Летечкиот циркус на Владимир Панчевски

Колумна на Сашо Кокаланов

Со должно внимание го прочитав наводното писмо од лидерот на „Монти пајтон“, Џон Клиз, до американскиот народ и со недвојбеност заклучив дека не е ниту половина смешно од писмата што Владимир Панчевски ги испраќа до македонскиот народ, преку официјалната веб страница на неговиот личен Кривичен суд.

Да, Клиз, или кој и да е, има таму во писмото некои смешни моменти, како она со буквата „у“ што ќе им ја вратат во спелингот на Америте, со пивото што ќе мора да го пијат топло и со новите британски цени на горивата во САД, откако еднострано ќе им биде укината независноста, зашто не се способни да изберат нормален претседател, но, да не се лажеме – летечкиот циркус „Монти Пајтон“ не му е ни до колена на скопскиот Кривичен суд, а Клиз може само да сонува дека еден ден ќе стане смешен како неговиот колега Панчевски.

Не може да се порекне дека скечот на „Монти пајтон“, снимен во Централниот кривичен суд во Лондон во кој поротата со пантомима објаснува дали обвинетиот е виновен или не, навистина е духовит. Што е право – право е, имаат и серија скечеви во кои ги исмеваат двојните аршини и неукоста на британскиот правосуден систем.

Ретко кој од нас беше свесен колкав талент се крие зад името на претседателот на Кривичниот суд и веројатно како поширока јавност ќе си останевме во незнаење да не беа оние проклети два ката од неговата зграда

Но, во македонскиот судски Монти пајтон на Панчевски скечевите се играат во живо. Вчера, на пример, се одиграл интересен скеч. Од Судот за еден македонски портал раскажуваат дека раководителот на секторот за човечки ресурси прво вербално ја нападнал портпаролката на судот, а потоа и ја бутнал од столче, за што му е поднесена кривична пријава.

На инцидентот му претходела нервозна и крајно тензична дискусија која била во насока на жестоки напади од вработените кон претседателот на Судот. Во таква атмосфера, вработена во Кривичниот суд на висок тон побарала да не се напаѓа и клевети Панчевски, на што еден вработен превртел биро и се втурнал кон вработената за која се зборува дека е во блиски односи со Панчевски. Секретарката на Панчевски повикала полиција.

Коментарот на претседателот на судот за настанот не може да не ве насмее: „Знаете како е. Каменот од блиску доаѓа. Овој човек имаше и порано испади, а јас сакајќи да го смирам неговото поведение, го унапредив дури три скалила“.

Конечно, на еден духовит начин, разбравме и како се напредува во судството три скалила. Тие што стагнирате, или не дај боже, сте уназадени, чукнете си ја главата, може и со камен од близу, можеби е крајно време да почнете да правите испади.

А ретко кој од нас беше свесен колкав талент се крие зад името на претседателот на Кривичниот суд и веројатно како поширока јавност ќе си останевме во незнаење да не беа оние проклети два ката од неговата зграда. Како рекле старите – секое лошо е за добро. Така е и со инцидентот со зградата што ја гради Панчевски во строгиот центар на Скопје, за која општина Центар тврди дека отишла малку во висина повеќе одошто требало. Многу нервоза, закани, кавги, судијата прво сам си ги урна двата ката, па потоа второстепена комисија му издаде документ дека не се дивоградба, ама тој веќе си ги урна, и слични некои перипетии, но сево ова зло е за добро – да ги откриеме скриените таленти на Панчевски.

Поради големата популарност и на барање на бројните фанови, комичарот, а повремено и кривичар, Панчевски, мораше да си отвори свој блог, кој многумина погрешно го сметаат за официјална веб страница на Судот, веројатно поради идентичноста на домејните. Во рамките на овој блог, Владо на духовит начин одговара на сите поплаки, напади, обвинувања што доаѓаат на негово име и на име на Судот, ако воопшто постои некаква разлика помеѓу овие две институции.

На пример, критиките од адвокати упатени до Кривичниот суд за двоен аршин во поглед на мерките на претпазливост – како притвор, одземање пасош и сл. – во предметите на СЈО и во сите други предмети, лично го инспирираа Панчевски, па тој веднаш се логира на својот блог и пиша одговор.

За да ја насмее публиката, не заборави да ја спомне независноста на Судот, еден од оние вицови кои независно колку  пати сте ги чуле претходно, повторно ви предизвикуваат смеа. Обрнете внимание на реченицава, на чија должина би ѝ позавидел и германскиот филозоф Јирген Хабермас, и обидете се да ја прочитате без да ви се развлече насмевка на лицето:

„Кредибилитетот на ваквите квази експерти е добро познат на јавноста и тие сигурно не можат да ја избербатат независноста и законското постапување на судот дотолку повеќе што јас како претседател на судот, судија и правник со подолг стаж не сум слушнал за некој напишан труд или позитивен пример од страна на истите напротив зад сите овие самонаречени експерти стојат фијаско проекти и нереализирани желби а на јавноста и е добро познат ваквиот профил за тоа кој со камења фрла по институции или на јавни места напаѓа и малтретира женски лица за паркинг простор или незадоволен од сопствената нереализација во професијата има потреба за јавни настапи“.

