Анализи

Радикалната десница бега од чадорот на ВМРО-ДПМНЕ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Многумина се разочараа од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да се држи настрана од протестите за името | Фото: БИРН

Свирежите кон општинската канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ на скопски „Рекорд“  на протестите за зачувувањето на името на 27 февруари откриваат дека оваа партија загубила делови од политичкиот спектар што порано бил под нејзина конторола. Јавното дистанцирање од народните собири предизвика разочарување кај многу нејзини поддржувачи, особено кај порадикалните.

Овој испразнет простор засега активно се обидуваат да го пополнат неколку помали политички партии. Користејќи ја директната поврзаност меѓу прашањето за името и интеграциите во НАТО и во ЕУ, дел од нив нудат алтернативни стратешки определби за земјата. Една е проруска и се залага за членство во Евроазиската економска унија, а другата се декларира како проевропска, но против НАТО.

Политичките аналитичари, пак, не им даваат голема шанса на овие иницијативи и сметаат дека напуштениот простор на радикалната десница најлесно може да го освојат оние што засега не покажуваат амбиции за тоа – самите патриотски здруженија или струите во ВМРО-ДПМНЕ што не се согласуваат со партиското раководство.

Како се создаде дупката

Во анализата со наслов „Радикалната десница во Македонија“ што во 2014 година ја објавија професорите Здравко Савески и Артан Садику, се наведува дека и покрај  малите радикални партии, од 2006 година главен носител на националистичките ставови е всушност  тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со нејзината преокупација со античкото минато на Македонија, проектот „Скопје 2014“, кампањите како „Ти си Македонија“ итн. Со тоа темите со кои што претходно се занимавале само маргинални делови од општеството, станале дел од секојдневната политичка дебата.

Во такви услови, кога една голема владејачка политичка партија го покрива и крајно десниот простор, ограничени се можностите за да се развиваат помалите и тесно насочени  радикални партии. Наместо тоа, се појавија поголем број македонски патриотски здруженија, кои ја поддржуваа ВМРО-ДПМНЕ и присуствуваа на нејзините митинзи.

Сепак, дека ВМРО-ДПМНЕ почна да го губи тој простор покажа објавата на Македонскиот национален фронт уште од 17 ноември, во која се вели дека постоењето на македонскиот народ и нација е загрозено од западот, кој „работи преку СДС и ВМРО-ДПМНЕ за да ја доразвие апатијата кај народот“, порачувајќи дека партијата може да се спаси само ако го поведе народот на улица. Не само што тоа не се случи, туку ВМРО-ДПМНЕ целосно се дистанцираше од протестите за зачувување на  името, што предизвика остри реакции.

Без обиди за самоорганизирање

Се создадоа поголем број патриотски здруженија што ја поддржуваа партијата на Груевски | Фото: ВМРО-ДПМНЕ

БИРН побара мислења од повеќе патриотски здруженија во врска со нивните односи со ВМРО-ДПМНЕ и со нивното сегашно позиционирање на политичката сцена. Здружението „Пере Тошев“ од Прилеп, чиј претседател е Јане Ченто, не се откажало целосно од поранешната владејачка партија.

„Ја поддржуваме таа опција, ама будно ги следиме потезите и за лошите политики за Македонија ќе имаме жестоки критики“, ни одговорија од здружението во писмениот допис.

„Македонски обединети сили“, пак, како здружение на воени ветерани и партнерска организација на „Тврдокорни“,не се толку расположени да и дадат нова шанса на партијата.

„Политичката ситуација во моментов е таква што позиција се СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и другите албански партии што се нивни сателити, а опозиција сме сите организации, здруженија и поединци што излеговме на протест на 27 февруари“, вели претседателот на МОС Љубиша Настоски.

Од МНФ исто така се категорични дека се здружиле поради огорченоста од секоја политичка партија, и немаат намера да поддржат ниту една. Од здружението „Владо Черноземски“ од Куманово велат дека се формирале за да бидат здружение што ќе ги штити националните интереси, за разлика од „предводниците на Шарената револуција кои наводно беа неполитички“.

Професорот Савески за БИРН вели дека денес, за разлика од времето кога ја пишувале анализата, многу нешта се сменети. Според него, не само што просторот на радикалната десница сега е испразнет поради воздржаното дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, туку оваа политичка идеологија дополнително зајакнала поради, како што вели, начинот на решавањето на прашањето за името.

Позиција се СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и другите албански партии што се нивни сателити, а опозиција сме сите организации, здруженија и поединци што излеговме на протест

Љубиша Настоски

„Решавањето на спорот без претходна работа против национализмот и во Македонија и во Грција му оди во прилог на развојот на радикалната десница. Гледаме дека патриотските здруженија се обединуваат, иако сè уште се малобројни “, смета Савески.

Сите здруженија што ги контактиравме ја отфрлија можноста преку свој политички субјект или преку друг партиски ангажман самостојно да завладеат со крајно десниот простор на политичката сцена. Велат дека работите подобро ги гледале од надвор. МОС своевремено беше политичка партија, но се откажале откако им ги одбиле кандидатските листи зашто немале доволно жени на нив.

Ниту ТМРО, традиционалната радикална партија, не ја користи ситуацијата за да се наметне.

„Протестите за името не се партиски, туку граѓански и така треба да останат. Затоа ние како поединци учествуваме на нив, но како партија не се мешаме“, рече за БИРН лидерот Ванчо Шехтански.

Но Савески вели дека има голем потенцијал тоа да се смени ако овој политички простор подолго време остане непокриен, а од друга страна се задржат поволните услови за зајакнување на радикалните ставови. Националистите, разочарани од ВМРО-ДПМНЕ, според него можат да се наметнат како независен партиски субјект што ќе има забележителна улога на политичката сцена.

„Во многу држави владите почнаа да се занимаваат со радикалната десница кога беше предоцна. Тука, наместо да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата, им се дава ветер во грб“, додава Савески.

Русите тропаат, но тешко да влезат

Со идеологот на Путин, Бачев се обидува да ја сврти десницата кон Русија | Фото: БИРН

Најмногу напори да го освои ослободениот простор засега прави Јанко Бачев со својата ребрендирана проруска партија „Единствена Македонија“. Тој и порано се вклучуваше на протести на патриотските здруженија, обидувајќи се да ја искористи нивната разочараност од ВМРО-ДПМНЕ, а сега понуди нешто сосема ново – тие што сметаат дека опасноста за името и идентитетот доаѓа од Западот, можат преку него да најдат алтернатива во Русија.

Поддршка за неговата идеја стигна и од Москва преку контроверзниот филозоф Александар Дугин, кому му се припишува улогата на идеолог на претседателот Владимир Путин, а во Скопје пред преполната сала во хотелот „Континентал“ беше претставен како негов советник.

„Геополитичките односи на Балканот се менуваат. Кога ќе се сменат, Македонија многу полесно ќе си ги реши своите проблеми“, изјави Бачев за БИРН.

Но, надвор од публиката од 400 луѓе што скандираше„Русија, Русија“ пред Дугин, многумина се резервирани околу оваа идеја. За здружението „Пере Тошев“, стратешките определби на Македонија се знаат уште од осамостојувањето, но мора со добра и мудра надворешна политика да се тера по тој пат и никој не смее да го загрози македонскиот идентитет. МНФ, иако изнесува антизападни ставови, сепак изразува сомнеж дека Русија има вистинска желба да ѝ обезбеди перспективна иднина на Македонија, со оглед на искуствата од порано. За „Владо Черноземски“ Македонија треба да биде независна и суверена и да влезе во секој сојуз, вклучувајќи ги НАТО, ЕУ, ЕАУ и други, кој ќе ја прифати како Република Македонија во која живее македонски народ и зборува на македонски јазик.

Настоски од МОС беше меѓу публиката што го слушаше Дугин, но вели дека собирот не му оставил добар впечаток.

Во многу држави владите почнаа да се занимаваат со радикалната десница кога беше предоцна

Здравко Савески

„Се изненадив од кукавичлукот на сите таму, како ја молат Русија да нѐ спаси. Ние не го бараме тоа. Самите треба да си се спасиме. Со Русија можеби имаме културни врски, јазични, нѐ поврзува патот на правдата, но никој нема да ти помогне ако ти самиот не се фатиш за мечот“, додава Настоски.

