Регион

БиХ: Осудителна пресуда за злоставување на цивили

Населбата Грбавица во Сараево, во март 1996 година. Фото: Стејси Висковски/Министерството за одбрана на САД

Кантоналниот суд во Сараево го осуди Вељко Папиќ, воен командант на третата чета на првиот баталјон на сараевско-романискиот корпус на ВРС, бидејќи за време на војната во Босна и Херцеговина, давал наредби, цивилите од несрпска националност, да извршуваат тешки задачи на фронтовите околу опколено Сараево, со што им го загрозил животот.

Папиќ беше прогласен за виновен за злосторства над цивили во сараевските населби Грбавица и Ковачиќи, во 1993 и 1994 година, потврдија денеска за БИРН од Кантоналниот суд.

Во пресудата, која беше донесена на 18 јануари, но сè уште не е објавена, се вели дека Папиќ присилувал цивили, припадници на работен вод, да вршат тешка и понижувачка физичка работа, најчесто на фронтот, при што биле и психички малтретирани.

Цивилите не смееле да ги одбијат задачите, плашејќи се за себе и за животот на членовите на нивните семејства, бидејќи биле под закана дека ќе бидат убиени, се вели во пресудата.

Во неа се додава дека Папиќ им наредил на четворица припадници на работниот вод, да ги тргнат телата на Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, кои беа убиени на 18 мај 1993 година, додека се обидувале да го преминат мостот Врбања, во центарот на градот.

Адмира, Бошњачка, и нејзиното момче Бошко, Србин, по смртта станаа познати како „сараевски Ромео и Јулија“.

Според пресудата, Папиќ им наредил на припадниците на работниот вод да ги отстранат телата на Бркиќ и Исмиќ од линијата на разграничување помеѓу ВРС и Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), во близина на мостот Врбања, „заканувајќи се дека ќе ги ликвидираат нивните семејства во случај на нивно бегство“.

Папиќ беше прогласен за виновен и за принудување на тројца припадници на работниот вод, во пролетта 1994 година, да постават експлозив во зграда на линијата на разграничување, што ја користеле припадници на АБиХ, а под закана дека ќе ги убијат нивните семејства доколку избегаат.

Во пресудата се наведува дека Папиќ, за да ја покаже сериозноста на своите закани, без причина претепал еден член на работниот вод.

Пресудата може да биде обжалена пред Врховниот суд на Федерацијата Босна и Херцеговина.