Вести

Истражувањето за РЕК Битола најдобра сторија за 2019

Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот на Балканската истражувачка репортерска мрежа, Владо Апостолов, ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019, објави денеска Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

„Сторијата открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување
фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на
термоелектраната РЕК Битола. Во истражувањето, новинарот ги обелоденува
милионските загуби за државата поради одложувањето на изборното ветување од
2016 година за државна механизација, која би ја анулирала потребата од ангажирање
приватни фирми да го копаат јагленот. Комисијата истакнува дека новинарот обработил исклучително значајна тема од јавен интерес, поврзана со нетранспарентно трошење буџетски средства. Исто така, жирито смета дека објавувањето на сторијата и реакциите во јавноста придонеле раководството на РЕК Битола да започне постапка за набавка на помошна механизација за ископ на јаглен“, се вели во одлуката на петчлената комисија на МИМ.

Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Сторијата разоткрива злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата, при изнајмувањето станови во Скопје, платени од буџетот.

Катерина Спасовска-Трпковска и Бранислав Закев ја освоија третата награда за анимираната видеосторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во периодот од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, новинарите обелоденуваат бројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења на јавни пари.

МИМ им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска-Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио Слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).

МИМ по 19-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од
2001 година, a oд 2013 наградата го носи името на новинарoт и сопственик на
неделникот „Фокус“, Никола Младенов, кој истата година почина во сообраќајна несреќа.

Ова е втора најдобра сторија на БИРН на конкурсот „Никола Младенов“, претходно БИРН ја доби првата награда во 2016 година за базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, додека две години подоцна БИРН ја доби втората награда за базата на податоци „Странски инвестиции под лупа“.