Дванаесет жртви на војната беа погребани во Меморијалниот центар Камичани во Козарац. На погребот присуствуваа бошњачкиот и хрватскот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ.
Посмртните останки на жртвите, неодамна беа ексхумирани од масовни гробници на Кориќанске стијене, Томашица, Храстова главица, како и локации во Козарац.
Оваа година погребот на жртвите од регионот на Приедор, кој се одржува секоја година на 20 јули, кога се погребуваат посмртните останки на жртвите пронајдени во меѓувреме, се совпадна со празникот Курбан Бајрам.
„Нашата бајрамска радост е помешана со тага“, рече првиот човек на Исламската заедница на БиХ, Хусеин Кавазовиќ.
„Поминаа цели 29 години, а ние сè уште одржуваме погреби и само господ знае уште колку време ќе помине, пред да ги закопаме сите. Сѐ додека нашиот последен брат, сопруг, сестра, мајка, не бидат спуштени во босанската земја“, додаде тој.
Обраќајќи се на собирот, Кавазовиќ нагласи дека сторителите не покажале знаци на каење.
„Вакви злосторства може да извршат само луѓе без вера, морал и срам. Наша работа е да бараме правда и да бидеме обвинители, да впериме прст кон убијците“, додаде тој.
Најмладата жртва што денеска беше погребана е Фикрет Марошлиќ, кој имал 21 година кога бил убиен. Неговиот татко Химзо, кој имал 47 години кога го убиле, беше погребан заедно со него.
Двајцата биле убиени во 1992 година на Кориќанске стијене, место на кое силите на босанските Срби построија Бошњаци од регионот на Приедор на работ на тамошната бездна и ги застрелаа.
Во регионот на Приедор во 1992 година беа регистрирани серија напади на силите на босанските Срби.
Мирсад Дуратовиќ, поранешен логорски затвореник, изјави дека во Приедор биле убиени 3.176 лица и дека сѐ уште се трага по многу посмртни останки.
„Процесот на пронаоѓање на нови посмртни останки е запрен во последните неколку години. Немаме информации (каде тие се наоѓаат)“, истакна Дуратовиќ за ТВ Н1.
За злосторствата во регионот на Приедор, Хашкиот трибунал и Судот на БиХ осудија вкупно 38 лица.
Тие беа осудени на вкупно 628 години затвор и на две доживотни казни затвор, изречени на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.