А вам ви се гади ли?

Кога имав 15 или 16 години прв пат ја слушнав приказната за извесен македонски мангуп во турско време. Ја слушнав од еден постар човек еден убав пролетен ден. Мангупот се одѕивал на името Митре. Говорел неколку јазици, дијалекти, знаел македонски, албански, грчки, влашки, еврејски и се разбира официјалниот јазик на големците –течно го говорел турскиот јазик.

Митре бил прекрасен прокопсаник и често знаел дури и да прави добри дела, посредувал при собирање арач, гарантирал за фиљан луѓе. Митре бил локален херој, кој во одредена временско-географска констелација би бил одличен дипломат.

Низ годините тој стекнал многу пријателства, се зборува дека бил единствениот каур кој можел да влезе кај валијата во Битола во кое било време од денот и годината, онака да ја отвори со нога вратата, што би се рекло. Да замоли за тоа што треба, да гарантира, да даде беса, да смири онаму каде што жестоко треба да се казни, да извади од беаскуле неправедно затворени, да донесе дома татко на децата, да моли да не згасне нечие презиме заради две оки пченица.

Почнале да се шират гласини дека Митре го издава својот народ, дека го кодоши кај турските големци, дека добива злато во замена за крв на сите оние кои го поганат султанот дали со збор или со дела. Една недела го повикал бегот на гозба. Печеле јагне и пиеле вино заедно со Митрета како побратими и како што си личи си ги кажувале маките и искушенијата низ кои поминуваат обајцата.

Бегот тогаш го прашал дали е вистина дека неправедно му накодошил неколкумина есента кои сега веќе гнијат под земја. А Митре се насмеал, отпил од виното и рекол дека не се сеќава, ама дури и да е така и да било така, рекол: Луѓенца, бегу… ако сум ги накодошил неправедно или ако имам нивна крв на рацеве – ќе ги платам, имам азно колку никогаш што нема да можат да потрошат нивните мајки и деца.

Бегот рекол само Пеки и подголтнал. Вечерта им наредил на најблиските војници кога ќе се враќа Митре со тајфата од бачилото, кога ќе слегува со коњите накај селото, сите до еден да ги убијат.

Тие сториле така. Не кажал никому зошто го убил Митрета, се зборува дека му го запленил целото азно кое го чувал во дрвено буре и изградил црква во селото со тие пари која го носела името на светецот на кого бил крстен Митре. Бегот никогаш повеќе немал за свој пријател кој било од поданиците, велат, се затворил во одаите на сарајот и никогаш не излегол оттаму.

Последните протести за Мартин Нешковски дали беа 2011 или веќе 2012 не се сеќавам, мајка ми често знае да ми дофрли: „Цел живот ти за нешто протестираш!“ Знам, седевме на Рекорд долу на асфалтот. Народот се ретчеше од ден на ден. Многумина другарки и другари низ муабет – пред да одам на протест, кога се враќам, на роденден, на слава… ми се смееја, не пакосно туку на зезање, онака, ме дупчеа… Не е да им се љутиш… „Слободата е како чувство за хигиена“, велеше дедо ми. „Ако за мене чаршафов на масава е бел – за баба ти не е. Релативно е кај секого од нас“.

Ми велеа: „Си седите, си пушите цигарчиња, си викате оставка!“ Оставка а? Тој период немав ни работа. Еден мој, ама и нивни ми кажа: „Не пееш во хорот, бе брат, што да ти правам!?“

И се сеќавам на една госпоѓа која ни свиреше забрзана со колата дури седевме долу, веројатно сакајќи да помине низ нас. „Ајде бе, да ви е*ам матер, мрдај те се“ – ѝ се читаше од усните низ шофершајбната.

Мене ми падна небото на глава. Како жежок сач. Душата ми ја спржи. Вербата ми ја испече. Дури и во најблиските ми ја испече вербата!

И се сеќавам, помислив: И јас сум нечиј син. И јас сум нечие дете. Утре може мене да ме снема и никој нема да прозбори. Ова може да биде мајка на мој другар. На моите ќе им е страв. На блиските ќе им е страв да прозборат да не ги изеде помрачина.

Се осетив сам. Сам! Се осетив како волк сам. И оттогаш се смеам! На сите им се смеам и воопште не ми се гади од ништо!

Од ништо! Нит’ се лутам некому, нит’ гнев чувам!

Да се изненадам? Да ми се гади? Да пцујам? Не. Никако!

А вам ви се гади ли?

Не ви се гади од тоа што слушнавте и гледавте низ годиниве – ви се гади од тишината ваша после тоа! Не ви се гади од други – од вас се гади! Како на бегот што му се згадило.

Мене не ми се гади одамна. Напротив. Се смеам кога одам на протест. И не носам гнев за никого и за ништо. Тоа е работа на бегот. Оној бег кој стои заклучен на ридот, нем, ќорав, глув… и не си ја знае рајата. Рајата на која одамна ѝ е јасно дека башибозукот на разно-разни Митревци ги премина сите граници и кај Алаха и кај Бога.