Срцето на македонскиот народ

Некаде прочитав дека на саботниот митинг пред Владата на Република Македонија се собрало срцето на македонскиот народ. Сега, не може баш со некоја прецизна сигурност да се тврди дали тоа било срцето, или бубрегот, или некој трет орган на македонскиот народ, но еве да кажеме ако е во право патетичниот автор што митингашите ги споредува токму со срце, тогаш мора некој да му каже дека срцето пумпа со сѐ послаб капацитет.

Не е во прашање тука излезноста, односно бројноста на оние што присуствуваа на митингот, туку повеќе е прашање на крвните зрнца, нивниот квалитет и на вените и артериите, односно патиштата низ кои таа крв евентуално би се артикулирала.

Ако сакаме да продолжиме во стилот на споменатиот автор, тогаш можеме да кажеме дека слабокрвноста и слабиот пулс произлегуваат од фактот дека срцето се собрало и тоа не онаму каде што му е место, туку токму пред зградата на Владата. Собрано срце не создава соодветни здравствени ефекти. Тоа е повеќе метафора на исплашеност, стеснетост, скржавост… Од друга страна, ниту проширеното срце не произведува пожелни ефекти. Напротив. Отчукувањата се бавни и пулсот е сѐ послаб.

Не е познато од каде произлегуваат овие поетски вознеси кога е во прашање еден политички митинг, но со оглед дека зборовите значат нешто, или би требало да значат, секоја ваква политичко-поетска екскурзија заслужува барем бегло внимание. Имено, во богатата македонска историја на политички митинзи и бројните метафори и вдахновенија што тие ги предизвикувале во зависност од политичките сфаќања на авторот, не можам да се сетам дека срцето било употребено за споредба со масата луѓе, главно донесени со автобуси и други превозни средства од македонските пустелии.

 За волја на вистината, оваа метафора, ако воопшто се користи, тогаш се употребува за иселените граѓани на оваа држава, и тоа главно последните две децении. Основана претпоставка е дека овие бранови иселеници, за разлика од печалбарите од претходниот век, се регрутираат од високообразованите кадри и од она што би требало да биде вистинската супстанција на една земја.

Токму масовните иселувања, всушност, се главната причина за намалениот крвоток на срцето на македонскиот народ. Или можеби авторот на текстот разбрал нешто што ние не го знаеме – дека токму дијаспората се вратила на родната грутка за да го одбрани вековното име! Тоа, сепак, не ќе да е премногу веројатно, затоа што најголемиот број иселени млади луѓе се токму во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, организаторот на саботниот митинг. Или можеби македонскиот народ има две или повеќе срца, кои проработуваат во зависност од потребите на моментот.

Ако за метафората „срце“ се користи фактот дека меѓу митингашите не беше забележен Никола Груевски, доскорашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и за многумина поддржувачи на оваа партија – жив светец, тогаш излегува дека Груевски во суштина бил своевиден тромб, кој морал да се отстрани за да може срцето да бие во непречен и воедначен ритам

Ако пак, се мисли на оние што себеси се доживуваат како антички Македонци, повторно станува збор за промашена теза, затоа што античките, та Македонци, та Грци, та Римјани или Кинези, Месопотамци, Асирци или што и да се, природно се осудени на изумирање. Конечно, имаме примери и од не толку античката историја и не од премногу далеку на пропаста на овие концепти.

Ако пак, за метафората „срце“ се користи фактот дека меѓу митингашите не беше забележен Никола Груевски, доскорашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и за многумина поддржувачи на оваа партија – жив светец, тогаш излегува дека Груевски во суштина бил своевиден тромб, кој морал да се отстрани за да може срцето да бие во непречен и воедначен ритам.

Некои тврдат дека не го виделе Груевски, ама затоа го забележале Сашо Мијалков како го набљудува митингот од „височина“, односно од балконот или прозорецот од некоја соседна зграда. Така работите стануваат појасни: мозокот е секогаш над срцето и практично ја контролира неговата работа.

А што правеше премиерот и претседателот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, додека пред неговото работно место срцето на македонскиот народ аритмираше во тактот на „Едно име имаме“? Па, нормално, беше во Струмица и славеше 25 години матура. Наместо да оди во Преспа и да го чека грчкиот колега Ципрас.

Кога сме веќе кај Преспа, забележавте ли дека веднаш откога Христијан Мицковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, луцидно забележа дека Преспа е убав град, Преспа ја погоди – убав град. Не сум ја видел уште новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, која е онака антички и оригинално наречена „Нов завет“, ама не се сомневам дека во неа пишува дека еден ден Месијата ќе каже дека Преспа ќе ја погоди убав град. А можеби има нешто и за некаков библиско-македонски политички потоп? За илјадагодишните дождови веќе имаше нешто во Стариот завет.

И сега замислете ја ситуацијата: Заев игра на музика на песната „Во Струмица на улица“ или можеби на некоја од Цеца Ражнатовиќ и носталгично се сеќава на плановите од пред четврт век за сопствената иднина, а во неговата канцеларија телефонот ѕвони ли ѕвони. Пред зградата каде што работи илјадници луѓе нешто викаат и телефонот не може да го слушне ниту дежурниот службеник.

А можеби е и вака: Заев му вели на дежурниот во Владата (на пример Рашковски) веднаш штом слушне дека ѕвони телефон, да го пренасочи повикот кон неговиот мобилен. Овој го пренасочува, ама музиката на Цеца е доволно гласна, Заев да не го слушне својот телефон. Или уште полошо: го исклучил телефонот за да не ја вознемирува класната кога ги прашува своите некогашни ученици што направиле со своите животи.

А од другата страна на жицата Ципрас размислува: „Туф, ми пропадна викендот во Преспа. Ајде, можеби ќе се погоди некое зимување во Маврово“.

Порано метафората за македонското традиционално доцнење зад светот беше доцнењето да се качиме на возот (од АВНОЈ наваму), а отсега, се чини, ќе биде дека не сме го слушнале телефонот.

А телефонот прави ѕрррр, ѕрррр, ѕррррр…