Одбележувајќи го Денот на слободата на медиумите, организацијата Репортери без граници Австрија и ја додели на Балканската истражувачка репортерска мрежа својата годишна награда за медиумска слобода – Сигнал за Европа.
Виенската канцеларија на Репортери без граници објави дека БИРН мрежата е наградена за храбрата истражувачка новинарска работа во Источна и во Југоисточна Европа и за нејзината посветеност кон борбата за човекови права, демократија и правда за жртвите на воени злосторства.
Со наградата и се оддава признание и на Гордана Игриќ, основачката на БИРН, која беше регионален организациски директор до мај 2018, за нејзината работа во основањето на мрежата.
„Почестени сме од ова признание од нашите австриски колеги. Тоа доаѓа во критично време за нашиот регион, каде што медиумите се често оптоварени со политички и бизнис влијанија и со недостиг на ресурси за да известуваат надвор од границите на своите земји“, вели директорката на БИРН мрежата, Марија Ристиќ.
„Наградата ни дава мотивација уште посилно да продолжиме со нашето бескомпромисно известување, и покрај постојаните напади кон нашите новинари“, додаде Ристиќ.
„Благодарни сме и за признанието за нашата основачка, Гордана Игриќ, која имаше визија за слободна регионална медиумска мрежа и го поплочи патот за една нова генерација новинари и уредници што продолжуваат да ги промовираат вредностите на човековите права и на демократијата“, рече таа.
Балканската истражувачка репортерска мрежа е основана во 2004 година како мрежа на организации низ Балканот што ги промовираат слободата на говорот, човековите права и демократските вредности.
БИРН има свои организации во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Романија и во Србија. Работи со свои уредништва и во Бугарија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Словачка и во Украина.
Структурата на БИРН овозможува да се комбинираат локалните знаења со регионалната соработка.
Наградата за медиумска слобода – Сигнал за Европа се доделува секоја година од австрискиот огранок на Репортери без граници, водечка меѓународна непрофитна и невладина организација што го штити правото на информации. Нејзината задача е да промовира слободно, независно и плуралистичко новинарство и да ги брани медиумските слободи.