Соочени со долгогодишниот режим чија манифестација беше брутална кога станува збор за човековите права и слободи, а кулминираше со масовното помилување од страна на претседателот на лица осомничени за кривични дела, високи функционери од власта, граѓаните спонтано и масовно излегоа на улиците низ цела држава.
Боењето на спомениците од проектот Скопје 2014 и институциите кои станаа инструменти за бранење на интересите на власта се начинот на кој граѓаните го искажуваат својот револт и една од причините поради кои револуцијата беше наречена Шарена револуција.
Другата причина секако е единството на сите опозиционерски настроени граѓани од различни групи, движења и партии кои се дел од револуцијата.
Доказ за тоа е вчерашниот протест на кој освен што се одбележуваше една година од најмасовниот протест до сега во Република Маскедонија 17 ти мај 2015 година, се одбележуваше и Meѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата.
Без огледа на мотивот за одбележување на вчерашниот ден, граѓаните во своите пораки ја искажуваа целта која ги соедини – заминувањето на оваа власт и враќањето на демократијата во земјата! Шареноликоста на транспарентите на ЛГБТИ заедницата, и пораките за ослободување на земјата од груевизмот, говорат за единството во желбата за ослободување од стегите на режимот кој ги попречи граѓаните слободно да мислат, да се здружуваат и слободно да ја искажуваат својата посебност и различност.
НЕ за молкот кој значи СМРТ! СТОП за насилството кое проаѓаше неказнето, а предизвика правна несигурност за граѓаните и ги попречи во остварувањето на правдата!
Кога човековите права во една земја се наоѓаат на маргините на општеството, единствениот начин да ја вкусиш слободата е да излезеш на улица и гласно да го извикуваш она што режимската чизма те спречувала да го извикуваш.
Улицата е форма на демократија и симболично ослободување на луѓето чија крајна цел е враќање на институциите на граѓаните и враќање на законот и правдата во земјата! ПРОТЕСТИРАМ ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ!