Вести

БИРН награден за истражувачко новинарство

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Тимот на БИРН со проектот „Скопје 2014 под лупа“ е добитник на наградата „Никола Младенов“ за најдобро истражување во минатата година. Втората награда на конкурсот на Македонскиот институт за медиуми ја доби Билјана Николовска од Телма, а третата награда ја делат Скуп Македонија и Нова ТВ.

Тимот на БИРН Македонија: Тамара Чаусидис, Зоран Ричлиев, Ана Петрушева, Ристе Змејкоски, Мери Јордановска и Владо Апостолов со признанието „Никола Младенов“

Тимот на БИРН Македонија: Тамара Чаусидис, Зоран Ричлиев, Ана Петрушева, Ристе Змејкоски, Мери Јордановска и Владо Апостолов со признанието „Никола Младенов“

Екипата на БИРН Македонија со истражувачкиот проект „Скопје 2014 под лупа“ е добитник на престижната награда за истражувачко новинарство „Никола Младенов“, која по јубилеен петнаесетти пат ја доделува Македонскиот институт за медиуми.

Скопје 2014 под лупа“ (англиски: Skopje 2014 Uncovered) е обемно истражување кое има за цел да овозможи увид во трошењето на јавни пари за контраверзното менување на ликот на Скопје.

Статуетката и дипломата за БИРН Македонија

Статуетката и дипломата за БИРН Македонија

Основата на истражувањето е интерактивната онлајн база на податоци „Скопје 2014 под лупа“ која ги содржи сите договори, набавки, имиња на фирми и автори како и инвеститори од проектот и ја утврдува крајната цена на проектот Скопје 2014. Базата, која е достапна на македонски и на англиски јазик, покрај сумираните податоци, овозможува едноставно вкрстување на податоците од страна на корисникот со цел да се прават длабински истражувања на трошењето на јавните пари за проектот.

На базата на податоци, првично објавена во јули 2015, редовно работи тим од новинари на БИРН Македонија, а таа е основа врз која БИРН објави низа истражувачки стории кои ги откриваат и ги ставаат во контекст многуте злоупотреби и неправилности што го следат овој проект. „Скопје 2014 под лупа“ претставува непроценлив ресурс, отворен за јавноста и историски запис што детално го документира новото руво на градот.

Сите добитници на наградите и признаиијата, со членовите на жири-комисијата

Сите добитници на наградите и признаиијата, со членовите на жири-комисијата

Втората награда ја доби новинарката Билјана Николовска за документарниот филм „Кога здравствениот систем убива дете“, објавен на ТВ Телма. Станува збор за филмувана верзија на серијалот ТВ-прилози за случајот со малата Тамара Димовска, девојчето кое беше болно од сколиоза, а почина чекајќи ги институциите да и’ одобрат лекување во странство.

Третата наградата ја делат новинарот Џелал Незири од СКУП Македонија за сторијата „Во токсичното кралство на Југохром“ и новинарите Горан Ризаов, Сашка Цветковска и Борјан Јовановски за серијалот текстови за „Аферата Телеком“, објавени на веб-страницата НоваТВ.

Жири-комисијата додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на новинарите Сашка Цветковска и Владо Апостолов (кој сега е дел од тимот на БИРН) за сторијата на тема „Русинот Самсоненко во приказната – Инвест ин Маседониа виа Белизе“, Петар Клинчарски за сторијата на тема „Набавка на кинеските палми во Македонија“, објавена во емисијата „КОД“ на ТВ Телма и на Сузана Мицева за серијалот ТВ-прилози на тема „Мигрантската голгота низ Македонија“, објавени на ТВ Телма.

Покрај наградите, жири комисијата издвои и неколку новинарски истражувачки стории кои заслужија да бидат истакнати, меѓу кои и сторијата на Анета Додевска „ХХХ евра: За колку ги купивме странските инвеститори“, која како дел од повикот за истражувачки стории на БИРН беше објавена на нашата онлајн-публикација „Призма“.