Ова е веројатно најсодржајната реченица што некогаш е напишана на македонски јазик. Во неа има теза, антитеза, словенска антитеза, античка антиантитеза, двојна негација, тројна негација, оценка за генералната наобразба и кредибилитет на соговорникот, оценка за својот личен стаж, знаења, познавања и начитаност, па благ премин кон детален психоаналитички осврт за нереализираните желби и проекти од детството, потоа за љубителите на спортот има и спортски дисциплини како фрлање камења во далечина, за конечно да се искористи приликата да се истакнат и извесни девијантни појави во нашето општество како нападите и малтретирањето женски лица, односно лица од женски пол, односно најверојатно жени.

Замислете го сега Џон Клиз како ја изговара во еден здив цитираната реченица додека се обидува да ги застраши зајакот-убиец, витезите што викаат „ни“ или некој друг од чуварите на Светиот грал. Е смешно е, ама некој треба да седне и да го напише!

САД се одделиле од Обединетото Кралство, тоа пак, сега се дели од ЕУ. Може ние да се зезаме колку сакаме, ама овие две делби се повеќе или помалку завршена работа. Особено онаа првата. Некој ќе рече толку мал свет, а толку многу делби. И потоа ќе ја запознае Македонија.

Ние уште не сме ни почнале со одвојување. Овде прво треба да се одвои државата од партијата, па потоа партијата од судијата, па судијата од судот со кој претседава, па претседателот на судот од своето разуздано его и најпосле, да се одделат раководителот на човечки ресурси и портпаролката фатени за гуша, па ако сево ова претходно успешно се заврши, да се одвои скршениот инвентар од тој што и натаму може да се користи, зашто, гледаме од скечевиве, страда и мебелот.

Како и да е, сега читаме дека 15 судии од Кривичниот суд, зад кои веројатно „стојат фијаско проекти и нереализирани желби“, напишале писмо во кое се жалат на Панчевски. Тоа е таа македонска љубомора. Човеков е успешен, ја крена посетеноста на веб страницата на Судот како зграда во Центар и што ти е Македонче, сѐ ќе ти прости – само успех нема да ти прости. Почнаа колегите од завист да му пуштаат кривични пријави, ќе пукнат од љубомора на неговите успеси како комичар и на големата популарност како градител.

Поради големата популарност и на барање на бројните фанови, комичарот, а повремено и кривичар, Панчевски, мораше да си отвори свој блог, кој многумина погрешно го сметаат за официјална веб страница на Судот

Слушам деновиве и некои логични размислувања на луѓе во врска со случајот „Панчевски“. Еве вчера вторник, бесплатен ден за пензионери во автобусите на ЈСП, можност за страсна политичка дебата, во која обично еден возрасен симпатизер на владејачката партија ги малтретира сите останати во автобусот.

– Го гледам овега, Доналда Трампа, прецедател шо стана, еј во опозиција ко бил го остајле да изгради толкава зграда од сто ката и то на Менхетен најскапо кај шо се комуналии, а нашиов овега, судијава што е, како го викаат, му рушат два ката, и то на власт шо е. Кај го има ова, море, нигде го нема – се жали пензионерот на уривањата и деструкцијата во нашето општество.

Се жали и Панчевски. На својата претходничка Лидија Неделкова, сега претседателка на Врховниот суд. И на тајните заговори против него. Вели дека ова му е веќе чудно, не му е ни смешно. „Нема ден да нема некоја монтировка. Само знам дека ништо не е случајно. Не беше случајно ни интервјуто на претседателката Лидија Неделкова во кое изнесе критики кон мене.“

Јас сум сто насто сигурен дека интервјуто на Неделкова за „360 степени“ на Алсат не е случајно. Не верувам во приказните дека судијката случајно поминувала покрај Алсат, така со ќесите од Бит пазар, па си рекла дај да видам што прават овие во Алсат, па чиста коинциденција налетала баш на Васко Попетревски во студио и спонтано дала интервју. Тие приказни на друг да му ги раскажувате, не ви проаѓаат кај Панчевски. Тоа интервју е договарано, и тоа најмалку два-три дена претходно.

Олку дека ќе се расипат луѓево околу него, не очекуваше ни самиот Панчевски. Во интервју непосредно откако е избран за претседател на Кривичниот суд во 2012 година, за Неделкова ќе рече: „Можам само да кажам дека беше одличен раководител и слободно можам да ја наречем судија на новата ера… е сега, во секоја професија има луѓе кои пружаат отпор на новите трендови и на времето што доаѓа“.

Не мислат веројатно луѓето дека денес токму Владо е оној што во неговата професија пружа отпор на новите трендови и на времето што доаѓа. Па и да мислат. Можат колку сакаат да го оспоруваат како кривичар и како претседател на Судот, но никој не може да оспори дека отсекогаш го имал тој талент за комичар. Нема подобар доказ од насловот на цитираното интервју: „Дури со најдлабоката фантазија, не можам да си претставам какви пазарења би правела политиката“.

Навистина, колку длабока треба да ти е фантазијата за да си претпоставиш какви пазарења прави политиката во судството? Дали треба да ја имаш бујната фантазијата на Џон Клиз и пајташите од „Монти пајтон“, па да си замислиш дека Светиот грал на македонското правосудство е украсен со кристали „сваровски“? На крајот, колку треба да ти биде расипана фантазијата за да веруваш дека како дух излезен од тефтерчето на Горде, покрај желбите на газдите од власта, ќе можеш да си оствариш и некоја желба за себе во центарот на Скопје?