниту опозиција во Собранието.

Неговите 42 пратеника со употреба на брутална полициска сила, по наредба на Трајко Велјановски, кој и сега ја води седницата на Собранието, а во присуство на министерката на полицијата, Јанкулоска, и министерот за финансии, Зоран Ставрески, беа исфрлени, како партали, од собраниската сала.

Сега пак, тие исти насилници, како што ќе забележи професорот Димитар Димитров, не му дозволуваат на СДСМ ниту да биде власт.

Кај граѓаните, заради сето тоа, полека се шири сознанието дека ВМРО ДПМНЕ не е модерна партија која ќе ги почитува правилата на демократската игра и ќе се раководи од „демократските норми, пристојноста и здравиот разум“ како што очекува Доналд Туск туку се еден вид „нарко картел“ кој или владее со земјата преку корумпираната власт која тој ја поставува или може, преку киднапирање на институциите како што се парламентот, судството и претседателот, на која било власт да ѝ поставува услови под кои тие се подготвени да гарантираат дека нема да дојде до крвопролевање.

Таквата состојба секако доведува до разочарување кај граѓаните кои гласале за промени, го јакне чувството на немоќ и скептицизам дека сепак ќе се успее во промените и покрај јасните изборни резултати.

Покрај сѐ, сепак се чини дека има некоја тактика на СДСМ и на партиите од новото парламентарно мнозинство за излез од сегашната уставна и институицинална криза.

Во оваа фаза се чини дека тие го препуштија процесот на убедувањето на Иванов и на Груевски да го завршат меѓународните посредници и стратешките партнери на Македонија. За да се добие нивната поддршка изгледа беше неопходно, сите до еден, да се убедат дека Иванов и Груевски не дозволуваат мирно примопредавање на власта и реално не го признаваат резултатот од одржаните избори.

Дури и по цена на закочување на евроатланските интеграции на Македонија, тие се подготвени да опстојат на своето барање за нови избори, како единствен начин да се спасат од одговорност за злоупотребите и криминалот што ги имаат направено додека беа власт во Македонија.

Користејќи го патриотизмот како последно скривалиште за криминалците, тие сега врескаат дека не го даваат името, дека Македонците сами ќе одлучуваат за својата судбина, дека не им е потребно посредништво за решавање на внатрешните проблеми, со што само си оставаат простор да го дозавршат грабежот на Македонија и можеби бранејќи ја од федерализација и од распад, да го овозможат токму тоа.

Обвинувајќи го парламентарното мнозинство дека работи под туѓи влијанија, тие можеби го затскриваат главниот финансиер на нивното анти ЕУ и анти НАТО однесување.

Има излез од кризата

Но, откако ќе биде исцрпено пријателското убедување на Иванов и на Груевски од страна на САД и на ЕУ, СДСМ и партиите од новото парламентрано мнозинство се надеваат дека тие двајцата, како и нивниот пријателски круг, ќе бидат соочени и со еден вид санкции со кои јавно ќе биде изразено негодувањето на САД и на ЕУ од игнорирањето на нивните пораки и препораки.

Освен забраната за патување во САД и заплена на имотот на Иванов и Груевски и на нивните бизнис и политички пријатели кои ги поддржуваат во креирањето атмосфера за војна во Македонија, можно е да се соочат и со меѓународни истраги за проневерени пари од европските фондови, за вклученост во меѓународен криминал и да станат предмет на меѓународен кривичен прогон.

Новото параламентарно мнозинство и Зоран Заев не смеат да покажат дека политичкото насилство на ВМРО ДПМНЕ успева и дека се наградува. Да се надеваме дека тоа нема да го дозволи и меѓународната заедница

Истовремено, Европската народна партија ќе си ја заврши и својата домашна задача, со јасни предупредувања до ВМРО ДПМНЕ дека отстапува од начелата на партијата и дека може да биде исклучена од неа ако Груевски како лидер во најкус можен рок не ја напушти лидерската функција во партијата.

По конгресот на ЕПП во Малта се чини дека и на Груевски му е сугерирано такво нешто, па тој не само што веќе не се појавува како лидер на партијата туку и објавувањето на Прогласот на партијата за надминување на кризата им го препушти на тројца свои соработници кои претендираат за негови наследници на чело на партијата.

