Пратеници или затвореници

Убедувањата на Груевски дека кризата ќе заврши само ако ВМРО-ДПМНЕ освои 63 пратеника, потсетува на вицот за детето, кое бара од таткото да му ја објасни разликата меѓу зборовите „фактички“ и „фиктивно“. Тој го праќа синот да ги анкетира невработените мајка и сестра, дали би спиеле со некого за 1.000 евра. Откако двете одговориле потврдно, со низа егзистенцијални оправдувања за таквата срамна одлука, таткото му објаснил на синот: „Значи, сега фиктивно имаме 2.000 евра, а фактички две проститутки“.

И самиот „виц“ е дел од сетот балкански стеротипи дека чесноста на овие простори е резервирана за машкиот пол, но и доволно илустративен за хипокризијата во која се произведуваат – преку поведението на разни политички врхушки, корисници на разни (не)социјални „туарези“, низ чии прозорци летаат употребени презервативи наменети за празнење од наводните демохристијански вредности.

Тоа е „разликата“ и во случајот на величествените 63. Нудат програма на 500 страници поткрепена со фиктивни милиони евра, а фактички на сцената е истиот компромитиран изведувач на работите, на кого претходните проекти му се индицирани со тежок криминал.

Истиот тој повторно нуди планини и долини, става на маса фиктивни фактури со многу нули за возвратената изборна љубов од гласачите, за да добие 63 фактички пратеници. И тврди дека единствено тоа ќе значи крај на кризата. Колосална лага.

Нудат програма на 500 страници поткрепена со фиктивни милиони евра, а фактички на сцената е истиот компромитиран изведувач на работите, на кого претходните проекти му се индицирани со тежок криминал

Нека им го објаснат тоа на пратениците од ЕП кои се во Скопје – Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан. Нека им кажат дека кризата нема да заврши со реформите по житието на Прибе, туку со 63 великомаченици на ДПМНЕ во парламентот. Па, дури и синот на Панчевски да го прашаат, ќе им каже дека фантазијата за 63 пратеника е сон за апсолутно помножување на СЈО со „нула“ и бегање од правна одговорност.

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ и да добие 103 пратеници, тоа на никаков начин нема да ја запре кризата, се додека нема одговорност за криминалот, иако тие упорно се надеваат на спротивното. Причината е позната, а болеста одамна дијагностицирана: врвот на ВМРО-ДПМНЕ излезот од кризата го поистоветува исклучиво со излезот од сопствената агонија.

Не им требаат толку пратеници за да не бидат уценувани, туку за да обезбедат натамошна тиранија од страна на нивното мнозинство, што ќе ги направи недопирливи за правдата и за малцинството. Тоа е нивното децениско патолошко разбирање на „можностите“ на победникот, кој треба опозициското малцинство да го остави без никакви права, за да биде неопходен сувенир во собраниските клупи, а судството да остане демократски декор во нивниот илиберален пашалак.

Бројката што ја бркаат е крунски доказ дека партијата и натаму изборите ги доживува само како исход од револуција, по која победникот зема се во свои раце: правдата, следењето, контролата и злоупотребата на медиумите, на јавниот простор, како и инсталирање на партиската вистина на ниво на единствена одобрена политичка религија.

Тоа е нивната методологија со која треба да ја поткрепат нивната цел: апсолутна владејачка моќ, наместо институционализирана, контролирана и санкционирана власт. А за да го постигнат тоа, нивниот модус операнди е емитување противречни пораки и ширење разни видови сомнеж и страв меѓу граѓаните од внатрешен и надворешен непријател.

Откако „жолтите комбиња“ и во нивните редови се прогласени за трула штица на која е многу ризично изборно да се гази, решија нивните политички промашувања и изведениот државен удар врз слободата, демократијата и приватноста на граѓаните, да ги маскираат со одбрана на државата од федерализација. Но, на тој план ВМРО-ДПМНЕ и нема многу работа, бидејќи начинот на кој оваа партија ја разбира „федерализацијата“, е веќе завршен, со нејзин придонес и со фрлање магла на разликата меѓу фиктивното и фактичкото.

Откако „жолтите комбиња“ и во нивните редови се прогласени за трула штица на која е многу ризично изборно да се гази, решија нивните политички промашувања и изведениот државен удар врз слободата, демократијата и приватноста на граѓаните, да ги маскираат со одбрана на државата од федерализација

Така, кога Груевски во елегантниот црн капут ќе застане на бината во стил на Големиот Гетсби, ако сака да ги увери присутните дека не ги третира како стадо овци меѓу кои мора да трча за резултат (како што е раскажано преку изборниот спот „Атлетичарот“), ќе мора да признае неколку клучни работи, за кои сведочат документи на Викиликс, но и крајните ефекти во политичката практика: дека тој е во тежок расчекор меѓу она за што фиктивно ги обвинува другите, а кое фактички тој го реализирал.