Бачев засега е единствениот проруски глас на политичката сцена, иако контакти со Русија, и тоа со партијата на Путин, имаа и Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Иван Стоиљковиќ од ДПСМ, коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ. За БИРН и двајцата велат дека во моментов немаат активности за да ги промовираат своите ставови бидејќи „Македонија била во медиумски мрак и под режим“, па немале можности за тоа. Сметаат дека ова нема да им ја расипе коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ која строго се држи до девизата ЕУ-НАТО.

„ВМРО-ДПМНЕ си тера своја програма, јас си терам своја. Јас не сум ВМРО-ДПМНЕ, јас сум ГРОМ. Не може по сите прашања да бидеме исти“, рече Јакимовски за БИРН.

Незадоволството од процесот за решавање на спорот за името се обидува да го искористи и Солза Грчева, која промовираше своја партија, „Глас за Македонија“. Иако често застапува анти-НАТО ставови, вели дека не е проруски настроена.

„ Тоа се само спинови, јас ниту знам каде е руската амбасада, ниту ме интересира тоа прашање“, ни изјави Грчева.

Постојат различни опции за тоа како ќе се развива радикалната десница | Фото: БИРН

Професорот Савески смета дека оваа приказна тешко ќе пројде бидејќи Македонија нема традиција на проруски настроена десница.

„Поголем потенцијал имаат автохтоните теми на кои македонската десница го темели својот раст“, вели тој.

Професорот Лазар Лазаров вели дека иако радикалниот простор во моментов е испразнет, работите таму се нејасни бидејќи многу фактори се обидуваат да се вмешаат.

Од ситуацијата може да искористи крилото во ВМРО-ДПМНЕ што не се согласува со Мицкоски

Лазар Лазаров

 

„Но не мислам дека помалите партии што се обидуваат да ги искористат овие протести имаат капацитет за преку нив да наметнат некои свои идеи и решенија. Од тоа повеќе може да искористи крилото во ВМРО-ДПМНЕ што не се согласува со Мицкоски“, ни изјави Лазаров.

Професорот Лазаров потсетува дека дел истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ како Антонио Милошоски, Илија Димовски, Трајко Вељаноски и други беа против конгресот на кој Христијан Мицкоски беше избран за нов лидер наместо Никола Груевски. Според него, активирањето на овие „одметници“ наспроти пасивноста на раководството, ќе им донесе посилни позиции внатре во партијата. На тој начин, додава професорот, партијата би ги задржала и радикалите во својот поширок круг и не би го загубила засекогаш делот од политичката сцена што во моментов е одвоен од ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски против „ниските страсти“ и „површните идеи“

Веднаш откако партијата се дистанцираше од протестите, Антонио Милошоски објави видео на фејсбук на кое со своето бебе в раце повика да се оди на протест. Во разговор за БИРН тој инсистира дека на народните собири учествува исклучиво како граѓанин и како Македонец, без никакви други намери. Тој не смета дека сегашната политика премногу лошо ќе се одрази на ВМРО-ДПМНЕ.

„Можеби повеќе граѓани сметале дека ние како конзервативна партија сме повикани да предничиме во едни такви активности за заштита на националните интереси.  Но јас мислам дека кога станува збор за уставните права, тие им припаѓаат исто и на Солза Грчева, и на мене, и на Радмила Шекеринска, и на Билјана Ванковска и на сите други“, вели Милошоски.

Македонија припаѓа во НАТО и во ЕУ и обидите да се искористат некакви етнички, религиски или лингвистички чувства се површни

Антонио Милошоски

Опозицискиот пратеник инсистира дека проблемот со името е поврзан само со Грција, и дека е погрешно што некои партии се обидуваат да го поврзат со имиџот на НАТО и на ЕУ.

„Македонија припаѓа во НАТО и во ЕУ според економската соработка, според тоа каде одат нашите луѓе за професионално да се развиваат и по многу други параметри. Затоа сметам дека обидите да се искористат некакви етнички, религиски или лингвистички чувства се површни, и секој поддржувач на тие тези, ако малку подобро му се објаснат работите, ќе сфати дека не се издржани“, додава Милошоски.

Пратеникот сепак додава дека ако тој одлучувал за позицијата на партијата, таа ќе била малку поинаква. Ќе ја искористел меѓуопцијата во која ВМРО-ДПМНЕ повторно немало да се постави како организатор, за да не ги одврати оние што не се нејзини приврзаници, но ќе повикала на учество, за да придонесе кон масовноста.