Инвентарен морал

Фрапантно е објаснувањето зошто не се дозволува судењето за најголемиот случај на СЈО, „Титаник“, да се одржи во големата сала на Врховниот суд. Toa e дека „се работи за свечена сала, а не за судница на Основниот суд Скопје 1, сала која како таква (свечена – н.з.) се одржува, која по судењата одржани во неа се оштетила, на која и потребно е генерално чистење, замена на оштетениот теписон и седиштата, што е на терет на Врховниот суд“.

Условно речено, можеби би било разбирливо вакво објаснување да дадеше некое техничко лице во судот, задолжено за попис и одржување на инвентарот и хигиената, лице кое нема работна обврска да се занимава ни со словото, ни со духот на законите и правдата. Но, неприфатливо е кога тоа ќе го каже лично претседател на Врховен суд, кој, патем, како да заборавил дека и таа судска зграда, и свечената сала, не се негов личен посед туку се изградени од буџетски средства. 

Неговото „не“ е исто како раководител на едно клиничко одделение да не дозволи итен случај да биде опериран во „негова“ празна сала, доколку во друго одделение сите хируршки сали се зафатени, или ако во моментот нема соодветни услови. Оние, кои всушност од најприземни (поттеписонски причини) се противат на впловувањето на „Титаник“ во „нивни“ просторни  води, сигурно ќе речат – не е исто, бидејќи во здравството се работи за човечки животи.

Можно ли е до толку да не постои професионален порив барем просторно да се овозможи тек на важен процес, кој треба да покаже дали и како низ изборни манипулации било оштетено демократското ткиво на општеството

Напротив. И од судството зависат човечки животи. Некој може да е формално жив, но да умира на рати чекајќи ги бавните процедури, недостапните сали, смената на судии или откажаните рочишта, кои го оддалечуваат од можноста да дојде до правдата, да си го обели образот и вистински да живее. Чекајќи, многумина и не го дочекале тој момент. Кога би ги прашале граѓаните што им е поважно – независно и ефикасно судство, или нови теписони и столчиња во судницата, зарем имате дилема што би избрале? 

Нема посвечен чин од моментот кога правдата ќе стане достижна. Од тој аспект, какво значење има бдеењето над неповредливоста на некоја свечена сала, чувана како празна квадратура, во која повремено ќе се одржуваат свечени настани, исполнети со говори препишани од претходните години, во која одново ќе се мантра за значењето на судството, повеќе како „ода“ за добро одржаниот теписон, отколку за зачуваниот судски интегритет.

Можно ли е до толку да не постои професионален порив барем просторно да се овозможи тек на важен процес, кој треба да покаже дали и како низ изборни манипулации било оштетено демократското ткиво на општеството. Нормално ли е поважна од тоа да биде грижата од оштетување на мебел-штофот на столчињата? Можно ли е до толку да е изабен раководниот „штоф“ во највисоката судска институција?    

Од претседател на кој било суд, се очекува да се грижи за независноста на судиите и за условите што им се неопходни за навреме и ефикасно да ги извршуваат своите обврски. Дури и колегите да не му побараат просторна услуга, самиот треба да ја понуди ако другите судови во моментот ја немаат. Оти правдата не зависи само од словото на законот туку и од професионалниот дух во ресорот, и од општествената атмосфера во која ќе биде овозможено да се дојде до неа.

Оваа форма на одбивање и „петпарачко“ морализирање мириса на класичен обид за пролонгирање на секоја епизода од патот до судската разврска за изборните измами, во корист на лицата опфатени со обвинението

И што сега? Се надевам дека не ќе мора да се закупува трибина во СРЦ „Борис Трајковски“ за да се одржи рочиштето, за да има место за сите – обвинители, обвинети, одбрана, новинари… Или ќе мора?

Ваквите постапки прилично брзо го демаскираат подземниот свет на симулација на еден, не професионален туку лажен, „инвентарен“ морал. Тоа се оние моменти на вистината, кога наводната грижа за инвентарот се претвора во авторефлексија на личноста и неа ја прикажува во таквото светло – само како инвентар, а не како чинител на што било на патот до правдата. И потврдува дека етичката супстанција на некои клучни позиции е многу пооштетена од теписонот, и поизлитена од столчињата.

А да не зборуваме за клучниот впечаток што го рефлектира: дека оваа форма на одбивање и „петпарачко“ морализирање мириса на класичен обид за пролонгирање на секоја епизода од патот до судската разврска за изборните измами, во корист на лицата опфатени со обвинението.

И во сета таа површна прикаска, како покритие е искористен товарот што би паднал врз буџетот на Врховниот суд. Утре да закажеме јавна акција за собирање средства за обнова на теписонот, столчињата, и за генерално чистење во свечената сала на Врховниот суд, ви гарантирам дека за еден ден ќе се соберат средства за обнова на три сали. Затоа што граѓаните навистина се заинтересирани и за правда, и за генерално чистење, ама не само на свечената сала туку и на последните феуди од тефтерчето на Горде.