Прво, тој е лидерот кој 2007 година му ветил на Али Ахмети дека ќе предложи во Собранието закон со кои ќе се овозможат социјални пакети (социјална помош и вработувања за борците од ОНА, и закон за употреба на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија, но дека „македонската Влада јавно ќе негира било каква улога во таков договор“.

Второ, во негов мандат бранителите и нивните семејства мораа да ја враќаат оштетата добиена по судски пат за последиците од конфликтот во 2001 година.

Трето, тој е лидерот (во документот од Викиликс опишан како личност со „авторитарни тенденции“), кој имал намера да го смени Уставот, за да може претседателот повеќе да не го избираат граѓаните, туку директно Собранието, на што Вашингтон се спротивставил, со оценка дека тоа е преголем ризик за кревката демократија во Македонија.

Четврто, токму неговата партија, преку актуелниот носител на листа во ИЕ 5, Антонио Милошоски, барал од амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, да влијае на извештајот на ОДИХР за изборите, за да се констатира дека проблеми имало само во 1-2% од избирачките места, „главно во етнички албански области, кои не ја одразуваат сликата за Македонија како целина“.

Петто, токму амбасадорката го советувала дека таквите сугестии се несоодветни, бидејќи Македонија е една држава и „дека Владата преку бегање од одговорноста за спроведување на законите и гаранцијата на еднакви права на целата територија, придонесува за идејата за сепаратизам“.

Шесто, токму мнозинството на Груевски донесе амнестија за хашките случаи, преку таен договор со „индијанците“ од ДУИ (термин од нив употребен во „бомбите“), спротивно на започнатите постапки и на препораките на Комитетот за тортура, а во интерес на политички пазар за министерски места.

Седмо, благодарение на тој таен договор на Груевски со Ахмети, лидерот на ДУИ триумфалистички констатира дека „после 108 години по Крушевската република Албанците го добиваат ресорот одбрана“, а Груевски се одушевува колку е тоа јако за пи-ар на Ахмети пред неговите. Во исто време, на роднините на исчезнатите од Непроштено кои протестираа пред Собранието, не им беше дозволен дури ни влез во „народниот дом“.

Осмо, благодарение на тајните договори за националистичка мобилизација преку  меѓусебни провокации со разни симболи и градби – црква на Кале, крстови и двоглави орли, одамна заврши загриженоста на Ахмети (презентирана од Викиликс) дека Сашо Мијалков имал контакти и желба да испрвоцира албански елементи во Македонија со цел да направи проблеми, кои Мијлаков потоа би ги искористил за да оправда големи акции, против албанската заедница. Таа загриженост одамна се претвори во љубов од лукративни причини.

Фантазијата за 63 пратеника е сон за апсолутно помножување на СЈО со „нула“ и бегање од правна одговорност

По дестегодишно гоење на таков первертиран организам – криминално-клерикален- -посткомунистички-националистички монструм, и по погрешниот вектор во кој се движи целото општество, 63 проточни бојлери низ кои тече ваква лицемерна, мафијашка и лукративна политичка стратегија, се само рецепт за продлабочување на кризата. И ништо повеќе од тоа.

Обидот на оваа партија на тој пат да се самоидентификува со народот и Македонија, исто така е врвен антидемократски чин, бидејќи народот го гледа како една органска целина во која нема, ниту смее да постојат различни мислења. Со тој став ДПМНЕ неповратно се презентира како предводник на една аморфна маса од неважни, безимени и немислечки субјекти, учесници во трагедијата во која еден неодговорна личност со неговите најблиски роднини и партиски соработници, сите со очигледно пореметени мерила, пледираат и натаму да раководат со животот на милиони жители.

Да ги признаеја грешките, да покажеа подготвеност за соочување со политичката и правна одговорност, да побараа прошка од граѓаните, можеби и некое нивно ветување сега ќе фатеше корен. Не само што го сторија тоа, туку лежерно си продолжиле да прислушуваат, да местат и да вработуваат по истите незаконски теркови.

И бесрамно очекуваат дека оние кутри заплашени луѓе што ги разместуваат по плоштади како пешаци на шаховска табла, ќе бидат гаранција за изборна жетва.

Поминува времето на одрекување од слободата под разни изговори – од светски до внатрешни заговори, заплашувања со ендеци и други демократски методи.

Да тие методи се уште се на сцена, ама со издишан ефект, и заедно со информации колку спакувани куфери „на готовс“ си чуваат некои функционерите зад врата.

Според „принципот на конвертибилност“ во вакви случаи, граѓаните не прашуваат само колку пратеници ќе има ДПМНЕ, туку и колку затвореници.