Извештај

Аеродромите во Скопје и во Белград, центри за нелегални активности

Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, ГИ-ТОЦ, невладина организација со седиште во Женева, во понеделникот објави извештај, во кој предупредува дека балканските аеродроми се ранливи на организиран криминал и дека аеродромите во Белград и во Скопје се регионални центри за недозволени активности.

Меѓу криминалните активности, ГИ-ТОЦ наведува и криумчарење мигранти и стоки, трговија со луѓе, но и пратки со нелегални дроги и хемиски прекурсори.

Во извештајот се истакнува дека на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград се извршени заплени на кокаин, кој пристигнувал од Латинска Америка, главно од Доминиканската Република, Еквадор, Боливија и од Перу.

„Во 2015 година, на пример, српските власти открија дека во куфер на бразилски државјанин имало 8,5 килограми кокаин, што е најголемо количество досега откриено на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Во 2018 година, сличен случај имаше и на скопскиот аеродром: цариниците запленија речиси 2 килограми кокаин скриен во куферот на венецуелски државјанин“, се истакнува во извештајот.

Аеродромот „Никола Тесла“ во Белград се наоѓа блиску до три европски патни коридори клучни за незаконски проток на дрога и луѓе низ Западен Балкан: Е-70 што ја поврзува Хрватска со Романија, Е-75 што ја поврзува Македонија со Унгарија и Е-763 што ја поврзува Црна Гора со Србија.

Во извештајот се вели дека шверцот на дрога во личен багаж преку Меѓународниот аеродром Скопје е релативно мал и затоа веројатно е прилично несофистициран.

„Каргото е поинаква приказна, сепак, и во однос на вклучените количества и во повеќекратните чекори на синџирот на снабдување, кои се изложени на криминална експлоатација“, се вели во извештајот.

Исто така, се истакнува дека во февруари 2022 година, турската царина и македонската полицијата спровеле заедничка операција што довело до откривање на 1,05 килограми 1-фенил-2-пропанон, хемикалија прекурсор што може да се користи за производство на амфетамини и метамфетамини вредни околу 50 милиони евра.

Пратката била испратена од Шангај и преку Истанбул стигнала до Скопје по воздушен пат, а крајното одредиште била Западна Европа.

Како резултат на тоа, биле уапсени двајца државјани на Северна Македонија, наводно поврзани со меѓународна организација за трговија со дрога.

Во извештајот, исто така, се тврди дека има докази за корупција на балканските аеродроми. Почнувајќи од ситно мито понудено на персоналот за безбедност на аеродромите, корупцијата стигнува сѐ до злоупотреба и лошо управување со јавните средства од страна на високи функционери и менаџери.

„Корупцијата, не само што претставува дополнителен трошок, туку влијае и врз развојот на инфраструктурата поврзана со воздушниот сообраќај. Во 2018 година, на пример, медиумите објавија вести за српски бизнисмен, кој двапати бил обвинет за шверц на цигари (но подоцна ослободен од сите обвиненија) за кој е познато дека има врски со наводен нарко-бос, кој требаше да заработи милиони од проширувањето на белградскиот аеродром“, се констатира во извештајот.

Наводите се однесуваат на контроверзниот српски бизнисмен Станко „Цане“ Суботиќ.

Извештајот, исто така, тврди дека доказите покажуваат дека аеродромите на Балканот се појдовни точки за жртвите на трговија со луѓе, кои главно се испраќаат во Западна Европа за сексуална експлоатација.

„Кога се во прашање илегалните мигранти што се уапсени при пристигнувањето на балканските аеродроми, нивните земји на потекло – како што се Виетнам, Бангладеш, Индија и Пакистан – сугерираат дека овие аеродроми се последниот чекор од маршрутата и дека постојат шеми за криумчарење мигранти за снабдување на неформалната работна сила во индустрискиот, земјоделскиот и во туристичкиот сектор во регионот“ .

Проценките на ГИ-ТОЦ беа извршени на аеродромите во Белград и во Скопје, во периодот од ноември 2022 година до јануари 2023 година. Беа вклучени интервјуа со повеќе од 20 аеродромски експерти, вклучително и претставници на царината, граничната полиција, државната полиција, обвинителствата и приватни безбедносни компании. Исто така, беа вклучени претставници на логистички компании, меѓународни експерти за воздухопловна безбедност, академици и новинари што известуваат за недозволена трговија преку аеродромите.