Адвокатката што ја засапувала жртвата на силување, за БИРН изјави дека затворениците ѝ платиле отштета од 30.000 км (15.400 евра) на нејзината клиентка, што е прв ваков случај во БиХ, во кој сторителите на кои им било наложено да ѝ платат обештетување на својата жртва, тоа и го сториле.
Адвокатката, Неџла Шехиќ, не сакаше да ги именува лицата кои го платиле износот, за да го заштити идентитетот на својата клиентка.
Според неа, имотот на осудените бил заложен како гаранција дека отштетата ќе се плати.
Судот на БиХ, досега донесе повеќе од дваесет пресуди во предмети поврзани со силување и сексуално злосторство, извршени за време на војната.
Од неодамна судиите почнаа, при донесувањето на пресудата, да им наложуваат на осудените да им исплатат отштета на своите жртви, со цел да ја поштедат жртвата од поведување на посебна граѓанска постапка.
Сепак, ова е првпат отштетата да биде исплатена.
Шехиќ посочува дека е тешко да се обезбеди исплата на отштетата којашто судот ја одредил, бидејќи 95 проценти од осудените велат дека или немаат средства или не располагаат со имот.
Механизми ова да се обезбеди, нема.
„Само во случаите кога имотот е ставен во залог и кога се наметнати привремени мерки на ограничување, гледаме ефекти“, вели таа.
Сега кога судот почна да им наложува на сторителите да платат отштета, „тие станаа свесни за опасноста и однапред го продаваат или подаруваат својот имот“, додава Шехиќ.
Таа потенцира дека не се врши адекватна проверка на имотот на сторителите, кои честопати изјавуваат дека нивната финансиска состојба е лоша.
Бакира Хасечиќ, претседател на здружението „Жени, жртви на војната“, потенцира дека сторителите ја префрлаат сопственоста на својот имот на други лица, за да го избегнат плаќањето на надомест.
„Ако имаат некаква совест, ако останало нешто човечно … тие доброволно ќе се согласат да платат отштета, во износ утврден од судот“, вели Хасечиќ.
„Нивниот имот треба да се одземе како крајно решение, иако тие навремено го префрлаат својот имот на трети лица (за да избегнат да го изгубат заради исплата на отштета)“, додава таа.
Ламија Тиро од невладината организација ТРИАЛ, истакнува дека тие го поздравуваат овој пример.
„Го поздравуваме ова како прв случај во кој конечно е исплатена отштета“, нагласува таа.
„Ги повикуваме обвинителите да применат мерки за обезбедување на имотот. Ние ги едуцираме обвинителите, како и адвокатите, на оваа тема, за тие да можат да вложат максимални напори да обезбедат исплата на доделените отштети. Ги охрабруваме другите обвинители да го следат овој пример“, истакна Тиро.