Сопки пред новиот почеток на државата

Колумна на Димитар Димитров

Последната колумна ја завршив со изрази на радост поради обезглавувањето на режимот и новиот почеток на државата – нешта што си ги заслуживме со изборите. Сега сме соочени со сопки на преминот од режим во држава, кои растажуваат: случувањето на народот ,  претседателовото недавање на мандатот на новото мнозинство и опструкциите на Собранието – поттикнати/наредени од  олицетворението на режимот.  

Овие три чина декларативно се преземени со мотивот на одбрана на државата, која била толку загрозена, што можело да ја снема.

Се разбира, одбраната претпоставува фронт,со страна на напаѓачи и страна на бранители. Во проекцијата/приказот на тој фронт режимот толку се самооспорува/самодискредитира, што станува јасно не само дека тој не е повеќе возможен, туку се отвора прашањето  како воопшто бил возможен!

Напаѓачите биле странски сили и домашни колаборационисти, составени од македонско непријателско малцинство (СДСМ и соросоидното граѓанство) и од политичките субјекти на албанската етничка заедница, сите обединети околу  „тиранската платформа“. Бранителите биле ВМРО-ДПМНЕ и македонското мнозинство, т.е. народот, и лојалните институции на чело со претседателот на државата.

Тешко може да се замисли посоодветна и појадровита дефиниција на режимот  од ваквото негово самоотсликување во приказот на светот, општеството и државата. Па работата е во тоа што на изборите го победивме имено политичкиот систем поставен врз  таков  „поглед на светот“ – систем што скапо го плативме со општо заостанување/назадување (економско, политичко, цивилизациско), маскирано со комбинација од паганско-античка и ранохристијанска големина, а се` подредено на грабеж. Тој систем го проголта Уставот. Во тој систем ја снема државата. При тој систем  можното граѓанство се деградира во понижен народ – заштитна повелба на криминалната власт, или во предавници и хулигани.

Вториот партнер од режимската власт посоодветно се одѕва на волјата на народот изразена во изборните резултати. ДУИ му се приклучи на новото антиккризно,антирежимско, реформски определено мнозинство, бегајќи од натамошни последици поради коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е дел од поразот на режимот,нанесен со гласањето против кризогената коалиција, кое ги преполови мандатите на ДУИ.  Интегративците, така, му се придружија на делот од нивните симпатизери кои гласале, условно, за македонска партија позиционирана против режимот и криминалот, а за правда и владеење на правото.

Напуштениот партнер ова застанување на ДУИ на страната  на државата го квалификува како предавство на државата. Всушност, режимот е предавство на државата – подјармувањето на сите нејзини институции и незаконското располагање со ресурсите на општеството. Тоа беше нашата мака. Тоа ја предизвика кризата. Против тоа се боревме и се изборивме на изборите. И врз таа основа се изврши политичкото разместување што го даде новото парламентарно мнозинство.

Ако глетката од случувањето на народот јадосува, ако престапот на Иванов револтира, собраниската конститутивна седница се восприема и со воздишка, и со олеснување. Таа неодоливо асоцира на 24 декември 2012, како негова антиреприза, која ќе му конкурира на оригиналот по чудење во учебниците по уставно право

Албанската платформа  воопшто немаше таква улога при тоа, за да се пречека како објава на војна! Таа е рефлекс на граѓанската тенденција, која дел од гласачкото тело на ДУИ одлеа во СДСМ, релативизирајќи го принципот на етничките партии. Во такви услови ДУИ прибегна кон маневри на хомогенизација со новите партии формирани како нејзина опозиција, на посредување од Еди Рама, на изместување на дискурсот од кризата. Тоа ја прави оваа платформа податлива за контраманеври, да се именува „тиранска“, да се турка како меѓник  за патриотско позиционирање, да се скрие реалниот меѓник што ги дели државата и правдата спроти режимот и криминалот. Да се потисне фактот дека, објективно,  потписничките на платформата застанале на страната на државата и правдата.

Наместо да се сврти кон себе, да се праша зошто остана сам, Груевски го повикува народот во одбрана на државата од платформата на  својот довчерашен коалиционен партнер!  И ете ни` народ по улиците, но не со протести против режимот, како при „шарената револуција“, туку – ЗА режимот! Обезбедувајќи му живот после животот , како доказ за тоа колку длабоки корени пуштил режимот.

Од гледна точка на правото, провокацијата на овие протести  има карактер на повторување на делото (со оглед на обвинувањата од СЈО на раководството на ВМРО-ДПМНЕ). Истото се однесува и на недавањето мандат на Зоран Заев од претседателот Иванов.  Држењето на претседателот е доказ  за деградацијата на државата во режим и, исто,претставува повторување на делото (и за Груевски како наредбодавач, и за Иванов како извршител, после масовната аболиција).

Ако глетката од случувањето на народот јадосува, ако престапот на Иванов револтира, собраниската конститутивна седница се восприема и со воздишка, и со олеснување. Таа неодоливо асоцира на 24 декември 2012, како негова антиреприза, која ќе му конкурира на оригиналот по чудење во учебниците по уставно право. Имено ВМРО-ДПМНЕ тогаш насилно го избрка СДСМ од Собранието, сега не му дава да влезе! Да се етаблира како дел од новото парламентарно мнозинство, во согласност со Уставот, според азбуката на парламентаризмот.

И нема место за заплашување со одење до крај, зашто е дојдено до крајот – и самото тоа заплашување е дел од крајот на несоодветниот метод, по кое неминовно следува враќање на државата.

Во овој трет чин на повторување на делото како повторување на историјата, има многу логика и симболика. Кризата не` донесе таму од каде што почна. Тогаш, со метод на револуционерна организација,  држава се стопи во режим. Сега, со истиот метод, режимот, делегитимиран на изборите, се разлева во револуционерна организација,каква што била  ВМРО под туѓите држави.

Тоа е крај, но не на државата, туку на револуционерниот метод – на нејзината негација. И нема место за заплашување со одење до крај, зашто е дојдено до крајот – и самото тоа заплашување е дел од крајот на несоодветниот метод, по кое неминовно следува враќање на државата. Според моралните и правните норми на континентот на кој му припаѓаме, крајот во овој контекст значи завладување на правото,почнувајќи од одговорноста/санкционирањето на „кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од материјалите прибавени  со незаконското прислушување“, како што гласи законот за СЈО.

Затоа, осамената, самоизолирана  ВМРО-ДПМНЕ  нема основа да се идентификува со народот и со државата, да се повикува на волја на народот или на Уставот. Ниту би можела, хипотетички, на избори утре,  да добие 63 пратеници, ниту би можела  да ја одбрани Македонија, со раководство осомничено како „злосторничко здружение“, со толку непријатели надвор и дома. Устроена војнички, со паметта на Иванов и Груевски, таа  си го потроши мандатот. И жално е да се слуша пак за нови избори како референдум, бидејќи такви беа, такви си ги претставуваше и Груевски, штотуку завршените избори.  Неа ја снаоѓа Судот на Демократијата, пред кој, со се` што прави сега, си го зголемува гревот и си ја отежнува положбата.