Актуелно

Бис за Груевски пред Влада: „Нема оставка, Никола!“

Малку познати ликови во првите редови | Фото: БИРН

Иако Никола Груевски пред само неполни два дена најави оставка од претседателското место во ВМРО-ДПМНЕ, тој денеска ни најмалку не звучеше како лидер во заминување.

Четириесет и пет минути им зборуваше на околу три илјади поддржувачи пред Владата во Скопје, кои попладнево маршираа од Министерството за правда до „Илинденска бр.2“ во знак на протест поради притворените учесниците во собраниските напади од 27 април, познати и како Црниот четврток.

Стандардна иконографија на собирите што ги организира ВМРО-ДПМНЕ | Фото: БИРН

Бате Геле и поддржувачите на Ќосето | Фото: БИРН

Публиката неколку пати го прекинуваше скандирајки, „Нема оставка, Никола!“, а тој неуморно и во детали елаборираше околу „апсењата и реваншизмот“ и целата политичка состојба во државава, од судство, преку медиумите па сè до економијата и странските инвестиции, како да е тазе избран лидер на партија, која, пак, најмалку два-три мандати глава не може да дигне во опозиција.

Немаше дилеми ниту кај пратеникот Крсто Јовановски. Тој пред Владата го најави Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ и порача дека денеска, на 3. Декември 2017 е „почетокот на крајот на хунтата на власт“.

Лидерот, пак, откако заедно со сите од збор до збор ја испеа државната химна – „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“, се упати на бината од првите редови, каде можеа да се препознаат само бившиот пратеник Александар Николоски, сегашниот генерален секретар Христијан Мицковски и Коце Трајановски.

Влатко Ѓорчев и Емил Димитриев беа нешто поназад.

Груевски свртен со грб кон владината зграда

Барокниот творец, пред барокниот дворец | Фото: БИРН

Никола Груевски зборуваше пред зградата од која „палеше и гасеше“ цела декада и можеби триесетина пати во својот говор го спомна зборот неправда.

Неправда било тоа што власта втерувала страв кај народот, дивеела и нанесувала само штета во изминативе шест месеци, а и самиот тој очекувал барем нешто повеќе од оваа, како што ја нарече, марионетска влада.

Медиумите биле постојано под закани од СЈО и од регуларното обвинителство, oсобено оние што биле видливо критични кон кабинетот на Зоран Заев, сме имале министер за пропаганда, кој, пак, управувал со цела армија платена со парите на граѓаните и која имала задача „да ги оправдува политиките на СДС“.

Неправда било што во Владата се ангажирале шарените платеници, тендерашот и мултимилијардер Кочо Анѓушев и оние 1.600 ангажирани по Раковен кои не работат, а земаат плата и за кои „непрокопсаниот Рашковски“, иако ветувал, ништо не направил.

Поддршка за притворените | Фото: БИРН

Се пееше „Излези момче право на тераса“ | Фото: БИРН

Не ги заборави 10.000 мигранити од Африка и од Азија, неуставниот закон за јазици и криминалните избори на кои притискала партиската полиција на Оливер Спасовски и се полнеле кутии.

„Заробена држава“, заклучи Никола Груевски.

Зборуваше за странските инвеститори што ги избркала новата влада, за тоа дека автопатот Демир Капија – Смоквица намерно не се пушта во употреба, за да заборават граѓаните дека ВМРО-ДПМНЕ го изградила, за граѓаните што се иселуваат од државава и за новиот долг, кој според него, годинава ќе достигнел 700 милиони евра.

И откако 40 минути ги напаѓаше своите политички противници, нарекувајќи ги хунта, на крајот од својот говор побара национално помирување, кое би се случило на тој начин што власта би го прифатила Законот за амнестија на учесниците во настаните од 27 април.

„Овој реваншизам не нè води никаде“, заврши Груевски.

И ќерката на Чавков на бина

„Татко ми не е терорист“, Зорица Чавкова

Вечерва пред Владата зборуваше и Зорица, ќерката на притворениот ексиминистер за внатрешни Митко Чавков.

Таа порача дека нејзиниот татко, како и сите други притворени не се терористи, дека е горда на свое презиме и на тоа што нејзиниот татко го работел, потсетувајќи се дека поради неговиот триесет годишен ангажман во МВР често семејството било под закани.

„Кога влегоа во нашиот дом го најдоа само телефонот на татко ми и неговиот службен пиштол. Тоа ли е доказ дека е терорист?“.

На протестот немаше партиски знамиња, само македонските, она официјалното и она со Вергина и по некое црно со ликот на Ќосето.

Се пееја патриотски песни, а репертоарот одеше од „Послушајте патриоти“, па сè до „Излези момче на тераса“.

Пред Министерството за правда се собраа луѓе од повеќе града од Македонија, а таму ги пречекуваше неизбежниот Бате Геле, кој овој пат, наместо јакна со ликот на Сашо Мијалков, носеше блуза со ликот на Никола Груевски.