СДСМ и партиите од политичкото мнозинство, стоички го издржуваат и теророт на малцинството во Собранието на Македонија.

Тоа се чини е неопходно, за во извесен период новото параламентарно мнозинство да ја убедува јавноста дека бара мандат врз основа на владина програма со која се гарантира дека нема ниту воведување двојазичност, ниту кантонизација и федерализација, ниту промена на Уставот, ниту промена на име без широк консензус на граѓаните. Но, и тоа малтретирање има свој рок на издржливост.

Како што соопшти Зоран Заев, „парламентарното мнозинство не смее и нема  да си дозволи да биде тероризирано од парламентарното малцинство до бесвест“, без оглед на заканите од некакви инциденти.

Во еден момент и тоа мошне бргу, новото параламентарно мнозинство може да се состане по барање на 20 пратеници,  да избере претседател на Собранието, а дури и без мандат од Иванов, да формира влада.

Тоа ќе личи на создавање паралелни институции, и ќе ги засили обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ за некаков државен удар, со закани дека таквите одлуки ќе ги поништи Уставниот суд,  но сето тоа ќе заврши за само неколку дена доколку владата на новото парламентарно мнозинство под итно биде признаена од САД и од ЕУ.

По таквата одлука, ВМРО ДПМНЕ може да го напушти Собранието и да го бојкотира, како тоа што го правеше СДСМ, но новото парламентарно мнозинство ќе треба веднаш да пристапи кон донесување одлука за одложување на локалните избори и нивно закажување за во октомври.

ВМРО ДПМНЕ ќе биде уште еднаш соочено, како и СДСМ во 2013 година,  со одлука дали да ги бојкотира или да учествува на тие локални избори, а веќе следната 2018 година се и новите претседателски избори на кои таа партија ќе оцени дали да учествува како дел од Собранието или како вонпарламентрана опозиција.

Сложено и тензично, но праведно и исправно

Сето ова не е едноставно и е сложен политички процес во кој се можни различни „изненадувања“.

При формирањето паралелни институции, постои опција Иванов да ја активира војската и да прогласи вонредна состојба, иако тоа нема да биде можно ако е веќе конституирано Собранието. За време на седниците на новото парламентарно мнозинство и седниците на новата влада можни се нови и помасовни насилни протести. Можно е власта во заминување да исценира и некаква надворешна опасност по Македонија или некакви меѓуетнички инциденти.

Но, новото параламентрано мнозинство и Зоран Заев не смеат да покажат дека политичкото насилство на ВМРО ДПМНЕ  успева и дека се наградува.  Да се надеваме дека тоа нема да го дозволи и меѓународната заедница.

СДСМ и новото парламентарно мнозинство мора да имаат јасна идеја и храброст од неа да не отстапат во процесот на промената на власта, а во клучни моменти и низ големи митинзи да ја демонстрираат поддршката од народот.

Нивната способност да издржат политички притисок и закани од страна на власта која заминува, ќе биде од суштествено значење за воспоставување правна држава и остварување на промените за кои гласаа мнозинството граѓани. Тоа ќе биде важно и за зачувувањето на суштествениот елемент за социјална и политичка кохезија  во земјата.

Оние што носат некакви нови Манифести, по повод нивниот четврти Илинден,  во кои се повикуваат на Манифестот од Крушевската Република, на документите на АСНОМ  и слично, а завршуваат со барањето нови избори, само затоа што резултатот од одржаните не им е по волја, треба да се остават да живеат во нивната илузија, додека не сфатат дека 19 век одамна е поминат.

Во Македонија ниту се случи ниту ќе се случи украинското сценарио, бидејќи идејата за членството во ЕУ и во НАТО е обединувачка и никој барем јавно не ја спори. Од украинското сценарио ние го имаме само нашиот Јанукович во ликот на Иванов, и „десниот сектор“ од партијата која со години ги игнорираше борците од НОБ  и антифашистичката револуција во која е создадена Македонија.

А тоа се случуваше, бидејќи некои од дедовците и татковците на македонскиот „десен сектор“ за време на таа антифашистичка војна беа на другата страна, а сега нивните наследници, како и Мари Ле Пен, станаа миленици на Путин.